Малку кој обрнува внимание на фактот дека и Мицотакис и Мицковски со подеднаков вординг гледаат во Договорот како капитулација и тоа по исти точки. Нормално, тоа е нелогично, па дури и комплетно противречно, па ова сојузништво едноставно, што вели Ципрас, само со себе се исклучува
Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас во неделата малото село Псарадес или по наше Нивички, ги ставија своите потписи на договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство, во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, јави известувачот на МИА.
Премиерот Заев, во говорот пред потпишувањето рече дека Македонија е горда што одбрала решение што обединува.
ОД СПОР ДО ОБЕДИНУВАЊЕ „Горди сме на овој наш договор. Горди сме зашто се обединивме околу решение на спор којшто нè делеше и избравме решение што нè обединува. Со потпишувањето на конечниот Договор за решавањето на прашањето за името и за стратешко партнерство меѓу нашите две земји – поместивме планини. Тогаш кога многумина се сомневаа, ние потврдивме дека е возможно. Денес ставаме крај на еден спор. Ставаме крај на повеќегодишните разлики што издигнаа ѕид кој ги отежнуваше пријателски односи меѓу соседите“, нагласи премиерот Заев.
Тој упати и порака до противниците на Договорот во двете држави.
„Да се има став е европски манир. Исто како што е европски да се разговара и да му дава шанса на решението низ институционалниот систем на одлучување“, нагласи македонскиот премиер Зоран Заев. Остана неупадливо неговоро цитирање на две мисли на – како што нагласи грчкиот филозоф Аристотел, што многумина на Филозофскиот факултет или веројатно и во МАНУ би ги вознемириле: тие сметаат секако дека овој учител на Алксандар Македонски е и самиот Македонец од Стагира, место на Халкидики! И на овој начин Заев, навлегувајќи во суштината на Договорот се прости од пустѕите антички фантазии на македонската политичка сцена.
Алексис Ципрас понуди алтернатива за идните релации: откри дека е љубител на балканската музика, особено на блех ансамблите, но и на среќните и весели мелодии од регионот и рече дека „дојде време повторно да пееме среќни песни на Балканот“, а денес се прави првиот, смел чекор во оваа насока.
„Една таква нова песна започнуваме да пишуваме овде во Преспа. Нашата цел е оваа песна на радоста да се пее многу векови и од многу идни генерации, на нашиот јазик и на вашиот јазик, во нашата земја и во вашата земја, од нашиот народ и од вашиот народ. Песна што ќе го слави мирот“, рече грчкиот премиер.
ДОГОВОР СО КОЈ ГРАЃАНИТЕ МОЖЕ ДА ГИ ПОГЛЕДНЕМЕ ВО ОЧИ Тој рече дека договорот е патриотски и ги повика граѓаните на двете земји да го прифатат без предрасуди.
„Напорно и неуморно стигнавме до заемно прифатлив договор, кој целосно ги почитува основните принципи и вредности на двете страни, договор кој денес ни дозволува да им се обратиме на граѓаните на двете земји, да ги погледнеме во очи и да ги повикаме да го прочитаат и да го поддржат без предрасуди. Ако душата на секој народ е неговата историја, тогаш во нашиот договор се отсликани душите и на двата народи“, истакна грчкиот премиер.
Нимиц рече дека спогодбата е „правична, чесна и спроведлива“.
На почетокот на следната недела, како што информираат од Владата, на владина седница треба да се усвои законот за ратификација на договорот, по што треба да биде испратен во Собранието, каде треба да биде ратификуван. По ратификацијата следува негово потпишување од страна на претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој најави дека нема да го поддржи ток меѓународен акт.
ВО ИСТА ВРЕЌА Како што веќе сме пишувале двете опозиции и онаа во Македонија и онаа во Грција интензивно си даваат вештачко дишење меѓу себе, пикнати во иста вреќа. Грчките опозиционери настојуваа да влезат во „забранетото село“ во Мала Преспа, се случија судири со полицијата. Велеа, по симнување од автобусите кои ги носеа во Преспас, како се нарекува крајот на грчки, дека тука, на местото на потпишувањето на Договорот е граница на Северна Грција. Полицијата реагираше со солзавец за да ја разбие толпата. Имаше и протести пред Парламентот, далеку од тој спектакл како што го најавуваат
За време на неделното рано попладне во Битола имаше протест на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која не го поддржува договорот и останува на ставот дека нема да даде поддршка за промена на Уставот. Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, станува збор за решение кое е комплетно спротивно на државните и националните интереси на Република Македонија, кое само по себе е капитулација. Не веруваме дека Мицковски е задоволен од одзивот, особено од присутвото на граѓаните во конзулскиот град кои масовно ги посетуваа кафулињата, каде навиваа за репрезентацијата на Србија во мечот со Костарика. По дадениот гол на Коларов, градот се затресол според сведоците, но јасно, не заради говорот на лидерот на вмроовците.
Договорот со Грција инаку е насловен „Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноста на Времената спогодба од 1995 и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните“.
