Северна Македонија направи тешки политички чекори и заслужува меѓувладина конференција со ЕУ годинава, вели специјапниот пратеник на Вашингтон за Балканот – Ескобар. И посетите на Лајден и Вархеи имаа главно симболично значење, упатено кон неодлучните граѓани пред изборите
Се надеваме дека сите земји-членки во Унијата ја разбираат стратешката важност да им се дозволи на Северна Македонија и Албанија да го почнат процесот што е можно побрзо, изјави претставникот на Стејт департмент за Западен Балкан
Северна Македонија и Албанија имаат преземено огромни политички чекори, некои од нив многу тешки, и заслужуваат да ги почнат меѓувладините конференции што е можно побрзо, се надевам оваа година, изјави заменик-помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија Габриел Ескобар, за време на телефонски брифинг со новинарите во Брисел.
„САД се убедени дека Албанија и Северна Македонија имаат направено некои многу важни реформи. Тие ја придвижија нивната кандидатура неизмерно“, рече тој.
На прашањето дали САД ќе испратат порака до бугарските власти за ветото за почеток на преговорите на ЕУ со Северна Македонија, и што ќе направат за да го деблокираат процесот, Ескобар додаде:
„Се надеваме дека сите земји-членки на ЕУ ја разбираат стратешката важност да им се дозволи да го почнат процесот, и се надеваме дека Европската Унија, и како индивудуални земји-членки и како организација, ја разбира стратешката вредност на Балканот и неговата интеграција во Европа“.
Тој нагласи и дека борбата против криминалот и корупцијата е проблем низ целиот Балкан, и оти САД ги поддржуваат сите влади, официјални лица и институции кои имаат ваква заложба.
Одговарајќи на прашањето дали ЕУ им го свртела грбот на државите од Западниот Балкан, како и дали се губи европската перспектива во регионот, Ескобар рече:
„Ги охрабрувам моите европски партнери да испратат посилна порака дека Западниот Балкан е сакан и потребен во Европската Унија, и ќе продолжам да ја испраќам таа порака“, изјави тој.
Ескобар рече дека „со партнерството што го имаме со Европската Унија, мислам дека можеме да направиме огромни чекори во помагањето на Балканот да го надмине многу тешкиот период во 90 -тите години и се надевам, на крајот, да стане повеќе интегрирана со Европската Унија“.
Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен на денешната прес-конференција со премиерот Зоран Заев зборуваше со многу ентузијазам за напредокот на Македонија во изминатите неколку години.
„Ве сакаме покрај нас. ЕК и самата јас стоиме на тоа, вие постигнавте извонреден напредок и донесовте храбра одлука. Сакам да бидам јасна дека ЕУ сега треба да испорача. ЕУ и Северна Македонија веќе ги спојуваат силите. Треба да ја зацврстиме нашата економија која беше погодена. Тим Европа останува покрај вас. Ние дониравме 325 илјади дози вакцини и знам дека на почетокот тоа беше бавен процес, но испорачавме“, истакна Фон дер Лајен.
Европската Унија веќе не сака да им гарантира идно членство на шесте земји од Западен Балкан, на кои своевремено им ветуваше место во блокот, стои во интерен извештај, што го потврдија и четворица дипломати.
Застојот околу декларацијата за самитот на лидерите на ЕУ и Западен Балкан, што ќе се одржи на 6 октомври во Словенија е ново дно во стратегијата на Брисел да ги внесе Србија, Црна Гора, Македонија, Албанија, Косово и БиХ во блокот.
„На претстојниот самит во Словенија, Европската Унија планираше да го повтори ветувањето од пред 18 години дека ќе даде недвосмислена поддршка за европската перспектива на земјите од Западен Балкан“, стои во нацрт-декларацијата на самитот, во кој агенцијата „Ројтерс“ имаше увид.
Членките на ЕУ не сакаат да ги откријат своите ставови, но богати држави како Данска, Холандија и Франција не сакаат да се повтори ситуацијата како со избрзаниот прием на Романија и Бугарија во 2007 година, што беше проследено со лошо координираната миграција на источноевропските работници во Британија.
Бугарија е против приемот на Македонија поради спорот околу јазикот и историјата, а претходно, Франција и Холандија привремено го запреа процесот на проширување.
„ЕУ индиректно ги влошува тензиите во регионот кој сонува за влез во Унијата уште од крвавите војни во 1990-ите“, вели еден дипломат.
Според него симтоматично е што Вархеји и Фон дер Лајен во земјата дојдоа во време кога почнува да расте разочарувањето кај граѓаните од одложувањето на почетокот на преговорите со ЕУ. Тој посочува дека по малку е и индикативно што двајца играчи од таков висок калибар, доаѓаат еден по друг, во краток временски период и тоа на почеток на кампања за локалните избори.
– Сметам дека посетите зборуваат за некој вид поддршка на Владата. Дали тоа била нивната вистинската намера никој не може да знае. Но, секако дека таквите посети се добредојдени за Владата, како еден „бустер ефект“, бидејќи е очиглено дека ќе имаме доста интересна изборна трка. Што се однесува до конкретните ефекти од разговорите со државнито врв на Македонија, мислам дека ќе беше можеби подобро тие да отидеа во Софија и да разговарат со тамошните власти – како да се го сменат нивниот став во однос на почетокот на преговорите. Нивната реторичка поддршка за Македонија во овој момент, нема нешто посебно да влијае, бидејќи според нивните изјави, ние веќе сме ги исполниле условите. И Фон дер Лајен кажа дека „Македонија ги исполни условите за почеток на преговорите. Сега на ред е ЕУ да ги исполни своите обврски“. Бидејќи и Бугарија е дел од ЕУ, тогаш редно би било, тие меѓу себе да разговараат и да најдат излез од оваа блокада која потекнува од нив, односно од нивна членка. Мислам дека е поважно таа енергија да ја вложат во убедување на Бугарија да го повлече притисок и на тој начин да се ослободи еден европски процес, вели политичкиот аналитичар Мехмети.
