ДЕНКО МАЛЕСКИ
А што е политика? Па, политика, просто речено, е кога комисијата на Бадинтер ќе даде зелено светло за признавање на Македонија и Словенија, а Германија ќе ја признае Словенија и Хрватска
На ручекот во вилата „Водно“, таа 1991 година, бевме претседателот Глигоров, американскиот амбасадор во Белград Цимерман и јас како министер за надворешни работи. Во право ли е „Њујорк тајмс“ кога на насловната страна објавува дека Југославија ја чекори последната миља до граѓанска војна и каде е Македонија во тој случај, беше прашањето за кое се интересираше амбасадорот.
Претседателот сметаше дека граѓанска војна во Босна не е веројатна затоа што етнички измешаната територија, налик на „леопардова кожа“ како рече, ја прави невозможна. Прогнозата на претседателот, како што ќе покажат подоцнежните настани, беше погрешна: токму етнички измешани територии се најголемата опасност за граѓанска војна. Во натамошниот тек на разговорот на истата тема, се вклучив со низа аргументи. Откога ме сослуша, амбасадорот Цимерман ми рече:„Би победиле да сте во научна дебата. Но, ова е политика“. Тоа беше првото отрезнувачко предупредување упатено до некој кој, можеби читал книги за дипломатија, но немал лично искуство во водењето надворешна политика. Предупредувањето го земав сериозно.
А што е политика? Па, политика, просто речено, е кога комисијата на Бадинтер ќе даде зелено светло за признавање на Македонија и Словенија, а Германија ќе ја признае Словенија и Хрватска. Зошто? Заради поголемиот интерес на Германија кон Хрватска отколку кон Македонија и заради влијателното хрватско лоби во Бундестагот. Политика е и кога правниот принцип на претседателите на уставните судови на земјите од ЕЗ за признавање на Македонија од ЕЗ, ќе се судри со принципот на едногласност во носење одлуки во Сојузот, со право на вето на Грција. Тие работи морав бргу да ги апсолвирам зашто водење надворешна политика според тоа каков сакаме да биде светот а не каков што навистина е, е рецепт за катастрофа.
Една нова генерација политичари од Македонија се судира со истиот предизвик денес и иднината на државата зависи како ќе го апсолвира во својот ум. И не, не се предизвиците исправени пред нас, како што вели премиерот од Берлин, туку ние (или конкретно тие) сме (се) исправени пред нив. Тие, имено, поучени од новостекнатото искуство,треба да се менуваат во умот. Ако и натаму се повикуваат само на правото, правдата и достоинството, без да се обидат да ги разберат реалностите на политиката, ќе се соочат со нови невољи. Реалност, на пример, дека Германија е одговорна за единството на ЕУ, повеќе одтколку за маките на земја аспирант. Оттаму поголемиот интерес за Бугарија отколку за Македонија. Реалност, дека сојузите, илјадници години наназад, се формираат за да ги бранат интересите на своите членки а не на претендентите за членство кажано од моја страна илјадници пати.Оттаму правото на вето на Бугарија.
Целата посета на премиерот е, како разбирам, да се „опипал пулсот“ на странците за некакво писмо што го подготвува. Зарем не е чудно да им пишувате писмо на оние со кои тукушто сте зборувале? Писма пишувавме во првите години по прогласувањето на независноста кога никој не не примаше никаде, кога немавме амбасади и конзулати. кога не бевме членка на ОН и кога најмногу што можеше да се надева претседателот Глигоров беше прием од минстер за надворешни работи на земја членка на ЕЗ. Пишувавме писма затоа што немавме признат статус на суверена држава, па директните дипломатски контакти беа исклучително тешки. Зошто, тогаш, толку врева за некаво писмо на премиерот кое нема да промени ништо? Работите се јасни: ни во допир со реалниот свет на меѓународната политика премиерот нема намера да се менува а писмото е алиби пред сопствените гласачи дека оваа земја се исправи и дека веќе нема да витка кичма пред никого. Какви ќе бидат последиците од таа политиката врз процесот на преговори за членство допрва ќе видиме. Ќе го забрза или ќе го умртви? Тоа е мерилото за успешноста на надворешната политика на РС Македонија денес. Да сум на местото на премиерот, јас такво писмо не би пишувал. Би ја оставил вратата подотворена за дипломатија…