Познато е дека Пендаровски работеше како советник и кај претседателот Трајковски и кај Црвенковски, како и дека веќе еднаш беше во трка за функцијата шеф на државата. Овој пат тој ќе влезе во изборен натпревар во фер атмосфера со една голема албанска партија зад себе и 30 други помали партии
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

Неделата беше неговиот ден. Конгресот на СДСМ ја поддржа кандидатурата на Стево Пендаровски за претседател на Републиката на овогодишните избори. Малку потоа тој говореше пред членството на ДУИ од Мала Речица и јасно е дека ќе биде и нивни кандидат како и на 30 други партии, што е еден широк фронт. Тој победи во селекцијата која е правена меѓу десеттина имиња во редот на социјал-демократите и нешто помалку кои беа запишани како можни кандидати за таа функција во штабот во Мала Речица. Во својот говор тој им се заблагодари и ним на поддршката, истакнувајќи дека ова што ќе се случува на изборите на 21 април и 5 мај едноставно не е решавање на кадровско прашање, туку збогување со политиката на претходниот претседател Ѓорѓи Иванов, кој е претставник на антизападната политика во земјава.
Во однос на неговата конкуренција која ја сочинуваа министри од Владата на РМ секако треба да се истакне дека премиерот Зоран Заев едноставно порача дека тие министри (Шеќеринска, Димитров и Спасовски) се неопходни сега, кога има доста задачи кои треба да се одработуваат и во НАТО и при минувањето низ преговорите со Брисел. Војавноста се шпекулираше дека Димитров ја има поддршката на странците (да споменеме дека на висока функција во Белата куќа дојде поранешниот амбасадор во земјава Рикер и тоа како надлежен за овој дел на светот а тој се сметаше за добар пријател токму на нашиот министер за надворешни работи). Понатаму, мнистерката за одбрана Шеќеринска, која доста претпазливо говореше за кандидатурата за претседател на државата, велејќи неколку пати дека таа самата нема да аплицира, туку би влегла во игра само ако некој ја кандидира) е свесна дека вилата на Водно е една реална опција за напредок во кариерата во една хоризонтална смисла, освен ако не се појави некоја позиција во иднина во меѓународната сфера. Конечно, кај кандидатурата на Спасовски се велеше дека ДУИ смета на таа опција имајќи ја во вид неговата фотелја во МВР. Треба да се сомене дека во игра, како кандидат на ДУИ беше еден ексминистер, професорот Малески кој за жал од страна на СДСМ беше отфрлен без коментар, освен ако не се земе во предвид оној дека не доаѓаат во предвид политичари кои одвај наполниле 40 години (минимален услов) или кои се долго вон политиката, небаре се работи за фудбалер кој не излегол на терен низа години, шпо беше упатено кон Денко Малески! Ова го истакна во еден тв настап токму Шеќеринска, со што беше јасно дека професорот од Езерски лозја во Струга, миленик на добар дел на интелектуалците во Скопје нема да ја има подршката од Бихаќка.

Во мигот Пендаровски ја обавува функцијата национален кординатор за НАТО. На последните парламентарни избори беше на позицијата број еден во првата изборна единица, која донесе девет парламентарци за социјал-демократите, но не влезе во Парламентот, отстапувајќи го своето мсто, што јасно ја покажа намерата на партијата која ја застапуваше да го чува за позначајна функција.
Пендаровски е роден е на 3 април 1963 година во Скопје. Дипломирал на Правниот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1987 година. Магистрирал на истиот Универзитет, на Институтот за политички, правни и социолошки истражувања на тема „Новата геополитика на Република Македонија: Контрадикциите на комунистичките и транзициони матрици”. На истиот Институт докторирал на тема „Надворешната и безбедносна политика на ЕУ и малите држави: Рамката на националниот дискурс”.
Од 2008 година до сега бил професор од областите на меѓународната безбедност, глобализацијата, светската политика и САД, меѓународните организации и институции, надворешната политика и тероризмот на Факултетот за политички науки на Универзитетот Американ Колеџ Скопје. По завршувањето на високотo образование, станува раководител на Одделот за аналитика во Министерството за внатрешни работи (МВР), а покрај тоа, три години паралелно е и портпарол, заменик-министер за односи со јавност.
Интересен е податокот дека работел за двајца поранешни претседатели на Македонија. Од 2001 е назначен за шеф за национална безбедност и главен советник за надворешна политика во кабинетите на Борис Трајковски и Бранко Црвенковски. Во 2004 и 2005 година е шеф на Државната изборната комисија (ДИК).
На изборите за претседател на Републиката Пендаровски учствуваше во 2014 година заедно со актуелниот претседател (кој конкурираше за втор мандат) Ѓорѓи Иванов, а во првиот круг о него учествуваа Идриз Халими од ДПА и Зоран Поповски од ГРОМ. ДУИ одлучи да ги бојкотира претседателските избори, бидејќи ВМРО-ДПМНЕне го прифати нивниот предлог за избор на „консензуален кандидат“. Покрај овие кандидати, 10.000 потписи собираа и Стојанче Ангелов од Достоинство, како и професорката Билјана Ванковска. И двајцата не успеаја да ги соберат потребните потписи за поднесување своја кандидатура на изборите. Водство во првиот круг остварил Иванов со освоени 448.303 гласови односно 51,65 отсто, додека второпласиран бил Пендаровски со 326.069 гласови или 37,57 отсто од избирачите кои гласале. Во вториот кругг Иванов освоил 534.910 гласови (55,28 отсто) додека на Пендаровски му припаднале 398.007 гласови (41,14 отсто). Бидејќи во вториот круг се одржаа и вонредни претседателски избори се обезбеди доволна излезност а според неподелени мислења помогнале доста и гласачи од едовите на бирачите Албанци, пред се од ДПА.

