Уметникот Горан Ристовски изработил монументално дело насликано на површина од 13 метри должина и 7 метри висина
Ликот на стружанецот Владо Малески од неодамна е насликан на фасадата на Центарот за култура во Струга. Овој мурал, посветен на авторот на македонската химна „Денес над Македонија се раѓа“ е дело на младиот уметник од Струга Горан Ристовски. Станува збор за монументално дело насликано на површина од 13 метри должина и 7 метри висина.
„Ја избрав темата со ликот и делото на Владо Малески,бидејки тој по потекло е стружанец и неговите дела самите говорат за самиот тој и плус што е автор на химната Денес над Македонија се раѓа, вели уметникот Горан Ристовски.
Покрај делови од стиховите на химната, Ристовски вметнал и неколку други елементи.
„Го конципирав овој мурал вметнувајќи неколку негови препознатливи симболи. Почнувајки од струшкиот вез, кој е вметнат како детаљ. Со тоа сакам да асоцирам на едно од неговите најпознати литературни дела, а тоа е Разбој“, вели Ристовски.
Се надева дека ова уметничко дело ќе живее долги години, со оглед на досегашното искуство, кога многу од ваквите дела низ Струга се уништени.
„Сведоци сме изминативе години дека други слични вакви улични уметнички дела се мета на некаков вандализам, ги покриваат или уништуваат. Но се надевам дека во иднина ќе се гледа малку со поголема почит и респект кон овие дела и би сакал што повеќе да ги има“, вели тој.
Ристовски ,кој веќе 14 години создава улична уметност, вели дека не е воопшто лесно да се изработи еден мурал или ѕидно сликарсто. Чинат пари и доста време. Но потребен е и физички напор.
Ова му е петти по ред мурал кој го насликал во неговата родна Струга. Но сликал и на други места низ државата.
„Но сакам да се концентрирам во Струга, бидејќи живеам и работам тука и би сакал градот да е што побогат со вакви работи. Сакам многу станбените згради да се насликаат“, вели тој.
Муралот посветен на Малески е насликан како дел од проектот „Градиме култура, сликаме мурали“, по повод 30 години од независноста на државата.
(voa)