Природен гас за топланите и за другите потрошувачи ќе се набавува од бугарската фирма „Balkan Utilities“
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2023/01/stabilnost-1024x388.jpg)
ЕСМ Продажба неодамна потпиша договор за снабдување со природен гас за производство на топлинска енергија за топланите Исток, Запад, Енергетика и Скопје Север, како и за останатите потрошувачи на природен гас, пред се поголемите производствени и услужни капацитети.
– Договорот е потпишан со фирмата Balkan Utilities од Бугарија, за испорака на природен гас за месец јануари по цена од 115,97е/MWh. Истата фирма даде понуда за снабдување и до 1.5.2023г., со тоа што ќе дава месечни понуди за цена пред почетокот на секој месец. Досегашниот снабдувач со гас на АД ЕСМ, Макпетрол Пром–Гас, понуди цена од 116,20e/MWh, која не беше фиксирана, односно е подложна на корекции за јануари. Третиот понудувач A.P.M.P. Handels Ges не даде комплетна понуда, соопштија попладнево од ЕСМ Продажба.
Потрошувачите на природен гас во државата потребно е да се обратат до ЕСМ Продажба за понатамошно снабдување за своите потреби од 1.1.2023 година.
ЕСМ Продажба на 23 декември објави повик за прибирање понуди од домашни и странски компании кои имаат можност да ја обезбедат и да испорачаат потребната количина на природен гас. Дополнително била испратена директна покана за понуда до сите активни лиценцирани фирми за трговија и снабдување со природен гас во државата.
Цените на гасот на берзите во Европа паднаа под 850 долари за илјада кубни метри за прв пат од 21 февруари, покажуваат податоците на лондонската берза ICE.
Тргувањето со јануарските фјучерси според индексот ТТФ (најголемата европска берза на гас во Холандија) утринава започна од 882,1 долар за илјада кубни метри и на крајот од денот цената беше 849,68 долари.
Во петокот цените на гасот паднаа под 900 долари за прв пат од 13 јуни.
ЕУ на 19 декември постигна договор за гранична цена за рускиот гас од 180 евра за мегават-час, која ќе стапи во сила на 15 февруари.
Мерката беше воведена за да се заштитат европските домаќинства и бизниси од скокови на цените.
Електропреносниот систем оператор МЕПСО во 2022 година реализира 42,48 отсто од генералниот инвестициски план, што е двојно повеќе од процентот на реализација на инвестициите во 2021 година. За следната година има поамбициозен план и со сопствени средства планира инвестиции во преносната мрежа во износ од 16 милиони евра.
– Состојбата во електропреносниот систем генерално ја оценуваме како одржлива и со минимални отстапувања или отстапувања во рамките на прифатливото така што не очекуваме потешкотии за управување со системот. Очекуваме истиот тренд да продолжи и понатака, изјави генералниот директор на АД МЕПСО Орхан Муртезани.
Посочи дека барањето што го поднеле до Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) за покачување на преносната тарифа за 29,7 проценти од 1 јануари идната година е врз основа на високите цени за покривање на загубите во преносната мрежа.
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2023/01/orhan-murtezani.jpg)
– Ние веќе сме пред склучување на договор со ЕСМ по цена од 220 евра по мегават час за покривање на загубите во системот. Тоа е прилично висока цена која што врши притисок врз нашата преносна тарифа. Притисок вршат и високите цени за електрична енергија за сопствените потреби на управната зграда и сите објекти коишто се во сопственост на АД МЕПСО, меѓутоа и закупот на балансниот капацитет којшто навистина ни прави голем притисок врз расходната страна, посочи Муртезани.
Се потрудивме, додаде, тоа да биде во рамките на прифатливото без да создаваме поголемо покачување на цената.
-Колку и да се зголеми цената на нашата преносна тарифа тоа нема да има влијание над 5 отсто врз вкупната цена на електричната енергија во земјата, потенцира Муртезани.
Во одговор на прашање посочи дека во барањето за цената не се вклучени и долговите што ги имаат компаниите кон МЕПСО поради недозволено повлекување на електрична енергија од системот.
-Тоа не ни претставува трошок, а и да претставува трошок Регулаторот не го зема предвид при изготвување на новата тарифа. Ако некој влече струја од нашата преносна мрежа таа струја ќе треба да се плати и покрие. Доколку страната што влече струја не ја прифаќа таа влечена струја тогаш ние сме должни да постапиме согласно закон и да потегнеме судска процедура, така што има основ таа струја да се наплати. Ние навремено постапивме согласно закон и согласно одредбите од договорот и се блокирани сметките на сите фирми коишто навремено не ги извршуваат своите обврски. Од време на време добиваме и средства, така како што влегува прилив на нивните сметки. Истовремено ги потегнавме и сите судски процедури за тие побарувања да се наплатуваат по судски пат, појасни Муртезани.
До МЕПСО, како што кажа, во моментов стигнуваат 10 пати повеќе барање за приклучоци на обновливи извори на енергија – фотоволтаични и ветерни електрани отколку што реално може да приклучи во системот и да нема проблем со балансирањето на енергијата.
-Согласно новиот Закон за енергетика ние веќе подготвуваме внатрешна процедура со која се обидуваме да создадеме полесен начин за да им овозможиме на брз начин да бидат вклучени посериозните инвеститори коишто сакаат да инвестираат во земјава. Како ние ќе стигнеме до тоа од тој огромен број апликации до тие инвестиции коишто може да се реализираат денес не може тоа да го кажеме. Меѓутоа, правиме се што можеме во склоп на капацитетот за пренос тие извори на енергија да ги приклучуваме колку што е можно повеќе, потенцира Муртезани.