Поради Руско-турската војна од 1877-1878 година не можеме да ги отфрлиме основните принципи на модерната цивилизација и да потонеме во мочуриштето на Путиновиот авторитаризам, опскурност, антиевропизам и војна со цивилизацијата – смета овој интелектуалец во интервјуто за софиски „Дневник“
3 Март во Бугарија се прославува како Ден на ослободувањето од османлиското владеење. На тој ден во 1878 година во Сан Стефано кај Истанбул е потпишан прелиминарниот мировен договор меѓу Руската и Османлиската империја за завршување на Руско-турската војна. Во Бугарија секоја година прославите за 3 Март се проследени со јавни дебати околу тоа дали датумот е најсоодветен за толку голем државен празник.
3 Март беше прогласен за Ден на ослободувањето без јавна расправа, со указ на претседателот на Државниот совет Петар Младенов на 27 февруари 1990 година и со одлука на последното комунистичко народно собрание на 5 март 1990 година.
Софискиот весник „Дневник“ пишува дека многу генерации Бугари растеа и растат со една парола секоја година – свечен израз на благодарност и признание на друга земја, други народи и војски за остварување на вековниот сон за слободна и независна бугарска држава.
„Дневник“ ја отвори оваа тема за дискусија и разговара со експерти кои најдобро ги знаат историските настани. Меѓу интервјуата е и она со историчарот Стефан Дечев (добро познат и кај нас), кој предава на Југозападниот универзитет во Благоевград и на Софискиот универзитет. Тој вели дека 3 Март не може да остане национален празник на Бугарија.
Интервјуто, се разбира, е наменето за бугарската јавност. Но во него може да се прочитаат многу детали кои се непознати за македонската јавност. Преку него македонската јавност може да добие и малку појасна слика што значи Санстефанскиот договор за Бугарија, а и како се перцепира во бугарското општество македонското прашање. И што значи „Санстефанска Бугарија“. Еве еден поголем дел од тоа интервју објавено минатиот месец.
Дали ги сметате за оправдани јавните дебати секоја година „за“ и „против“ датумот на државниот празник 3 Март?
– Да, ги сметам. И не мислам дека се случајни, неизбежни се. Во последниве години, одредени кругови кај нас почнаа да ја нагласуваат руската империјална идеологија и фактот дека Руско-турската војна од 1877-1878 година беше дел од познатите руски амбиции за освојување на Цариград, Босфорот и Дарданелите. Се вели дека во крајна линија се работи за обожување на туѓа земја; за изразување на комплекс на инфериорност.
Се посочува и со право, дека се работи за прелиминарен договор, кој ништо не решава, па дури и самата Русија најавува дека овој документ потоа ќе биде разгледан на иден мировен конгрес. Се посочува и дека договорот од Сан Стефано е без никакво бугарско учество. Се потсетува дека предвидува двегодишна руска окупација, која потоа ја ограничува Берлинскиот договор. Се посочува и дека „Санстефанска Бугарија“ е неостварлив мит.
Сега, сепак, проблемите се на друго место. Да, не може да се замисли датумот надвор од трауматичното бугарско искуство од времето на тоталитарниот режим, легитимирано со бугарско-руското и бугарско-советското пријателство од блиското минато, кога беа украдени основните граѓански права и слободи. Но, датумот не може да се замисли надвор од буквално појавените антицивилизациски и антиевропски чудовишта во последните години, кои се собираат на врвот Свети Никола (Шипка – место каде се одвивала една од нјаголемите битки во војната н.з.). Само мрачните империјални пораки на рускиот патријарх Кирил пред неколку години, како и она што се случи на врвот годинава се доволни за да се види дека имаме многу сериозен проблем. Поради Руско-турската војна од 1877-1878 година не можеме да ги отфрлиме основните принципи на модерната цивилизација и да потонеме во мочуриштето на Путиновиот авторитаризам, опскурност, антиевропизам и војна со цивилизацијата.
Бугарите се бореа уште пред Руско-турската војна за да бидат, како што вели Левски, „рамноправни со другите европски народи“. По нејзиното завршување, не случајно го изработија Трновскиот устав, кој се заснова на сите столбови на модерниот конституционализам и парламентаризам, од Британија преку САД до Франција, Белгија и останатата Европа. Во оваа смисла, како што напишав пред извесно време, можеме да зборуваме за „евроатлантска политичка мисла и уставна практика“. Станува збор за ризница на идеи, вклучувајќи ги идеите за народниот суверенитет, поделбата на власта (наречена од сегашниот јавен обвинител „десничарски екстремизам“), ограничувања на овластувањата на монархот, министерска одговорност, парламентарно управување, политички плурализам, граѓански права и слободи, владеење на правото, независно правосудство.
А денес е јасно дека најретроградните, најмрачните и антиевропските сили го идентификуваат, па дури и го преземаат овој датум, мавтаат со руски империјални симболи од минатото и изговараат пароли на Путин, кои буквално сакаат да ја закопаат европска Бугарија и нејзиниот избор. Тие се против нашата земја да биде дел од европското семејство и горенаведениот избор на нашите национални преродбеници и татковци на Трновскиот устав, кои се свртеа кон „евроатлантската политичка мисла и уставна практика“.
