Професорот Славко Милосавлевски во своето веројатно последно интервју, даено за Глобус пред да почине, оцени дека во јуни 1968 година, датум од кој не делат 50 години, се повратил дел од претходно поразените конзервативни политички сили во Југославија. Дел од југословенското раководство сакало да ги употреби тенковите на ЈНА против студентите. Студентите потекнувале од најсиромашните семејства и биле против привилегиите со паролата “Долу црвена буржоазија”
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
фото: АНДРЕЈ ГИНОВСКИ
Во 2012 година сосема тивко, како што и живееше, почна д-р Славко Милосавлевски. Професорот кој беше жртва на една од чистките кои се направија врз т.н. либерали, заслужи само еден весник (Утрински) да се збогува достоинствено од него. Во другите медиуми ниту збор, ниту слика! Ова секако покажува како тукашните политички елити се однесуваа кон него. Ниту една партија, ниту една невладина организација, ниту една владина институција не рекоа ни зборче по повод неговата смрт. Нормално, тој не беше „вистинскиот дисидент”, бидејќи не беше националист!
Редакцијата на Глобус беше една од последните што со него контактираше. Бевме во неговата куќа во Вратница да разговараме за една тема која ни се чинеше значајна. Ја реобјавуваме онака како што беше објавена.
Слободата стекната со познатиот Брионски пленум во 1966 година ја овозможи појавата на отворено манифестирање на студентското незадоволство во јуни 1968 година. Парадоксот на историјата ќе сака таа 1968 година да го врати општеството многу години назад пред Брионскиот пленум и да го истреби либералното јадро од јавниот живот. Тоа е парадокс на историјата и за него посакавме да говориме со еден од на активните чинители на либерализацијата во некогашна Југославија – д-р Славко Милосавлевски, кој како дел од македонската екипа во постбрионскиот период битно влијаеше на освојувањето на слободата во земјата. Милосавлевски бил присутен и на состанокот на ИК на ЦК СКЈ, кога се расправало за студентските нереди и тоа беше повод да ја бараме генезата на идеолошките девијации кои се – и според него – обележје и на современоста: позначајни да ни се колективните од индивидуалните права, да се форсира националното над интернационалното (или би рекле денес – глобалното)…
Името на д-р Милосавлевски, кој денес живее, главно, под Љуботен на Шара, во своето родно Вратница, го откривме во дел од стенограмот на една од седниците на врвот на некогашниот СКЈ, како еден од двајцата тогашни претставници од Македонија кои ја “кроеле историјата”.
„На седница на Извршниот комитет на ЦК на СКЈ, која се одржа на 4 јуни 1968 година, два дена по започнувањето на демонстрациите во Нов Белград, во Студентскиот град, бев донесен директно од аеродромот. Се наоѓав во Прага, каде што бев на студиски престој и поради политичките настани, кои го загрижија раководството на Југославија, бев повикан назад. Состанокот започна во 9 часот, а на него се расправаше за актуелните настани по повод демонстрациите на студентите и тоа беше единствена точка на дневен ред. Во тој миг, ИК беше најмоќното политичко тело во земјата, по Секретаријатот на ЦК на СКЈ каде што имаше само пет члена (Тито, Мијалко Тодоровиќ, Вељко Влаховиќ и Едвард Кардељ). Се сеќавам дека од Македонија на седницата бевме јас и Киро Хаџи Василев”, вели за тие „жешки” историски денови д-р Славко Милосавлевски.
„За ситуацијата не бев многу запознат, но имав куса средба со Мијалко Тодоровиќ, од кого дознав што се случувало претходните денови. Забележав дека присутните на седницата беа возбудени и некако исплашени од развојот на настаните. Воведно излагање поднесе Стеван Дороњски, кој нагласи дека во говорот ќе има несредености и импровизации, но дека тој не спиел три ноќи едноподруго. Најпрвин се постави прашањето дали да се користи ЈНА за „средување на ситуацијата”, на што многумина се спротивставија. За тоа бев категоричен во отфрлањето на таа солуција и добро беше што состанокот започна така. Главно беше критикувана партијата и се наоѓаа грешки во методите на работа, во запоставувањата на прашањата на обичниот човек и на младите, пред се’. Тито цело време слушаше, нешто запишуваше и чекаше да се изјаснат сите. Најгласен во критиката на партијата беше Ѓуро Пуцар – Стари, кој сметаше дека СКЈ како организација е практично растурен по либерализацијата од 1955 година и бараше враќање назад. Според него, требаше да се врати и името КП. Тито ги прифати критиките на општеството и согледување на „неработењето на партијата на терен”. И гледајќи од денешен аспект, нему му беше лесно да прифати поголем дел од паролите на студентите, бидејќи тие беа левичарски и тешко и можеа да се одбијат тукутака. По седницата, политичкиот врв започнал да влегува меѓу студентите и да говори на трибините. Најжешко било, вели Милосавлевски, на Филозофскиот факултет, каде што професорот Љуба Тадиќ, татко на сегашниот српски претседател, основал т.н. Конвент, кој беше направен по угледот на Конвентот од Француската револуција”.
