НИКИЦА КОРУБИН
Цела низа на тие „непријатели“ сакаат да ја украдат и узурпираат нашата историја и културно наследство, ама затоа ние го чуваме како најголемото богатство. Недопрено. Од никого, а највеќе од нас самите. Препуштено само на себе, како доказ за нашето лицемерие и незнаење. И употребено само понекогаш, кога свеста дека постои, доаѓа кога е веќе на прагот да не постои воопшто
Културното наследство, односно управувањето со културното наследство кај нас, секогаш било прашање на чист популизам или во најдобар случај, невешта импровизација. Се разбира, ако тоа „секогаш“ се однесува на последните 20-тина години, односно периодот на нашата независност. Имало времиња, се чинат како да биле пред стотици години, а не неколку децении, кога управувањето со културното наследство, а последователно на тоа и неговата заштита, биле предмет на системско и осмислено делување. Значи, добра законска поставеност, јасна надлежност и доследна практична примена. Тоа, се разбира, резултирало или резултира со постојното културно наследство кое опстанало до денес, барем она што опстанало, на кое меѓудругото го темелиме и нашиот „идентитет“. А, токму тој, „идентитетот“ е константно поставен на врвот на приоритетите, тирадите, апологиите, возвишените нешта во негово име …
Декларативно, се разбира, добар алиби систем за негова константна (зло)употреба во име на нашата константна загрозеност како земја од „странски“ и секакви непријатели. Па, цела низа на тие „непријатели“ сакаат да ја украдат и узурпираат нашата историја и културно наследство, ама затоа ние го чуваме како најголемото богатство. Недопрено. Од никого, а највеќе од нас самите. Препуштено само на себе, како доказ за нашето лицемерие и незнаење. И употребено само понекогаш, кога свеста дека постои, доаѓа кога е веќе на прагот да не постои воопшто.
Тоа е горе-доле, приказната за старата скопска чаршија деновиве. Иако, нејзината деградација и запоставеност е присутна со години наназад, последната интервенција не потсети дека таа навистина исчезнува. Исчезнува како наш приоритет. Исчезнува како културно наследство, како спомен, како реминисценција на нас самите, на нашето потекло, на илјадници судбини, илјадници и стотици години наназад. Како врвна уметност и неверојатен пејсаж, како култура во создавање и цивилизација која не учи со секој поглед кон неа. Исчезнува пред нашите очи како наша заедничка културна одредница и се претвора во општинска надлежност. Едноставно кажано. Бидејќи, очигледно локалната самоуправа има поголема надлежност од надлежната институција. Што не е во ред со нас, тогаш? Или што не било во ред со нас, сите овие години, кога законите сме ги свеле на можноста, културното наследство да го третираат општините, кои имаат локална и инфраструктурна надлежност? Дали тоа значи дека старата скопска чаршија е локакална сопственост (не припаѓа ниту на цело Скопје, а за цело општество не станува збор); или инфрструктурен проблем, кој треба да се реши со неколку скршени травертински плочи? Толку голема е повеќеслојноста на проблемот, што проблем е и самото негово објаснување. Речиси перверзно и бесмислено. Исто, како и дискусијата дека „травертинот не бил стар“ па, според тоа може да се замени. Во стилот на „сите сме експерти“ ама, најдобро вистинските експерти, оние малкумината останати, да бидат замолчани од бучавата на итромански, приучени коментари; или пак експертите да се самозамолчат, пракса за жал широко распространета. Па, така апсурдот станува реалност, а реалноста погубна, со или без нашата наводна грижа.
А, што е всушност апсурдот во оваа приказна? Ги има повеќе, кои сите хармонично здружени, го даваат рецептот за (само)уништувањето на нашето целокупно културно наследство. Бидејќи, ако не не уништат непријателите, секогаш сме тука ние самите да се уништиме. Прв апсурд: како може општината да биде надлежна да врши (стручна), конзерваторска, реставраторска, заштитна интервенција, а тоа да не го прави надлежна институција? Втор апсурд: како може да постои посебен закон, lex specialis, наменет исклучиво за старата скопска чаршија, односно за заштита на затекнатата состојба во времето на носењето, а тој да не се почитува? Трет апсурд: како може да постои Министерство за култура, а надлежностите од областа на културата, да не бидат во негова надлежност? Четврт апсурд: како може да постои системски закон, кој во својот наслов ја има заштитата на културното наследство, а дозволува таа заштита, да биде во рацете на друг? Петти апсурд: како може да нема јасна, централна надлежност за управување со ова и било кое друго културно наследство, кое има национално и светско значење, а е сведено на локална заедница? Шести апсурд: како може ова да биде приоритет, во време на вонредна состојба, со суспендирана функционалност на институциите, а секако со суспендирана нормалност, по сите основи? Седми апсурд: како може јавноста сето ова да не го знае? Немаме јавност, немаме стручност, немаме воља? Или едноставно немаме знаење, а можеби и знаењето што го имаме, го криеме, за случајно да не дојде на позиција на одлучување и моќ, и за случајно да не ги постави работите на свое место? Случајно да не го заштити културното наследство; па, тогаш како ќе ја оплакуваме својата тешка судбина?
Се разбира дека има одговори на сите овие апсурди. Се разбира дека има уште многу други апсурди. И повеќето од одговорите се апсурдни сами по себе. Лоши закони, кои тешко се менуваат, измешана надлежност, конфузна системска поставеност, моќници помоќни од моќта, лукративни интереси, злоупотреби од секаков вид, флагрантно неразбирање на поимот управување како таков, во случајот управување со културното наследство, страв од промени, кланови и кланчиња на сите нивоа, немање капацитет, немање приоритети. А, всушност одговорите би требало да бидат едноставни. Прави луѓе на прави места. Кои ќе напишат добри закони. Кои ќе создадат независни институции. Кои ќе знаат што и каде работат. Кои ќе знаат да ги постават вистинските прашања, ама и да ги дадат вистинските одговори. Кои нема да се плашат од својот став. Кои нема да се плашаат да имаат став. Ама, став базиран на искуство и знаење, а не став поради став, зааради нечија одбрана? Одбраната, во лошо време и на лошо место е полоша од нападот. Се уште зборуваме за културното наследство и старо-новата скопска чаршија или зборуваме за политиката воопшто? Не ја бранете старата скопска чаршија, само за да одбраните лоша активност, пробајте да се одбраните од маглата што се создава, маглата на ,,наши и ваши,,. Културното наследство не познава таква поделба. Посебно, кога и ,,нашите и вашите,, речиси целосно потфрлија во разбирањето дека тука навистина нема простор за никаков компромис и калкулација. Дека старото мора да остане старо во културното наследство, а новото треба да биде во нашите умови. Нов и ослободен поглед. Нова мисла и нова шанса. За еден нов и поинаков свет, свет во кој конечно зборот на умниот ќе биде посилен од зборот на подобниот.