Ако смислата на националниот празник е да ги обедини народот и власта, како изгледа настанот што исполнил или би можел да исполни таква улога?
– Во него треба да се препознаваат луѓето, да не води до такви поделби, да не биде повод за годишни скандали, треба веќе да се етаблира, да има воспоставени навики, практики и традиции во општеството за нејзино празнување.
Најчесто се споменувани датумите на Обединувањето (6 септември 1885 година), Денот на независноста (22 септември 1908 година), а исто така и 24 мај.
Мислам дека сите три имаат свои добри и лоши страни. Околу Обединувањето денеска има консензус, иако на почетокот самиот настан доведе до поделба. Оваа поделба е малку позната на пошироката јавност, но и на неколку историчари кои ме прашаа пред неколку години што е тоа.
Доволно е да помислам на поранешните румелијци кои го нарекуваат, со чувство на супериорност, Кнежевство Шопландија и луѓето таму, Шопи, или упорното зборување за „пристапување“ и „освојување“ по 6 септември 1885 година. Или да се споменат повиците со кои русофилите емигранти подоцна го претставија 6 септември 1885 година како најцрн датум во бугарската историја. Дури и во 1920-тите и 1930-тите, старите бугарски политичари од тоа време продолжија да го отфрлаат овој датум. Не случајно тој никогаш не е воспоставен како официјален празник, иако неговиот позитивен обем растеше со текот на годините.
Но, силната страна на 6 септември 1885 година е тоа што тој е самостојна бугарска кауза. Тоа става крај на моќта зад сцената на Азиското одделение во Петроград, руската дипломатска агенција во Софија и рускиот конзулат во Пловдив во однос на бугарската политика, како во кнежевството така и во Источна Румелија.
Покрај тоа, околу Унијата, нејзината подготовка, спроведување и одбрана, причина за славење имаат сите државни институции, како и разни општествени и професионални заедници. На пример, имаме учество на сите политички и општествени фактори: Бугарскиот таен централен револуционерен комитет (БТЦРК), монархот Александар I, владата на чело со премиерот Петко Каравелов, парламентот со кој претседава Стефан Стамболов, успешната дипломатија предводена од министерот за надворешни работи Илија Цанов, војската (милицијата на Источна Румелија на чело со мајорот Данаил Николаев), четите и најмногу од сè – милицијата Гољамоконар предводена од Продан Тишков-Шардафон; целата бугарска војска, чии победи по агресијата на кралот Милан го потврдија Обединувањето.
Има ли забелешки дека Македонија била напуштена за време на Обединувањето?
– Македонското учество во движењето за Обединување, како на почетокот така и подоцна, е многу сериозно. Комитетот кој работи за Обединувањето бил формиран на 10 февруари 1885 година во куќата на Иван Андонов во Пловдив на таен состанок. Во него е вклучен и Спиро Костов, велешанец. Првично, организацијата била претставена со имињата Македонски комитет, Бугарско-македонски револуционерен комитет, Таен револуционерен комитет, Таен централен бугарско-македонски комитет, Таен револуционерен македонски комитет. Спиро Костов потоа го договори вклучувањето во работата на комитетот на Андреј Љапчев од Ресен, Пере Тошев од Прилеп, Христо Татарчев од Ресен и Петар Кушев од Велес, сите ученици во Пловдивската гимназија. Во април 1885 година организацијата била преименувана во Бугарски таен централен револуционерен комитет (БТЦРК). БТЦРК одржува односи и со дејците на македонските друштва во кнежевството, меѓу кои се издвојува битолчанецот Димитар Ризов.
Настанот не се однесува само на Кнежевството и Источна Румелија. Со одбележувањето на овој ден им се оддава почит на македонските Бугари.
Дали е соодветен 24 мај, саканиот од сите бугарски празник на писменоста?
– На прв поглед би било соодветен. Тоа е традиционален празник. Непрекинато се слави повеќе од век и половина. Во исто време има црковно и световно држење. Постои јавна согласност за неговата важност. Тој го поминува пато од црковен празник, кој постепено станува политички за време на борбата за самостојна бугарска црква, па до подоцнешниот училишен празник. Со текот на времето тој навистина стана празник на зборот, на духовноста, на просветителството, на културата, на бугарскиот придонес кон науката и културата.
Но, не треба да заборавиме дека за разлика од 6 или 22 септември или 20 април, денот на светите браќа Кирил и Методиј не е само бугарски. Се слави и во неколку други земји. Во последно време околу празникот се случуваат работи кои би создале уште поголеми непријатности. Нивниот врв беше последната одлука на Народното собрание, која покажа дека наместо Бугарија да има вистински просветлен и духовен однос кон датумот 24 мај, да го осознава своето место во европската култура, таа сѐ повеќе тоне во тесноград национализам.