Таму ситуацијата била во рацете на група политичари со кои Милосавлевски бил близок, како што се Загорка Пешиќ, Светислав Стојановиќ… “Имав можност да говорам, но најмногу од македонските политичари говореше Крсте Црвенковски, кој имаше голем углед меѓу студентите. Доста влијаеше со своите говори Вељко Влаховиќ. Целата идеја беше да се издиференцираат барањата на студентите и да се совпаднат со оние што би биле прифатливи”.
Два дена потоа, се сеќава МИлосавлевски, во Скопје беше организиран голем собир во предавалната на Педагошки факултет, каде што беа сместени тогаш и Правниот и Економскиот факултет. „Тоа не беше партиски состанок, туку состанок со сите кои сакаа да дојдат – имаше професори, кои не говореа многу, асистенти и, секако, студенти. Тема – настаните во Белград и оцените за тој настан. Имав говор и во него ги критикував состојбите во општеството, во нив гледав причина за студентското незадоволство. Најмногу говореа младите асистенти од Правниот факултет, особено Ѓорѓи Марјановиќ, кој беше најостар во критиките. Кога зборуваше, имав впечаток дека гледа во мене, што не беше чудно – јас бев висок функционер во тој миг. Со него се дружевме и приватно и делевме многу ставови и мислења заедно. И тогаш и потоа”, вели нашиот соговорник.
Според сведокот на тие настани, во Скопје – како што се велело – ситуацијата се држела под контрола. „И не би рекол дека тоа беше дело на УДБА, како што можеби некој мисли, иако таа, секако, дејствувала по свои канали. Сметам дека професорите и асистентите прифатија еден метод на контролиран изблик на незадоволството, кој не излезе надвор од факултетите”, проценува денес Милосавлевски. „Идеите на Конвентот во Белград беа често и ултралевичарски, веројатно под влијание на некои идеологии како кинеската (композиторот Вук Стамболовиќ ја компонирал песната “Лева, лева, лева”, по стиховите на Мајаковски, која беше многу популарна – н.з.), а се појави и паролата „Извезуваме работна сила како говедско”, што асоцираше на првите гастарбајтери кои заминаа во западните земји, бидејќи пасошкиот режим стана крајно либерален.
„Бевме многу сиромашна земја тогаш. Ретко некој автомобил, пред се’ службен, имаше по улиците. Сиромаштијата бараше урамниловка, секоја промена на социјалната слика предизвикуваше сомневање. Дури и јас и професорот Нетков во списанието ‘Погледи’, што го водеше Мито Хаџи Василев Јасмин, сакавме да пишуваме за привилегиите на дел од политичкиот врв. На пример, бодеше очи тоа што политичарите можеа да увезат автомобил без царина. Студентите, кои беа дел од сиромашната маса, затоа и го напишаа она ‘Долу црвената буржоазија'”, анализира нашиот домаќин во Вратница.
Во Белград, според сведоштвата од она време, се носени силни полициски сили од внатрешноста. Некои раководители на фабриките биле подготвени да ги натераат работниците да ги нападнат студентите. Ректорот на Универзитетот Драгиша Ивановиќ никако не се враќал од службен пат во Источна Германија (студентите на шега велеле дека веројатно назад тргнал со велосипед).
Седмиот ден на демонстрациите, според сеќавања на сите современици на настаните, на белградската телевизија во вечерните часови говорел Тито. Говорот бил прилично конфузен и денес не е целосно разбирлив. Се говори за студенти кои не учат, но се признава вистината од одредени пароли и во нив се „препознаваат” вистински ставови. Тито во еден миг ќе рече дека „никој не е незаменлив, па и јас”. Дел од студентите ќе сфатат дека неговите зборови на поддршка се доволни и ќе заиграат Козарачко оро…
Во следните денови, иако било ветено, шефот на белградската полиција, кој наводно самостојно удри по студентите кај Подвозникот, не беше сменет. Острите економски реформи, сепак, загубија здив, а беше воведена категоријата „минимална плата”, што ја бараа студентите. Многумина професори подоцна ги загубија катедрите, а пасошите им беа земени на лидерот на демонстрациите Владимир Мирјановиќ („Влада револуција”) и на Соња Лихт, сега активен учесник во демократизацијата на Србија во постмилошевиќевската ера. Дојдоа и апсења и насилни регрутирања во Армијата.
За Милосавлевски нема дилема дека демонстрациите во Белград (тој смета дека студентските незадоволства во другите универзитетски центри биле минорни) го повлекле општеството назад. Тие биле шанса поразените политички сили од Четвртиот и од Шестиот пленум на ЦК на СКЈ, каде што македонските кадри одиграле значајна улога во демократизацијата на општеството, особено Крсте Црвенковски, да се повратат на политичката сцена. По тие настани, полека се подготвува терен за пресметка со прогресивните сили, кои најпрвин биле прогласени за либералисти, некои биле исклучени од партијата, а некои биле пензионирани. Д-р Славко Милосавлевски беше исклучен од партијата, а Крсте Црвенковски бил пензиониран во 1973 година и потоа никој не го побарал за ништо до крајот на животот. На удар се нашле Милосавлевски и Чокревски на Правниот факултет. Книгата на д-р Милан Нетков за 1968 година, издадена од „Студентски збор”, подоцна е тивко проскрибирана – не е дозволено нејзино слободно продавање.
