
„Многу сум среќен што ‘Буквождер’ конечно ја доживеА својата премиера. Проектот е работен со многу љубов и феноменална екипа на која сум многу горд. Носиме свежа и многу потребна забавно-образовна содржина за деца“, истакнува Георги М. Унковски, режисер и продуцент.
„Буквождер“ е новото официјално поглавје од проектот „Бушав свет“, токму во годината кога се одбележуваат 40 години од првото емитување на „Бушава азбука“, како копродукција на „2БА Продукција“, „Види Вака (раскажувачко студио)“ и МРТВ.
„Ова е едукативна авантура која има за цел да поттикне љубопитност кај децата и кај возрасните, но и да ги поврзе световите на ‘Бушава азбука’ и ‘Буквождер’, да си ги вратиме бушавите букви дома преку една нераскажана приказна за нив што ќе пополни една голема празнина од 40 години и ќе нè одведе поблиску до реализација на ‘Бушав буквар’, последното дело на Горан Стефановски, и играно продолжение на ‘Бушава азбука’. Со емитување на МРТВ и паралелна дистрибуција на нашите социјални мрежи, ја правиме серијата достапна, бесплатна и блиска до семејствата“, посочува Горан Игиќ, продуцент на „Буквождер“ и соосновач на „Види Вака (раскажувачко студио)“.
Првата сезона од „Буквождер“ има 10 епизоди и е планирано покрај нив да се појават и дополнителни содржини, како песни, едукативни видеа, сликовници, игри за развој на креативноста и слично. Гласовите на Дарија, Марко и Филип ги позајмуваат Ивана Павлаковиќ, Дамјан Цветановски и Ангела-Александра Ивановиќ, а сценариото е на Калија Киселичка.
Георги М. Унковски е режисер и продуцент на серијата, Томи Џуровски е уметнички директор, дизајнот на звук е на Сашко Потер Мицевски, ко-дизајн на звук е Марко Наумовски. Тимот аниматори е составен од Горан Менков, Никола Димов и Дамјан Михаилов, а монтажата е на Марјан Николовски. Композитор на музиката е Георги Шарески. Продуценти на серијата се Горан Игиќ и Мите Кузевски.
Првата епизода на анимираната серија „Буквождер“ премиерно беше емитувана на 8 ноември, во 20:15 часот, на МРТВ и на јутјуб-страницата на „Бушава азбука“, како и на каналите на „Види Вака“.