На свечената церемонија на двете страни на Преспанското езеро присуствуваа и високи претставници на меѓународната заедница, медијаторот на ОН во решавање на спорот, Метју Нимиц, потсекретарката за политички прашања на ОН, Розмари Ди Карло, високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ и заменик-претседателка на ЕК, Федерика Могерини, како и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на ЕУ, Јоханес Хан.
ИЗДАЈНИКОТ ОД НОВА ДЕМОКРАТИЈА Во македонската делегација освен премиерот Заев и шефот на дипломатијата Димитров, беа и вицепремиерите – министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Првото големо искушение по повод овој договор викендов го имаше актуелната грчка влада. Опозицијата во Атина побара изгласување на доверба на владата на Ципрас, што и даде можност за тродневна дебата, која таа ја водеше со вординг буквално позамен од Мицковски и братијата му.
Со 153 „против“ и 127 „да” пратениците во грчкиот парламент во саботата сепак го одбија предлогот на Нова демократија да се изгласа недоверба на Владата на Ципрас. За да се изгласа недоверба на Владата на Ципрас гласаше и пратеникот Димитрос Каменос од Независни Грци. Очекувано беше, да се потсетиме, дека Ципрас во рака има најмалку 155 пратеници а доби два помалку при гласањето. Се очекуваше дека Панос Каменас (претседателот има исто презиме како иопортунистот Димитрос) ќе има поделени ставови во самата партија и то ссе случи. Негов најголем непријател беше фактот дека ако падне Владата ќе падне и тој самиот а ако има повторени избори тој нема да влезе одново во Парламентот, според аналитичарите, ќе остане без потребниот цензус и за добивање на макар еден пратеник.
Поради ваквиот став, Димитрос беше експресно исклучен од партијата „Независни Грци“.
Последен во парламентарната дебата говореше премиерот Алексис Ципрас, кој ја критикуваше опозицијата зашто „во позитивен момент за земјата, одлучила да поднесе предлог за да се изгласа недоверба на Владата“.
„Земјата се согласи со ПЈРМ за конечно да го реши тридеценискиот конфликт. Од економска криза и меѓународна изолација, влеговме во ера на динамично економско закрепнување и јакнење на нејзината меѓународна позиција“, кажа Ципрас.
КАЖАЛ МИЦОТАКИС ИЛИ ИВАНОВ, ЕДНО ТЕ ИСТО Ципрас повтори дека ставот на Мицотакис дека „со овој договор ќе се подели Грција, а ќе се обедини Скопје“ е ист со позицијата на претседателот Ѓорѓе Иванов кој го тврди истото само за неговата страна.„Овие две тези не можат да бидат валидни“, рече Ципрас. Исто така, тој ја обвини Нова демократија дека изразила исти националистички ставови како ВМРО ДПМНЕ. За договорот, Ципрас кажа дека е добар и дека во него е само признат фактот дека македонскиот јазик е меѓународно вреднуван уште од 1977 година во ОН и се дефинира како јужнословенски, односно како јазик кој нема никаква врска со античка Македонија.
Договорот е патриотски и ни помага да ги концентрираме силите таму каде што има проблем, рече шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во грчкиот парламент, за време на расправата за гласање недоверба на владата.
Коѕијас објасни дека направен е компромис во решението, бидејќи „само ако победиш во војна, тогаш има договор без компромис“.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, во однос на декласифицираните документи од грчкото МНР, Никос Коѕијас рече дека добил дозвола да бидат искористени. Ги анализираше понудените предлози на Нимиц (Вардарска Македонија, Горна Македонија, Македонија – Скопје, Северна Македонија) и рече дека сите имиња освен Северна Македонија, биле отфрлени од грчките влади во минатото.
Во однос на договореното име, шефот на грчката дипломатија рече дека во минатото, токму за овој предлог владите коментирале дека е предлог за кој вреди да се разговара и преговара и се осврна на периодот во 2009.
Ципрас пак во рамките на парламентарната дебата исто така кажа дека е договорено и комплексно име, со географска одредница, ерга омнес кое по уставните измени ќе го користат сите земји и дека „ соседите ќе ги одбележат спомениците, вклучувајќи го и споменикот на централниот плоштад во Скопје“.
МАРГИНАЛНИ ПРОТЕСТИ Во Скопје протестите беа маргинални, далеку од тоа како што беа најавувани. Организаторите (ВМРО ДПМНЕ да нема двојба) се обидоа да манипулираат со таа тенка „армија“, војнички сведена еднаш на ниво на баталјон, во „најдоброто издание“, потоа на не повеќе од чета, „солдати“ кои требаше да ја шират сликата за својата бројност како ластик. Па, така, со десеттина лица и неколку гајби секој ден од рано наутро ја блокираа крстосницата кај Градската болница „Свети Наум“, фрекфентен сообраќаен јазол. Власта ги толерираше, практично ги штитеше, додека народот кој имаше некоја работа да заврши чкрташе со забите … Впрочем, блокаторите си играа шах (вториот ден откако видоа дека се здодевни и самите на себе) додека минувачите се прашуваа каде може да ја најдат преместаната автобуска станица. Но, белким сватија дека нивната присутност помалку ги интересира сограѓаните отколку некој жолт картон кој ќе се подели на актуелното Светско првенство во Русија.