За човекот кој ги минува пензионерските денови во дворот полн со рози, во периодот 1966 – 1968 година, а делумно и потоа до 1969 година, па и 1970 година биле видливи чекорите напред во општеството. Во 1967 година, на пример, тој отворено го критикувал Синдикатот и рекол дека ССЈ не може да организира ниту еден генерален штрајк, дека е само дел од политичкиот апарат на државата или негова трансмисија и оттаму „тој е за историјата”. Во она време никој не реагирал на таков објавен текст. Потоа Милосавлевски побарал да се оди кон повеќепартиски систем, СКЈ да добие конкуренција и одново немало реакција. Податок за либерализацијата е и фактот дека Ѓилас бил ослободен од затвор и тој присуствувал на говорите во Студентскиот град лично, но не му дале да настапи. „Факт било дека полека и партискиот живот и критика станале секојдневје и дека тогаш дури во СКЈ имало повеќе внатрешна демократија отколку во повеќето политички партии денес во Македонија”, дециден е Милосавлевски.
Но, во Македонија место социјални барања, на дневен ред се нашле – националните. На 11 март 1968 година, се случуваат демонстрации во Приштина, кои се пренесуваат и во Тетово. Албанците барале поголеми права како национално малцинство. „Во време на демонстрациите, јас и Крсте Црвенковски бевме во Белград. Претседателот на ЦК на СКМ беше телефонски известен за настаните, а тој препорача тој судир да се решава со политички средства. Тоа е доказ дека општеството беше демократизирано”, вели Милосавлевски. Но, додава дека националното и тогаш било над другите прашања, посебно над индивидуалните права. „Без индивидуалните права нема либерализација на општеството и оттаму замре либерализмот во Југославија”, констатира Милосавлевски.
Којзнае зошто, но средната и постарата генерација се навраќа често на таа 1968 година. Американскиот публицист Марк Курлански за загрепски „Глобус” вели дека по 1968 година, немаше година која би била одново „политички млада”, во која некоја нова генерација би настапила со своја „политика”, со мали исклучоци на глобалистичките безредија во Сиетл (1999) и Џенова (2001), кои идеолошки не помрднале од 1968. Културолошките сентиментални вредности, секако, се неспорни. Од аспект на земјата која се обидуваше да заплови во други, поинакви идеолошки води, она што се случуваше пред пет децении несомнено беше враќање назад.
Тоа дека 1968 година била можна само како дел од слободите што ги донесе 1966 година и Брионскиот пленум, говори фактот дека Јосип Броз Тито, неприкосновениот владетел на земјата, бил остро критикуван на седница на најтесното партиско раководство во јуни 1967 година и дека таа атмосфера на отвореност долго држела вода. Милосавлевски вели дека критиката започнала откако Мијалко Тодоровиќ, прв човек на Извршниот комитет на СКЈ, свикал состанок веднаш по крајот на шестдневната војна на Блискиот Исток (таа заврши на 10 јуни 1967 година). На седницата е поставено прашањето зошто Тито сам одлучил да замине во Москва, без да го консултира политичкиот врв, на состанок на комунистичките партии (по повод војната на Синај) и зошто е дозволено прелетување на советски авиони и нивно сервисирање во Југославија, на пат кон Египет, без за тоа да постои некаков политички став во земјата.
Одењето во Москва значело дека СКЈ се враќа во прединфоирмбировската доба. За тоа не знаел ниту еден политички функционер во Југославија, а за доаѓањето на „Стариот” во Москва се дознало од советските медиуми. Тоа подигнало многу аларми во западниот свет, а во источните земји било прифатено како враќање на земјата „во старото комунистичко јато”.
Имало нејаснотии и поради давањето отворена воена помош на Египет и дозволата Црвената армија да ја користи земјата како скокалница до Блискиот Исток. И за тоа никој не бил консултиран, вклучувајќи го и министерот за надворешни работи Никезиќ.
Речиси сите учесници на состанокот (освен Коча Поповиќ и Едвард Кардељ кои заминале за Каиро) го критикувале првиот човек на државата и на партијата и тој морал да го поднесе тоа мирно.
„Говорев и јас и тоа многу остро, бидејќи одењето во Москва очевидно беше грешка и во методот и во однос на целата наша поблиска историја”, вели Милосавлевски. „Спроти мене седеше првиот човек на ЈНА – Гошњак и мислам дека ме голташе со острите погледи. Дури во еден миг помислив дека кога ќе си заминам од салата, ќе ме уапсат, но не се случи тоа“.
Тито беше критикуван дури и од Лазар Колишевски, што беше за чудење. Но, тој тогаш беше револтиран од односот на Јосип Броз кон него, особено од фактот дека доби пониско одликување од Јованка Броз, смета нашиот соговорник. Критиката се однесуваше на тоа дека Никезиќ, министерот за надворешни работи, не смее да не знае за промени во неговиот ресурс”, вели Милосавлевски.