Наместо национално единство за мораториум, на Македонија ѝ е потребно национално единство за интеграција во ЕУ, вели лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски по вчерашната објава на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека ќе има мораториум на нападите врз Левица и ЗНАМ и повика на обединување
„Единствен мораториум во главата на Мицкоски е мораториумот за интеграција на државата во ЕУ. Исто како што го блокираше изминативе две години, тој е спремен да го одложува членството во ЕУ уште 11 години, исто како што правеше неговиот ментор Груевски“, рече лидерот на СДСМ од предизборниот митинг во Струга
Наместо национално единство за мораториум, на Македонија ѝ е потребно национално единство за интеграција во ЕУ, вели лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски по вчерашната објава на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека ќе има мораториум на нападите врз Левица и ЗНАМ и повика на обединување.
Ковачевски вели дека националното единство за интеграција во ЕУ е вистинскиот пат за промени и додаде дека тоа е одлуката што граѓаните ќе треба да ја донесат на парламентарните избори.
„Мицкоски зборуваше за некакво македонско единство и за мораториуми. За жал, сѐ повеќе и повеќе луѓе сфаќаат дека единствен мораториум во главата на Мицкоски е мораториумот за интеграција на државата во ЕУ. Исто како што го блокираше изминативе две години, тој е спремен да го одложува членството во ЕУ уште 11 години, исто како што правеше неговиот ментор Груевски“,
рече Ковачевски од вечерашниот предизборен митинг во Струга.
Според Ковачевски, едната опција на овие избори се Мицкоски, Силјановска и ВМРО-ДПМНЕ со мораториум за ЕУ, а другата опција, додаде тој, се СДСМ и Стево Пендаровски кои нема да се откажат од нашата европска иднина.
Ковачевски, во обраќањето пред стружани, рече дека ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски е истото ВМРО-ДПМНЕ кое на чело со Никола Груевски 11 години ја зароби државата внатре, а ја изолираше надвор.
„Тие нема да успеат да ја придвижат државата кон ЕУ, а потоа ќе ја обвинуваат Европската Унија за сѐ. Спремни се Македонија уште 100 години да не влезе во ЕУ. Нашиот главен фокус останува членството во Европската Унија. ЕУ е единствената шанса Македонија да се промени и да напредува“, додаде Ковачевски.
„Гарантираме 20 000 денари минимална и 30 000 денари просечна пензија за достоинствен живот на нашите пензионери, на оние кои ја изградија државата“,
рече тој презентирајќи ги пред стружани мерките предвидени во програмата за европска Македонија на СДСМ и „Коалицијата за европска иднина“.
Носителот на листата во Изборната единица 5 од СДСМ и „Коалицијата за европска иднина“, Јован Митрески ги повика стружани да се обединат и да не дозволат да се вратат оние за кои рече дека ја довеле Македонија до бездна и од неа направиле заробена држава.
„Да застанеме сите обединето и сложно зад планот за европска Македонија. Да застанаме сите обединето и сложно зад бројот 1. Заедно и сложно да постигнеме уште една победа за европска Македонија“,
рече Митрески.
Митрески од Струга рече дека младите не смеат да бидат жртви на политичари без став и без визија и додаде дека државата мора да оди напред.
Тој нагласи дека платите и пензиите ќе растат побрзо, инфраструктурно побрзо ќе се развиваме, туристичка сезона ќе има преку целата година, полесно ќе се развива езерскиот, планинскиот и руралниот туризам, само со поддршка на ЕУ.
Митрески додаде дека е лесно со шпекулации да будиш најдлабоки чувства кај секој Македонец за мајчиниот македонски јазик, да зборуваш за македонскиот јазик како бугарски дијалект, а притоа, како што рече, да не гласаш за Договорот со Фронтекс, прв договор потпишан на македонски јазик со сите земји членки на ЕУ вклучувајќи ја и Бугарија.
„Лесно е само декларативно да велиш дека си за ЕУ, а да правиш сѐ за да не станеш дел од ЕУ. Лесно е, ама не е чесно на граѓаните да им ја крадеш иднината за мали, ситни, бедни политички поени и борба за власт. Не вреди борбата за власт ако се загрози иднината на државата. Државата мора да оди напред. Не смееме да дозволиме младите да бидат жртва на политичари без став, без визија, кои освен за својата фотелја и желба за власт не мислат на ништо друго“,
додаде Митрески.