На прашањето на „Локално“ до Мехмети дали нешто се случува зад сцената, односно дали ЕУ ги убаедува македонските власти да направат нови отстапки во врска за да им се удоволи на бугарските барања, Мехмети вели дека не верува во тоа, бидејќи, доколу постојано се поставуваат нови услови тогаш кругот никогаш нема да се затвори.
– Мислам дека посетата на Вархеји и Фон дер Лајен нема задни намери во однос на тоа дали од Македонија се бараат нови отстапки. Тоа би било премногу од нивна страна. Притисокот врз Македонија беше направен претходно во преговорите со Грција. Тие предуслови што беа очекувани беа исполнети и сега не може да се враќаат назад. Пред две години и барањата на Франција и Холандија ги исполнивме кога тие рекоа дека ќе ја сменат методологијата. Ние рековме добро ќе ја, поддржиме. Сега ако навистина нешто повторно бараат, мислам дека би било премногу. Не ми се верува, иако можеби во затворени кругови се разогарало и на таа тема. Но, доколку тоа го направат, тогаш навистина би било некоректен каков било, дополнителен притисок. Притисокот треба да биде внатре во Унијата, бидејќи ако постојано ни се поставуват нови услови тогаш никокаш нема да се излезе од тој круг, вели Мехмети.
При посета на Скопје претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен рече дека властите и граѓаните не треба да губат надеж, дека поминале долг пат и постигнале голем напредок. Таа изјави дека работат на надминување на спорот меѓу Софија и Скопје, така што првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со Европската унија би можела да се одржи до крајот на годината.
– Работиме и разговараме од двете страни. И со Бугарија, со цел да се надмине оваа последна пречка. Има многу добри идеи што вреди да се разгледаат, сите со цел да се надмине последната пречка и да започне првата меѓувладина конференција. Нашата цел е да започнеме со Северна Македонија и Албанија пред крајот на годината. Имате поддршка од многу пријатели во ЕУ и ајде да работиме напорно за да ја одржиме првата меѓувладина конференција. Тоа ќе биде нашата заедничка цел, рече Фон дер Лајен во Скопје.
Од друга страна пак, еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, дојде и си замина од Македонија без да даде изјава. Тој официјално не соопшти што разговарал со претставниците од земјава. На Твитер кратко појалсни дека е во Скопје на средба со премиерот Зоран Заев.
„Среќен сум што се вратив во Скопје на целосна дискусија со премиерот Заев. Се согласивме за брз почеток на имплементирање на проектите од Економскиот инвестициски план за Западен Балкан за зајакнување на економскиот развојна Северна Македонија и регионот. Разговаравме како да постигнеме напредок во отворањето пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија”, напиша Вархеји.
Премиерот Зоран Заев по посетата на Вархеји објасни што разговарале и што му било порачано.
– Имаше три теми на разговор – економскиот инвестициски план, Самитот ЕУ-Западен Балкан во Словенија и секако прашањето со Бугарија, рече премиерот Заев, одговарајќи на новинарски прашања по Осмиот форум на граѓанско општество на Западен Балкан, во Скопје.
Појасни дека нема никаква двосмисленост или нејаснотија во желбата на сите 27 земји членки за идната интеграција на Западен Балкан во ЕУ и тоа ни беше појаснето и од претседателката на Европската комисја, Урсула фон дер Лајен и од еврокомесарот Оливер Вархеји.
-Првата тема беше економскиот инвестициски план. Имаме позитивни пораки за Северна Македонија за пакетот 2021 година, поголем од 500-600 милиони евра и сме прворангирани и добивме најголема поддршка од грантовите преку овој план кој стартува оваа година. Секако тоа мора да помине на верификација од земјите членки во Европскиот парламент и до крајот на годината да биде официјализиран. Оставаме ЕУ да ги објави и проектите и парите и се што е поврзано со тоа, појасни Заев.
Втората работа, рече Заев, за која разговаравме беше Самитот ЕУ-Западен Балкан во Словенија и соодветното поставување на лидерите од Западен Балкан во пресрет на форумот.
– Желбата е и на Западен Балкан и на ЕУ, конечно да направиме поместување во овој процес и соодветниот наратив на форумот, што ќе се одржи во Словенија, навистина ќе биде многу важна порака што треба да стигне до граѓаните и институциите во сите земји од Западен Балкан, но и кај земјите членки. Ги следите дискусиите во ЕУ. Нема дилеми за стратешката поставеност на Западен Балкан, на ЕУ кон процесот на интеграции на Западен Балкан и затоа е многу важно по одредена видлива пауза, кои конкретни чекори ќе бидат прифатени, изјави Заев.
Третото прашање, според Заев, било поврзано со Бугарија, каде еврокомесарот Вархеј беше во посета пред една недела.
– Прво доаѓа охрабрувањето на тимовите меѓу министерствата за надворешни работи да продолжат во духот на изнаоѓање на прифатливо решение. Напорите, кои што ги прави еврокомесарот Вархеј и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, секако претходниот ден охрабрени од претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, се тие пораки кои што беа испратени – до крајот на годината, односно од 14 до 17 декември кога е Советот на Европа, да имаме позитивно решение. Дотогаш треба да работиме сите страни, пред се Северна Македонија и Бугарија, но и ЕУ, за да ја постигнеме целта, изјави Заев.