Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

СТАРЦИТЕ ОСТРОВЈАНИ ОСТАВЕНИ НА НЕМИЛОСТ НА СИСТЕМОТ

May 19, 2020 Filed Under: Свет

Во Велика Британија коронавирусот „коси“ во старечките домови – 12.500 мртви. Обвиненија дека власта ги оставила без потребната грижа најазагрозените

СТАРЕЧКИ ДОМ Најстарите пациенти болниците едноставно ги враќале во старечките домови

За само два месеци, март и април, во Англија и Велс починале 12.526 станари во домовите за старци од Ковид-19, соопшти националната Служба за статистика, ОНС во Лондон. Во извештаи во медиумите, се тврди дека Комисијата за рамноправност и човекови права на британската влада се зафатила со испитување на обвинувањата, според кои болниците предвремено ги отпуштале заболените станари на старечките и домовите за нега.

Според наводите на Службата за статистика, две третини од станарите умреле во старечките домови, една третина во болници. Но, статистичарите сметаат дека постои значително повисокa бројка, односно се претпоставува дека оваа година во првите четири месеци умреле 23.000 повеќе луѓе во домовите за нега отколку во истиот период лани.

Британскиот премиер Борис Џонсон оваа недела во Парламентот призна дека бројот на жртви од Ковид-19 во старечките домови е „превисок”. Но, тој ги отфрли обвинувањата кои ја товарат неговата влада за презадоцнето снабдување на домовите за нега со заштитна опрема: тој најави дополнителни 600 милиони фунти за опремување на овие институции.

Владата на Џонсон беше мета на жестока критика поради тоа што во статистиката на смртни случаи од коронавирус, најпрво не ги земаше во предвид починатите од оваа болест во старечките и домовите за нега.

Мерено според бројот на смртни случаи, Велика Британија во меѓувреме е на второ место во светот меѓу земјите погодени од пандемијата на коронавирус, веднаш по САД. До први мај во Велика Британија починале преку 34.000 луѓе од коронавирус, најголем дел во Англија и Велс.

ПРЕМИЕРОТ ВО АМБУЛАНТНО ВОЗИЛО Ја потцени болеста и самиот стана жртва – Борис Џонсон

Експерти се убедени дека фактичките размери на пандемијата ќе бидат видливи дури по неколку месеци. Службата за статистика укажува во овој контекст на високата стапка на смртност во земјата, која е можна индиција реалниот број на умрените од корона да изнесува речиси 50.000 луѓе.

Со новите 7.000 смртни случаи минатата недела во Англија, Велс, Шкотска и во Северна Ирска, вкупниот број починати од епидемијата во Велика Британија сега изнесува 32.313. Тоа е повеќе отколку во Италија, која досега беше најпогодена земја во Европа. Заклучно со понеделникот во Италија од последиците на Ковид-19 починале 29.079 луѓе.

Што се однесува на Велика Британија пак треба да се напомене дека смртните случаи од изминатите неколку дена не се вклучени во статистиката. Исто така се стравува дека е висок и бројот на нерегистрирани смртни случаи од новиот коронавирус.

Овие податоци би можеле да го зголемат притисокот врз премиерот Борис Џонсон, кој подолго чекаше да воведе рестриктивни мерки за разлика од останатите земји во Европа откако се појавија првите случаи на заразени.

Опозициските партии ја критикуваа одлуката на Џонсон да одложи воведување на карантин дури и во време кога болниците во Италија веќе беа на крај со капацитетите.

Опозицијата, исто така, тврди дека владата била пребавна во воведување на масовни тестирања и осигурување оти има доволно опрема за здравствениот систем. Главниот научен советник на британската влада, Патрик Валанс, призна денеска дека во Велика Британија требало да бидат тестирани повеќе луѓе на почетокот на пандемијата.

Валанс пред парламентариот одбор за здравство изјави дека „зголеменото тестирање би било корисно и поради повеќе ситуации кои досега не се случиле“. Критичарите, исто така, велат оти британската конзервативна Влада реагирала пребавно кога пандемијата почна да се шири и дека не успеала тоа да го спречи со зголемени тестирања на луѓето кои имале симптоми и барање и изолирање на контактите.Стручњаците проценуваат дека вистинскиот број на мртви во епидемијата во Велика Британија би можел да биде и поголем.

ДЕЖУРНИ ЖРТВИ Се издвојуваат големи пари за старчките домови ама постфестум

Според истражувачки тим на Лондонската школа за економија, соодносот на жители на домови за стари лица со смртни случаи поврзани со коронавирусот во пет европски земји се движи од 46 отсто во Белгија до 57 проценти во Шпанија. Истражувачите ги прегледале и официјалните проценки и новинарските извештаи во Италија, Франција и Ирска. Тие велат дека малку земји систематски ги тестирале жителите и вработените во домовите за стари лица, поради што е тешко да се проценат стапките на зараза и смртност.

Според нив, досега собраните податоци не се споредливи меѓу различните држави поради разликите во информирањето и користењето на различни системи на заведување.

„Постојат многу предизвици во напорите да се спречи ширењето на Ковид-19 во домовите за нега, а недоволните податоци се еден од нив“, соопшти Аделина Комса-Херера, ко-авторка на студијата.

„Најдовме само три епидемиолошки набљудувачки студии, сите од почетокот на март во САД. Време е за повеќе податоци за да добиеме подобри насоки“, вели Комас-Херера.

Filed Under: Свет

ГЛОБАЛНО ИСТРАЖУВАЊЕ: КАКО ВИ ОДИ РАБОТАТА?
ИЗЛЕЗЕ НОВИОТ ИЗВЕШТАЈ НА РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦА: МАКЕДОНИЈА ИМА ПАД ОД ШЕСТ МЕСТА, СРБИЈА НА МИНИМУМ
ЦРВЕН КРСТ: ХУМАНИТАРНИТЕ ОПЕРАЦИИ ВО ПОЈАСОТ ГАЗА НА РАБОТ НА КОЛАПС
ПРЕВИРАЊА ВО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА: СОЈУЗНИКОТ НА ТРАМП ВО ПОЛИТИЧКИ ПОДЕМ
ТАНЦОТ ЗБОРУВА КОГА ЗБОРОВИТЕ МОЛЧАТ – ТАНЦ ФЕСТ СКОПЈЕ ГО ОТВОРИ СВОЕТО 21. ИЗДАНИЕ

Најново

  • ГЛОБАЛНО ИСТРАЖУВАЊЕ: КАКО ВИ ОДИ РАБОТАТА?
  • ИЗЛЕЗЕ НОВИОТ ИЗВЕШТАЈ НА РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦА: МАКЕДОНИЈА ИМА ПАД ОД ШЕСТ МЕСТА, СРБИЈА НА МИНИМУМ
  • ЦРВЕН КРСТ: ХУМАНИТАРНИТЕ ОПЕРАЦИИ ВО ПОЈАСОТ ГАЗА НА РАБОТ НА КОЛАПС

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet