На 7 август е поднесено отворено писмо до пратениците на Собранието на РСМ

ССМ бара 500 евра минимална плата во пресрет на седницата на Економско-социјалниот совет. „Причини за раст на платите има многу, нема простор за изговори“, вели првиот синдикалец, Слободан Трендафилов
Во пресрет на седницата на Економско-социјалниот совет (ЕСС), на која што се очекува да се отворат повеќе прашања околу платите на работниците и пресметката на потрошувачката кошница, синдикатите порачаа дека не се откажуваат од своите барања за 500 евра минимална плата и повисоки плати за сите вработени во Македонија.
Откако Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) го доби решението за репрезентативност, најави дека на седницата на ЕСС којашто треба да се одржи в среда (30.07) ќе го отвори прашањето за 500 евра минимална плата и за 6.000 денари дополнително зголемување на сите други плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, пред средбата ги изнесе ставовите на синдикатот. Вели дека ова е добра можност Владата да покаже дека се грижи за работниците, а пратениците пред локалните избори да донесат брзи законски измени и да утврдат минимална плата од 500 евра.
„Причини за раст на платите има многу – вредноста на синдикалната минимална кошница од јануари 2024 до јануари 2025 година е зголемена за околу 6.500 денари, а по завршување на мерките на Владата истата е зголемена за дополнителни 2.000 денари или на едно семејство му недостасуваат околу 150 евра за овозможување на најосновните услови за живот“, вели Трендафилов.
Втора причина, додава тој, е тоа што 55,7 % од работниците во Македонија, според податоците на Евростат, не можат да си дозволат годишен одмор во траење од 7 денови, ниту во бунгалов во Дојран.
Најниска минимална плата во регионот
ССМ смета дека минималната плата во Македонија е најниска во регионот. „Минималната плата во Србија од октомври ќе изнесува 500 евра или за 100 евра повеќе, минималната плата во Босна и Херцеговина веќе изнесува 511 евра или за 111 евра повеќе, а во Црна Гора минималната плата е 600 со 800 евра или за 200, односно 400 евра повеќе од минималната плата во Македонија“, вели Трендафилов.
Тој апелираше до пратениците од владејачкото мнозинство да смогнат сили и во наредните три дена, по брза постапка да изгласаат вонредно зголемување на минималната плата, оти таквата можност ќе згасне откако Собранието ќе ги распише локалните избори.
На 7 август ССМ поднесе писмо до пратениците на Собранието на РСМ. Во него се вели:
Како што знаете, Сојузот на синдикатите на Македонија на 03.03.2025 година до Претседателот на Собранието и Координаторите на пратеничките групи достави Предлог за минимална плата, по кој, две пратенички групи, односно две политички партии веќе доставија Предлози за зголемување на минималната плата кои за работниците од неразбирливи причини беа одбиени парламентарното мнозинство.
На барање на работниците, Сојузот на синдикатите на Македонија, на седницата на Економско – социјалниот совет одржана на 30.07.2025 година повторно го актуелизираше ова значајно прашање за работниците и за нивниот животен стандард.
Сметаме дека од доставувањето на Предлогот за минимална плата од 03.03.2025 година до денес, има многу причини за дополнително ( вонредно ) зголемување на минималната плата и тоа:
- Прва причина е тоа што вредноста на синдикалната минимална кошница од јануари 2024 година кога истата изнесуваше 57.163 денари, до јануари 2025 година кога истата изнесуваше 63.252 денари, е зголемена за 6.089 денари, а по завршување на мерките на Владата истата е зголемена за дополнителни 2.202 денари или на едно семејство му недостасуваат околу 150 евра за овозможување на најосновните услови за живот.
- Втора причина е тоа што 55,7 % од граѓаните односно работниците во Македонија според податоците на Евростат не можат да си дозволат годишен одмор во траење од 7 денови, ниту во бунгалов во Дојран.
- Трета причина е тоа што минималната плата во Македонија е најниска во регионот, па така минималната плата во Србија од месец Октомври ќе изнесува 500 евра или за повеќе од 100 евра од минималната плата во Македонија, минималната плата во Босна и Херцеговина веќе изнесува 511 евра или за 111 евра повеќе од минималната плата во Македонија, а во Црна Гора минималната плата ознесува 600 со 800 евра или за 200 повеќе од минималната плата во Македонија, односно 400 евра повеќе од минималната плата во Македонија.
- Четврта причина е тоа што пратениците покажаа дека, преку ноќ, без расправа и консултации, го сменија Законот за рабтните односи за удоволување на еден синдикат за истиот да стане репрезентативен, како да е најважна репрезентативноста, а не работничките плати, па можат по истата формула да предложат измени на Законот за минимална плата со кои ќе ја зголемат на 500 евра, а за дополнителни 100 евра ќе се зголемат и останатите плати.
- Петта причина е тоа што минималната плата во Македонија е најниска и со најниска вредност не само од земјите во регионот, туку и од земјите во Европската унија, тоа значи дека е на дното на листата со ЕУ земји што имаат национално утврдена минимална плата, а исто така е на дното и од земјите од Балканот.
Бруто минимална плата во евра (€) во земјите на ЕУ е следната: 1.Луксембург – 2.638, 2.Ирска – 2.282, 3.Холандија – 2.193, 4.Германија – 2.161, 5.Белгија – 2.070, 6.Франција – 1.801, 7.Шпанија – 1.381, 8.Словенија – 1.278, 9.Полска – 1.091, 10.Литванија – 1.038, 11.Португалија – 1.015, 12.Кипар – 1.000, 13.Хрватска – 970, 14.Грција – 968, 15.Малта – 961, 16.Естонија – 886, 17.Чешка (Czechia) – 826, 18.Романија – 814, 19.Словачка – 816, 20.Латвија – 740, 21.Унгарија – 707, 22.Бугарија – 551, а во Македонија – 586 (бруто минимална плата во евра €)
Дополнително, и според куповната моќ (PPS – ПКС) (Паритет на куповна способност), највисоката вредност е 2098 PPS – ПКС Луксембург ( во некои извештаи Германија), а Македонија не спаѓа во ЕУ статистиките за PPS – ПКС на минимална плата, но од податоците на неформалните рангирања (EU и регионот), се оценува дека останува меѓу земјите со најниска куповна моќ, односно најнизок ПКС (Паритет на куповна способност).
Нагласуваме дека Македонија повторно е на дното, што укажува дека минималната плата и по законското усогласување во март 2025 година, сè уште не овозможува пристоен животен стандард.