Во повеќе истражувања се потврдува дека македонското општество не само што не прави повеќе да го мотивира и поттикне жените да бидат политички активни, туку постои тренд на нивно сѐ почесто таргетирање со политичката пропаганда и лични напади
СЕАТ ЏИГАЛ
Родовиот говор на омраза е проблем кој опстојува и се продлабочува. И проблем кој нема да исчезне сам од себе.
Во последните неколку години политичкиот говор во земјава сѐ повеќе ги засилува поларизацијата и поделбите во општеството. Toj се покажува како лесно средство за мобилизација и експлоатација на одредени групи во политички цели, а партиите го користат како „легитимно средство“ во борбата за власт.
Жените и родовите малцинства често се наоѓаат на мета на дискриминаторски и насилен јазик што го опструира и потиснува нивното учество во политиката.
Во повеќе истражувања се потврдува дека македонското општество не само што не прави повеќе да го мотивира и поттикне жените да бидат политички активни, туку постои тренд на нивно сѐ почесто таргетирање со политичката пропаганда и лични напади.
„И покрај бројните напори и иницијативи за зголемување на учеството на жените во изборните процеси во државата и поттикнување на родовата еднаквост во општеството во целина, вклучително и воведувањето на квотите за родова застапеност во 2002 година, константно ниското учество на жените во изборните и политичките процеси во Северна Македонија продолжува да биде една од најголемите пречки за постигнување родова еднаквост и вистинска демократија“.
Според истото истражување, клучни причини за недоволен број на жени во политиката се: машката доминација во политиката, традиционалните родови улоги во семејствата, стереотипите и предрасудите поврзани со жените и говорот на омраза во медиумите.
Говорот на омраза во текот на изборите
Испреплетеноста на политиката и родовиот говор на омраза е особено изразена за време на изборите кога меѓупартиските препукувања се зачестени, а тензиите засилени. Жените и родовите малцинства кои се активираат во политиката, често се „лесна цел“ на напади од различен вид.
Овој тип на говор не само што сака да ги понижи и да ги замолчи, туку се обидува да ги зајакне традиционалните родови хиерархии кои ги обесхрабруваат жените да бидат активни во политиката.
Покрај обесхрабрувањето на политичкото учество, говорот на омраза на родова основа ги зајакнува штетните стереотипи и ги зацврстува дискриминаторските односи на политичка моќ. Напаѓајќи ги жените, на пример, говорот на омраза испраќа порака дека тие не се „соодветни“ за лидерски улоги или за одлучувачка одговорност.
Каде се случува политичкиот говор на омраза на родова основа?
Значителен дел од родовиот говор на омраза денес се јавува во онлајн сферата. Платформите на социјалните мрежи како Х/Твитер, Фејсбук и ТикТок станаа главни боишта каде политичките субјекти и нивните поддржувачи се впуштаат во препирки, но и многу често во кампањи на омраза против политичките противници. Овие напади често се манифестираат во координирано вознемирување, објавување приватни информации (т.н. доксинг) и закани за насилство. Истражувањата потврдуваат дека политичарките и активистките добиваат до 27 пати повеќе навредливи коментари од нивните машки колеги.
Дигиталнaта сфера овозможува анонимност и лесен контакт со кандидатките, при што говорот на омраза лесно се креира и брзо се шири. Често овие злоупотреби можат да биде толку сериозни што кандидатките се соочуваат со психолошки и емоционални стресови што влијае на нивната способност воопшто да бидат дел од изборниот процес.
Секако, говорот на омраза на родова основа не е ограничен на онлајн сферата. Тој се манифестира и на политичките собири, митинзи, дебати и медиумски настапи кои се злоупотребуваат како платформи за сексистичка и мизогиниска реторика кои ја подржуваат и оддржуваат ваквата култура на субординација на родова основа.
(остатокот од поголемиот текст може да се прочита на https://respublica.edu.mk/blog/politika/stereotipite-kako-bariera-za-zhenite-kandidatki/)