Светскиот фестивал на поезијата се одржа пред мал број посетителчи заради новите правила за јавни манифестации, врзани за ковидот-19
Младата поетеса Ива Дамјановски за книгата „Двоумење“ (Издание на ПНВ Публикации) е годинашен добитник на престижната поетска награда „Браќа Миладиновци“, што Струшките вечери на поезијата ја доделуваат за најдобро поетско издание меѓу два фестивала.
– Ако изминатава година, во поетската продукција на македонски јазик има нешто што може да ја понесе толку употребуваната, дури и излитена синтагма „книжевен настан“, тогаш според мислењето на жири-комисијата за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“, тоа секако е книгата на младата Ива Дамјановски. Како хабитус на една нова генерација, а во исто време и сензибилност која е безвременска, како музикалност и интермедијалност која вибрира на рабовите на поетскиот израз којшто се повеќе се втурнува кон другите уметности, ова книга е доказ и показ дека македонскиот јазик е сочен, жив и квалитетен материјал од кој може да се изградат песни кои се стимулативни и за уво, и за срце, и за мисла“ – стои во одлуката за националната поетска награда „Браќа Миладиновци“.
Жири комисијата ја сочинуваа Ангелина Бановиќ Марковска, Анастасија Ѓурчинова, Соња Стојменска Елзесер, Душко Крстевски и Никола Маџиров.
Овогодинешните Струшки вечери на поезијата, 59. по ред, започнаа на 28 август во хотелот „Дрим“ во Струга со читање на антологиската „Т’га за југ“ на македонски, албански, англиски и француски. Оваа година на фестивалот учествуваат 20 странски поети со видео читања и 20-ина домашни поети.
За време на фестивалот новинарот, публицист и културен работник Веле Митаноски на директорот на Струшките вечери на поезијата, Тодорче Тасевски, му предаде вкоричена и систематизирана збирка на стари фотографии од настани на поетскиот фестивал почнувајќи од 1970 година.