„Теоретски, без гласот на Албанците не е можно да имате легален претседател заради високиот праг за изборна излезност, но, и во таква ситуација тоа сигурно нема да го засили неговиот легитимитет. За жал, во јавноста, зад синтагмата консензуален претседател, наместо дебата за индивидуалните вредности и политичките платформи на кандидатите започна да се подразбира меѓупартиски договор за клиентелистичките приоритети на политичката елита и нивните бизнис поддржувачи“ – истакна уште тогаш Пендаровски, кој во овој миг би требало да ги има во првиот круг гласачите на ДУИ, а во вториот можеби и гласовите на другите граѓани – Албанци. Оттаму, тој важи за фаворит за овие избори, иако не е јасно дали ќе се собере доволна излезност во вториот круг , која се проценува на околу 730 илјади.
Уште сега е познато на кои точки Пендаровски ќе биде напаѓан од политичкиот конкурент на изборите. Пред пет години му се замеруваше дека не бил во авионот во кој почина експретседателот Трајковски (морбидно, нели), со поттекст дека се работи за некаков заговор кога тој како советник не бил во кругот на „жртвуваните“.
„Ден пред несреќата јас заминав за Даблин како дел од македонската државна делегација која требаше да ја предаде апликацијата за членство во ЕУ. На тој пат бев испратен од претседателот Трајковски како негов личен претставник и за тоа постои уредна писмена документација во кабинетот на претседателот. Интересно е што постојат најмалку тројца блиски советници на претседателот кои не се качија со него во авионот за Мостар, иако тој ден беа во Скопје, меѓутоа, нив никој не ги прозива од едноставна причина што беа и се високо позиционирани членови во владејачката партија “ вели Пендаровски.
Останатите прашања кои ќе ги истакнува опозицијата се врзани за неговата јасна и давнешна ориентација за НАТО и ЕУ, доследно отфрлувајќи ги идеите за некакви балкански сојузи од било каков вид (кај случајот со заедничките амбасади или југо-сферата во економијата), како што и уште еднаш ќе мора да го понесе товарот на „зевизмот“. што го коментира во еден од последните колумни Атанас Вангелов („Гериз-реторика“).
Пендаровски во однос на тоа дали актуелната владеечка политика имала алтернативи секогаш е доста јасен. „Најважно е да расчистиме за какви алтернативи зборуваме – идеолошки, политички, трговски? Идеолошка алтернатива на капитализмот денес, не постои, освен теократските држави чии што концепти никој не ги прифаќа, додека економска соработка е неопходно да имате со сите независно од политичкиот профил на конкретната земја. Русија е капиталистичка држава пар екселанс, а, Кина има повеќе милијардери од било која европска земја. При тоа е важно да се потенцира дека Русија и Кина не предводат регионални организации кои во делот на граѓанските и политички вредности би биле реална алтернатива на западната алијанса. Оние, кои наспроти фактите, сепак веруваат дека е потребно наше реориентирање кон истокот или немаат контакт со реалноста или мислат дека сеуште опстојува блоковската поделба во светот на капиталистички запад и комунистички исток со Движењето на неврзаните како “трета сила” помеѓу нив. Денес ниту меѓу најголемите евроскептици нема да најдете некој кој мисли дека спасот на западот се наоѓа во некакви нови идеолошки концепти на истокот, иако никој нема дилеми дека Азија веќе денес е центарот на светот во економска смисла.
Пендаровски е скромен политичар – живее во зграда во населбата Автокоманда. Сопругата му е стоматолог и имаат син тинејџер. Можат да се видат секоја сабота како појадуваат во еден ист ресторан. ТВ Телма го истражувала имотот на кандидатот и констатирала дека има два имотни листови – од пред неколку години, како пратеник и сега, како национален координатор, и двата е слични. Пендаровски како свој имот има југо темпо 1.1 старо дваесет години, проценето на илјада евра. Недвижнини нема. Како негов личен имот тој уште пријавил и заштеда од 12 илјади евра кое како што пишува се стекнати со наследство. Сопругата пак на Пендаровски вози Рено меган од 2005 та, а има заштеда од 3 илјади евра. Друг имот семејството Пендаровски не пријавило.
Претедателкиот кандидат доаѓа од угледно, старо галичко семејство. Презимето „пендар“ даѓа од зборот златен брош што младоженецот на свадбата го носи на своите гради.