Амбасадорката Холштај ја потсетува Бугарија дека таму одредени однесувања не се европски. Амбасадорот на Унијата во Македонија вели дека земјава уима јасна европска перспектива. Поранешниот амбасадор на САД во Бугарија Пердју јасно и порача на Софија дека помина времето на малтретирањето на Македонија!
Меѓу Северна Македонија и Бугарија има добрососедски односи. Бугарија прва ја призна Северна Македонија како независна и е силен поддржувач на европеизацијата на целиот регион, особено на процесот на приближување на Северна Македонија кон ЕУ. Освен тоа, постои и Договор за добрососедство и, според мене, тој треба да се исполни со живот и консеквентно да се спроведе, рече минатата недела амбасадорката на Германија во земјава, Анке Холштајн.
Во интервјуто за Студио 10 на Телевизија 24, Холштајн истакна дека Германија и натаму ќе остане силен поддржувач на Северна Македонија. Важно е, порача, да се искористи времето за реформи и Европа да се донесе во Северна Македонија.
Таа се осврна на Елисејскиот договор, подвлекувајќи дека и со него не се споменувале пречки од типот на идентитет, јазик и историја меѓу Франција и Германија.
– Елисејскиот договор е склучен 18 години по крајот на Втората светска војна и ставил крај на т.н. исконско непријателство меѓу двете земји, со што се создала политичка, правна и симболична основа за заедничка соработка, рече амбасадорката.
Во однос на Европската унија, потенцира дека тоа е заедница на вредности: демократија, правна држава, независно судство, слободни медиуми и целосна еднаквост за сите.
-Тоа се вредности на кои ЕУ почива како целина и тоа е и нашиот слоган „единство во разноликост“. Не смееме да толерираме во земји-членки да има развои кои се далеку од тие вредности, истакна Холштајн.
„Сакам да испратам силна порака дека европската перспектива, перспективата на пристапување на Западен Балкан, вклучително и на Северна Македонија, е јасна и неспорна. Минатата година го имавме Самитот во Загреб, каде што оваа стратегиска цел беше повторена од страна на лидерите, ништо не е променето. Северна Македонија со нејзината географска положба, со нејзината култура, историја, е европска земја“.
Ова во интервју за МИА го изјави амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија Дејвид Гир, со кого разговаравме и за спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија, за можното членство во Европската економска зона, за пристигнувањето на вакцините, Ковакс механизмот, помошта на Европската Унија за санирање на последиците од Ковид кризата врз економијата…
Евроамбасадорот е оптимистичен дека земјава ќе оди напред, како и за заложбите на португалското претседателство со ЕУ да се одржи првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ во првата половина од годинава.
За евроамбасадорот Гир, преку процесот на реформи Северна Македонија ќе стане дел од семејството на Европската Унија
Во земјава се уште силно одекнуваат зборовите на Пердју,ексамбасадорот во Софија – Пердју Поранешниот американски амбасадор на САД во Бугарија и еден од коавторите на Охридскиот договор Џејмс Пердју во интервју за ДВ вели дека Бугарија мора да биде бранител на членството на Северна Македонија во ЕУ, а не противник, истакнувајќи воедно дека „завршило времето за малтретирање на С.Македонија“.
– Ги следам настаните на Балканот. И се чувствувам близок и со Бугарија и со Северна Македонија. Мислам дека е грешка бугарската Влада да го блокира процесот што ќе доведе до пристапување на Северна Македонија во Европската Унија. Напротив, Бугарија мора да биде бранител на членството на Северна Македонија во ЕУ, а не противник. Бидејќи влезот на Северна Македонија во ЕУ е дел од долгорочниот национален интерес на Бугарија. Сигурен сум дека Стејт Департментот поддржува брзо решавање на проблемите меѓу Бугарија и Северна Македонија, иако темата главно се однесува на Европската Унија и нејзините членки, вели Пердју.
Прашан како би можел да изгледа излезот од ситуацијата и дали е можно двете земји наскоро да постигнат договор Пердју истакнува дека долгорочен национален интерес на Бугарија е да има добри и партнерски односи со соседите во услови на заеднички демократски вредности. Членството во ЕУ, посочува, го охрабрува ова. Бугарија и многу луѓе во Северна Македонија имаат заедничка историја и култура, но Бугарија е понапредната нација и има предност со членството во ЕУ во остварувањето на своите цели. Двете земји се природни сојузници и можат да работат заедно за просперитетна иднина, доколку им го свртат грбот на некои од помалку важните прашања, наведува Пердју.
Националистите во Бугарија, дополнува, гледаа како Грција го користи своето членство во ЕУ за да изврши притисок врз Северна Македонија. И тие одлучија да ја спроведат истата стратегија. Но, времето за малтретирање на Северна Македонија заврши, потенцира Пердју.
Прашањата за историјата и јазикот, дополнува, не се доволно значајни за да ги оправдаат непријателските односи меѓу двете земји. На крајот на краиштата, Северна Македонија е суверена земја. И ниту една држава не треба да има право да принудува друга нација да ја менува својата историја. Историчарите и експертите нека ги расчистуваат контроверзните точки со текот на времето. Во меѓувреме, Софија треба да ја поддржи, а не да ја блокира кандидатурата на Северна Македонија за ЕУ. Сè друго е кусогледо, вели Пердју за ДВ.