Пред осум години сме напишале во Глобус дека една од развојните шанси за земјава е развојот на авантуристичкиот туризам . Тоа и сме го образлагале. Накусо – авантуристичкиот туризам е конципиран врз три компоненти. Првата е насочена кон физички активности во рамките на одморот, втората како начин на запознавање со културното наследство и историјата на земјата која се посетува, а третата е откривање на природните убавини. Македонија е идеална за развој на овој вид на туризам поради што тогаш стана дел од турата „Недела на авантури-Западен Балкан“.
„Од мојот неодамнешен престој тука можам да истакнам дека Македонија е одлична дестинација за авантуристички туризам. Сметам дека властите тука имаат концепт за успешно реализирање на плановите за промовирање на авантуристичкиот туризам на големиот северноамерикански и западноевропски пазар“, рече тогаш Крис Дојл, извршен директор за Европа на Меѓународната асоцијација за активен туризам.
Најголемите тур-оператори што работат со активен туризам на пазарите во САД и Западна Европа веќе се решени да ја стават Македонија во својата понуда како атрактивна дестинација.
„Тие ќе ги посетат местата каде што ќе ги почуствуваат активностите во природа, т.е. авантуристичкиот дух,потрагата по адреналин, како летање со параглајдери, планинарење, алпинизам и така натака. Ќе има еден микс од култура и природа“, рече тогаш Кристијан Џамбазовски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Ваквите форми на туризам, како што рече Крис Дојл, гледано од економски аспект носат повеќе заработувачка за разлика од другите видови туризам,бидеќи секој турист што решил да посети некоја земја, за ваков вид патување ќе треба да престојува повеќе денови.
Проектот предвидува 25 водечки туроператори од 6 држави на Западниот Балкан да се вмрежат и од регионот да создадат меѓународно препознатлива и одржлива дестинација за авантуристички туризам.
Во меѓувреме имавме и формирање на Здружение на Западен Балкан за авантуристички туризам, кое ќе ги обедини туроператорите и давателите на услуги за промоција на регионот во целина пред меѓународните туроператори и туристи е целта на собирот кој се одржува во Охрид во рамките на проектот на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) и Германската техничка соработка (ГИЗ).
На тридневниот регионален настан насловен како „Авантуристичкиот туризам на Западен Балкан – повторно поврзување во Охрид” туроператорите потенцираа дека заедничката промоција на Балканот на светските туристички пазари ќе го подобри квалитетот и ќе создаде регионални туристички производи, но и хармонизација на стандардите во целиот регион.
Според нив Западниот Балкан има богата авантуристичка понуда која е далеку поуникатна отколку во останатите европски земји. Цивилизациите кои се испреплетувале на овие простори, како што беше кажано, придонеле да имаме богата историја, култура и традиција што во комбинација со природните убавини се нашите главни адути.
Проектот предвидува 25 водечки туроператори од 6 држави на Западниот Балкан да се вмрежат и од регионот да создадат меѓународно препознатлива и одржлива дестинација за авантуристички туризам.
„Амбасадата на САД е горда што ги поддржува иницијативите како оваа, кои ги обединуваат институциите, приватниот сектор и заедниците низ целиот регион за да изградат посилни врски и да помогнат за засилен локален и регионален економски развој. Ова создава партнерства и поттикнува поголема соработка помеѓу земјите во регионот, што доведува до нови можности за бизнис и вработување. Денешниот настан претставува можност за промовирање на регионот во целина за меѓународно препознавање и привлекување инвестиции, што ќе овозможи развој на нови начини за зголемување на приходите. Исто така, сето ова нуди можност за развивање на регионални авантуристички туристички производи и прекугранични тури,” изјави Ерик Мејер, вршителот на должност Амбасадор на САД.
Раководителот на одделот за култура и медиуми во Германската амбасада во Скопје, Флориан Трегер-Штајнтјес потенцира дека оваа година се одбележуваат 30 години од германско-македонска соработка а повеќе од една деценија Германија преку ГИЗ вложува напори за подобрување, стандардизирање и промовирање на планинскиот и авантуристичкиот туризам во државава и регионот.
„Ме радува што овој настан претставува продолжување на овие напори и ќе придонесе кон целта, регионот да биде дел од светската мапа на атрактивни дестинации за одржлив туризам”, рече Трегер-Штајнтјес.
Проектот на УСАИД за економски развој, управување и раст на претпријатијата е регионален проект кој се спроведува во 12 земји во Европа и Евроазија како и во шесте земји од Западен Балкан. Преку проектот, УСАИД спроведува низа иницијативи и поттикнува раст на избрани синџири на вредности, вклучувајќи еко, авантуристички и рурален туризам.