Oна за што оваа влада ја обвинува претходната, па дури и бара покренување на кривични постапки ги прави самата и го опотврдува со бројки – ЕСМ купило повеќе мазут и потрошил повеќе пари, а произвело помалку струја од високозагадувачкото гориво. Мицковски се уште таинствен како ќе ни ја качи струјата!

Последниот извештај за работата на Електрани на Северна Македонија во текот на минатата година покажуваат дека оваа компанија потрошила повеќе пари за мазут како алтернативно гориво за јагленот за термоелектраните во Битола и Осломеј, но и самите количини биле евидентно поголеми. Биле потрошени вкупно 33,3 милиони евра за мазут за РЕК Битола и за РЕК Осломеј. ЕСМ самиот признава во објавениот извештај за работењето во 2025 дека морал да користи повеќе мазут, поради неквалитетниот јаглен кој го користи.
Повеќе пари за мазут се потрошиле и за РЕК Битола и за РЕК Осломеј, а исто така и двете термоцентрали користеле поголеми количини од ова додатно, но фосилно гориво со високи емисии. За РЕК Битола биле потрошени 46.747 тони или 16,8 отсто повеќе, а РЕК Осломеј согорил 11.851 тони, или дури 42,12 проценти повеќе во 2025 споредено со една година претходно.
Помала била и ефикасноста од овој високозагадувачки енергенс. Кај РЕК Битола се трошеле по 23,88 тони за да се произведе еден гигаватчас енергија, што е за 23,58 повеќе споредбено со 2024, додека кај РЕК Осломеј ситуацијата е многу полоша – таму се трошеле дури 96,81 тони мазут за еден гигаватчас енергија или дури 120 отсто повеќе по само една година.
Поради исцрпеност на рудниците за јаглен, ЕСМ и минатата година набавувал големи количини преку надворешни доставувачи. Но од она што може да се заклучи од објавениот извештај за работата на ЕСМ во 2025 е тоа дека се купувало помалку јаглен во однос на една година претходно, но затоа количините на мазут пораснале многу повеќе како надоместување.
„Производството на термоелектричните централи во однос на лани е остварено со 466.781 тони помалку јаглен [10,55 %) и 10.239 тони повеќе мазут [21,17 %] во однос на потрошеното во 2024 година. Потрошувачката на мазут е како резултат на недовршената модернизација на котлите во РЕК „Битола” и намалениот квалитет на јагленот, што може да се види од калоричната вредност на јагленот изразена во килоџули по килограм“, објави ЕСМ во извештајот.
Во самиот документ е запишано дека набавките на јаглен од надворешни доставувачи е намалена за повеќе од 19 милиони евра на годишно ниво, но затоа за мазут биле потрошени околу 2,5 милиони евра повеќе. Контрадикторно е тоа што иако се зголемиле количините и парите на потрошен мазут, се намалила произведената струја од истиот.
„Потрошениот мазут за производство на електрична енергија вредносно е зголемен за 7,71 отсто односно 146.777 илјади денари во однос на 2024. За период 01.01.-31.12.2025 година во РЕК Осломеј потрошувачката на мазут вредносно е зголемена за 31,19 % додека количински потрошувачката на мазут е зголемена за 42,12% во однос на истиот период минатата година но се произведени помалку 66 гигаватчасови, а во РЕК Битола потрошувачката на мазут вредносно е зголемена за 2,95% додека количински потрошувачката на мазут е зголемена за 16,80% во однос на истиот период минатата година, додека се произведени помалку – 114 гигаватчасови“, соопштено е во извештајот.
За граѓаните секако последните недели е клучно прашањето како оваа влада ќе ни го сруши стандардот преку ново покачување на цената на струјата. Новиот шефна Регулаторна еден ден говореше за укинување на тарифните групи („не може една стока да има различна цена“) за потоа, можебивеќе и следниот ден да вели дека се размислува да се зголеми периодот на евтина (денска) струја на пет часа (!) преку поактивен однос кон изворите на струја добиени низ сончеви колектори. Се некако мириса дека оваа втората варијанта ќе биде некаква компензација за првото решение?!
Премиерот Христијан Мицкоски на собраниската седница за пратенички прашања во четвртокот најави дека се работи на модел кој би можел да донесе поевтина електрична енергија за граѓаните. Според него, новите решенија, договорени во консултација со Европската комисија, би можеле да овозможат намалување на цената на струјата од 5 до 10 проценти.
– Иако пазарот е либерализиран, правиме допрецизирања во Законот за енергетика. ЕСМ нема да испорачува повеќе од 70% од потребите на снабдувачот од 1 јануари 2027 година. Целта е да добиеме поевтина и стабилна цена – истакна Мицкоски.
Тој појасни дека потрошувачката на електрична енергија е поделена во периоди од денот и годината, со различни цени во зимска и летна сезона, како и преку ден и ноќе, зависно од производството од обновливи извори.
– Сакаме да направиме модел што ќе биде вин-вин ситуација – и за системот и за граѓаните. Во одредени периоди струјата од соларните капацитети е речиси со нулта или дури негативна цена – рече премиерот.
Не може секако ништо поконкретно да се заклучи како би изгледал тој „вин-вин“ модел. Ако се говори низ искуството на граѓаните помина времето кога државата ја субвенционираше цената а Мицковски тоа реално не ни помислува да го следи.




