По неколку месеци од објавата и убавиот прием кај публиката на вториот албум „Homage To A Dreamer“, ГОЦЕ СТЕФКОВСКИ СЕПТЕТ конечно и со концертна промоција на материјалот. Нивниот настап се одржа на 8 ноември, во Македонската филхармонија.
ЉУПЧО ЈОЛЕВСКИ
„Јас живеам тука, во Скопје, во Република Македонија. Овде имам комшии, познаници, пријатели, милион луѓе…и сакам во средината во која сме се нашле да има некаков ред и поредок. Тоа што еве сега правиме концерт со Септетот во Македонската филхармонија за мене е предизвик работите да се туркаат полека и по еден чекор напред“.
Ова се зборовите на музичарот Гоце Стефковски, изкажани во пресрет на големиот промотивен концерт на неговиот состав за актуелниот албум „Homage To A Dreamer“ во Македонската филхармонија. Тој на сцената на нашата национална установа ќе се искачи придружуван од своите соработници врвни музичари како Тодор Бакрџиев на труба, Кирил Кузманов – саксофон, Сашко Николовски – тромбон, Филип Динев – гитара, Гордан Спасовски – пијано и Кирил Туфекчиевски на контрабас, а гости на концертот ќе бидат гитаристот Димитар Божиков и клавијатуристот Филип Димишковски.
Во своето појаснување Стефковски нагласува дека познавајќи ги музичарите, луѓето од неговатата професија, смета оти тие и не се трудат доволно во поглед на тоа нештата да бидат успешни и сериозни. Или обратно – сериозни, па успешни можеби. Според него „како да имаат недостаток во растењето, на патот до успехот“.
„Квалитетни музичари, квалитетни композитори на 20 години треба да имаат барем по еден албум. И тој албум да се вреднува за да може кариерата нивна да биде успешна. Да почнат од таа возраст и да се развиваат до крајот на животот. Додека можат да си работат и нешто квалитетно да прават. А, не ние да чекаме на 40 години за да ги согледаме нештата и да ги наредиме сите коцки. Кои се негативните, а кои позитивните појави, за да можеш свесно оние што те спречуваат и што ти создаваат фрустрации, а ги има многу, посебно кај младите генерации, да ги тргнеш настрана. Да го повлечеш вистинскиот чекор. Некако има некоја чудна ерозија која цело време се покрива, се прикрива, а луѓето кои се интелегентни сакаат да функционираат во систем којшто ќе им овозможи напредок. И не само фиктивен напредок од типот: Еве ние сега ова добро го направивме и натаму ќе ни „цветаат цвеќиња“. Такво нешто не постои. Немаме систем. Затоа и пробуваме да направиме систем. Како средна генерација на музичари барем да изодиме некаков пат за да може генерациите што доаѓаат после нас да бидат по информирани и да не се плашат во поглед на тоа дали ќе биде нешто успешно или не“, вели Стефковки, инаку и актуелен претседател на Здружението на џез музичари на Македонија.
Од таму тој знае да каже дека творештвото за него е повеќе некаква духовна состојба отколку личен одговор на условите и времето во кое настанува музиката на ГОЦЕ СТЕФКОВСКИ СЕПТЕТ, албумските објави „Seven stories“ (Password production 2015) и „Homage To A Dreamer“ (SJF Records 2018).
„Мене ме интересираат убави работи во животот. Иако не ги живеам секогаш, ме интересираат токму тие убави нешта. Ме интересираат и инспирираат луѓе коишто се внатрешно убави. Коишто се нормални и добри. Коишто не се исфрустрирани и кои имаат свој интегритет. Тоа што го носам во себе и, ајде да речеме како композитор што е претежок збор бидејќи кај нас подразбира одредено образование за композиција и оркестрација, го изразувам е музика која едноставно извира, излегува од мене. Од сите нас во составот. Можеби музиката е комуникативна затоа што и јас сум комуникативен по карактер. Згора на тоа затоа што потекнувам и од таа рокенрол фела од времето. Триесет години се во прашање. Комуникација со разно-разни луѓе, различни бендови, различни стилови … ЛЕБ И СОЛ, АРХАНГЕЛ, Кирил Џајковски, ЛАСТ ЕКСПЕДИШН, ПРОЏЕК ЖЛУСТ, Д.Н.О, Никола Коџабашија, Бодан Арсовски ЕЗГИЈА ОРКЕСТРА, Зоран Маџиров, ЃОРЃИ ШАРЕВСКИ КВАРТЕТ …. Веројатно тоа е одговор на тоа искуство што го имам стекнато низ годините. Јас не сум стриктно насочен кон џез. Џез и ништо повеќе. Едноставно си правам музика којашто ја отсликува мојата моментална лична, духовна и имагинарна состојба“, смета музичарот.
Притоа Стефковски нагласува дека другарите со коишто е во бендот, луѓето како Кузманов, Николовски, Туфекџиевски, Спасовски…гостинот од Бугарија, трубачот Тодор Бакрџиев или Унгарецот Матијаж Гајер, пијанистот кој живее во Лондон и таму соработува со „сериозни ликови“…се фантастични музичари, разбрани луѓе и дека ја прифаќаат идеја и внесуваат огромен дел од себе и сопствената енергија во нејзината реализација. Тој е задоволен и од исклучително позитивните реакции на публиката, притоа независно дали тоа било на летната сцена во Котор, Црна Гора, или на „Башчаршијски ноќи“ во Сараево, Босна и Херцеговина, во соседните Србија и Бугарија …или во Ресен, Прилеп, Виница… Од таму со таквите сознанија и осоколени од преубавиот прием на композициите од актуелниот албум на светските сервиси, ГОЦЕ СТЕФКОВСКИ СЕПТЕТ се подготвени за новите предизвици. Водачот вели дека полека созреваат и новите идеи, но дека дотогаш достојно и во нормални услови ќе и обрнат внимание на музиката која циркулира околу нив. И да има некаква придобивка од тоа.
„Мораме да имаме некаков бенефит. Некаква добивка. Дали ќе биде духовна или било каква…сеедно. Нешто што работата ќе ја движи напред бидејќи еден процес на создавање на одреден материјал, на албум, изморува. Посебно во систем кадешто ништо не функционира. Сè е организација. Еве ќе направиме концерт. Се надевам луѓето ќе дојдат да не видат и да не чујат. Дека ќе им биде убаво. А за тоа бараме само да бидат добри условите за да биде нивото високо. Нормално. И за нашиве музичари, а не само за странците. Мојата теза е дека сите квалитетни луѓе од земјава, сите оние што вредат треба да бидат препознаени и дома, а не само некаде таму – надвор. Во средините и во земјите кадешто веќе се потврдиле. Се докажале како врвни инструменталисти и уметници. Не треба да заборавиме на нив. На нивната потентност, умешност, знаења и вештини што ги стекнале на врвни европски и светски академии. Не смееме да си дозволиме оставени на себе, настрана од системот, и тие еден ден да кренат раце затоа што за нив во татковината на пример немало вработување. Зарем тие, како еден Кирил Кузманов на пример едноставно треба да си заминат“, прашува Стефковски.