Иако бил доста славен, со лик за кој Петре Прличко доби Златна арена за епизодна ролја во Пула, овој илинденец е практично забоиравен во јавноста. Го чествуваат само селаните од Стојаково, онаму каде е роден
„Кажете и на Македонија дека сум ја завршил должноста, да живее слободна Макердонија“. Ова се зборови кои му се припишуваат на Стефан Мандалов Манданата, војводата од Стојаково, и учесник во киднапирањето на Мис Стон, пред да загине во септември 1903 во борба со турската војска во селото Мишино, Кочанско. Тој ги однел Мис Стон и Катерина Цилка во Струмица, кога тие биле ослободени.
Стефан Мандалов Манданата веројатно најдобро го знаете по улогата на Петре Прличко во славниот филм Мис Стон. Манданата загинал по Илинденското востание, на 26 години. Дали не е дојдено време, македонската држава да му оддаде почит и нему и на неговата фамилија, сите борци за независна и самостојна Македонија.
Мандалов е роден 1875 година во селото Стојаково, тогаш во состав на Отоманската империја. Во 1893 година завршил 6 одделение во католичкото средно училиште во Зејтинлак во Солун, по што бил учител во селата Богородица и Серменин. Се приклучил на ВМОРО и во 1900 година станал борец во четата на Христо Чернопеев.Интересно е што речиси целата негова фамилија била вклучена во борбата за независна и самостојна Македонија.
Член на ТМОРО, задолжен за чување и распоредување на оружјето во Стојаково, бил чичкото на Стефан Мандалов Манданата, Никола Гого Мандалов, кој по Солунската афера во 1901 година бил осуден на 14 месеци затвор во ‘Еди Куле во Солун.
Братот на Стефан, Димитар-Мито, бил Илинденец кој во четата на Коста Попето од Гевгелиско се борел во Крушево. На тргнување четата броела седумдесет борци, крушевската епопеја ја преживеале само десет од нив, меѓу кои и братот на Стефан, Мито. Иако илинденец, умрел во голема сиромаштија во 1957 година.
Братучедот на Стефан Мандалов, Филип, бил член на четата на славниот гевгелиски војвода Леонид Јанков, а една од акциите во која тој учествувал била ликвидацијата на шпионот Христо Костадинчев.
Посебна е приказната за синот на Стефан Мандалов-Манданата, Стојан, роден 1897 година кој бил гевгелиски автонимистички војвода, а бил убиен од српската окупациска власт во 1933 година. Неговата смрт, весникот на македонската емиграција во Бугарија ја проследува со зборовите: ‘Смрт на македонскиот херој’!
‘Тој не е последен од семејството што имал, проблеми со властите на оваа територија.
Семејното спокојство не го наоѓаме ни по 1945 година, кога е следен, уапсен и осуден е Иљо Мандалов, како член на вмровска група, заедно со уште деветмина други стојачани’, раскажувал своевремено Перо Мандалов, потомок на Стефан Манданата, истакнувајќи дека оваа држава, конечно треба да му оддаде почит на Манданата.