Во Македонија нема доволно доктори, ама има и повеќе од доволно „чудни институционални замижувања“. Најочигледните опасни беззаконија го цедат Фондот додека од устите на политичарите течат благоречиви флоскули за „здравјето на граѓаните како најголем приоритет“ и контрола над работењето на здравствените установи. Ова е едно истражување објавено во „Слободен печат“
МИРОСЛАВА СИМОНОВСКА
Снежана Тренчева, сопруга на примариус доктор Виктор Тренчев од Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, три години примала плата во приватната ординација „Кала Медикал“ во Скопје каде фигурирала како „специјалист по семејна медицина“ со 1018 пациенти на свое име. Ординацијата имала склучено договор со Фондот за здравство и ја навела Тренчева како свој „избран доктор по медицина“, иако таа имала положено само пет испити на Медицинскиот факултет и никогаш немала лиценца од Лекарската комора, ниту за општ доктор, ниту за специјалист. Ова фијаско за „Слободен печат“ го потврдија од Фондот, од Медицинскиот факултет и од Лекарската комора во Скопје.
– Ве информираме дека во регистарот на издадени, обновени, продолжени и одземени лиценци што го води Лекарската комора, не е евидентирано лице Снежана Тренчева – велат од Комората за „Слободен печат“.
Институциите се децидни дека Тренчева иако немала завршено Медицински факултет, сепак запишала и завршила приватна специјализација по семејна медицина на Медицинскиот факултет во Скопје. Веднаш откако „Слободен печат“ почна да поставува прашања, оваа специјализација експресно ѝ беше поништена од наставно-научниот совет. Причината е во тоа што не може да се специјализира пред да се дипломира.
Откриваме нов скандалозен случај на институционална заспаност и неажурност, која довела до можна проневера на буџетски пари на здравствените осигуреници. Во предистрага Обвинителството проверува дали се работи за надрилекарство, или пак вистината е верзијата која ја кажува Тренчева – дека била само „фантом“ во ординацијата каде ги дала документите за вработување. Според неа, никогаш не се појавила во ординацијата „Кала Медикал“ и не лекувала пациенти, туку некој друг, односно сопственикот на ординацијата кој е исто така под лупа на Обвинителството – ѝ помогнал да извади факсимил од ФЗОМ за потоа да се вршат прегледи и да се издаваат рецепти во нејзино име.
„Ги дадов документите за да ми тече стаж и не лекував пациенти“, тврди Тренчева
Документите, тврди Тренчева за „Слободен печат“, во ординацијата ги дала свесно, но не за да лекува пациенти туку за да ѝ тече стажот, а на сметката во банка добивала по 20 илјади денари месечно додека седела дома, а некој друг во нејзино име го удирал факсимилот со нејзиното име, на прегледи, упати и рецепти за 1018 пациенти. Таа тврди дека една лиценца дала во ,,Кала Медикал“ за да се извади факсимил на нејзино име, но друга лиценца завршила во архивите на Фондот. Според неа сето ова е – за да ѝ се направи диверзија.
Но, од ординацијата „Кала Медикал“ имаат сосема спротивен став.
– Таа имаше пациенти, доаѓаше на работа со физичко присуство и дадени се изјави во Обвинителството за оваа работа, ни рече во краток телефонски разговор доктор Валентина Ливринска од ординацијата „Кала Медикал“.
Приказната за Снежана Тренчева е чудна, не поради нешто друго, туку поради бројот на институционални заштитни брани што документите на нејзино име успеале да ги прескокнат. Едната од нив – компјутерот во Фондот за здравство, сепак открила проблем.
Но, дотогаш ѝ биле исплаќани плати, фигурирала како докторка во приватна здравствена установа што имала договор со Фондот, а успеала и со петте положени испити – да запише приватна специјализација по семејна медицина која во првата година Министерството за здравство ја финансирало со 1.000 евра.
„Во периодот додека имала договор со Фондот , д-р Снежана Тренчева имала вкупно 1018 пациенти, од кои 38 пациенти до 6-годишна возраст и 166 пациенти од 7 до 18-годишна возраст“, ни рекоа од ФЗОМ
Сопруг и сопруга со ист број на лиценца – ФЗОМ допуштил!
Секој лекар во Македонија за да работи мора да има лиценца која ја издава Лекарската комора. На неа има број кој никогаш не се менува. Се менува само звањето од општ лекар во специјалист или субспецијалист, но бројот на лиценцата останува ист во текот на целата кариера на лекарот. Меѓутоа, лиценците на Тренчева доставени во евиденцијата на Медицинскиот факултет во Скопје кога таа запишала специјализација и онаа доставена во „Кала Медикал“ при вработувањето (за да се склучи договор со Фондот) – се со различни броеви. Ова Фондот за здравство не го забележал кога склучил анекс договор со „Кала Медикал“ во кој Тренчева била „нов избран лекар во примарната здравствена заштита“. Анексот бил склучен врз основа на барање, уверение за положен специјалистички испит по семејна медицина и лиценца за работа. Фондот го обработил барањето од 24 септември 2019 година, ама не забележал неправилности во документите што ги доставила приватната здравствена установа до нив за да ја вработи Тренчева како нов избран лекар.
– Меѓу документите за Тренчева, од „Кала Медикал“ доставиле уверение за положен специјалистички испит по семејна медицина бр. 0903-695/1 од 05.02.2013 година, од Медицинскиот факултет Скопје. Исправата била копија со печат на ординацијата и потпис верно на оригиналот, ставен од овластеното лице на здравствената установа – тврди ФЗОМ.
Во моментот кога сопругот на Тренчева напреднал во неговата медицинска кариера и добил звање примариус, неочекувано дошол крајот на докторската кариера на Тренчева.
– Од страна на Фондот при ажурирање на податоците за обновената лиценца на доктор Виктор Тренчев, по доставен допис од ЈЗУ Универзитетска клиника за пластична и реконструктивна хирургија Скопје, Фондот да изготви нов факсимил за доктор Виктор Тренчев поради доделеното звање примариус, системот на Фондот даде информација дека под ист број на лиценца – 0009756, во системот на Фондот е евидентиран здравствениот работник Снежана Тренчева, доктор специјалист по семејна медицина со факсимил број 159956, вработена во ПЗУ „Кала Медикал“, Скопје.
Од страна на Фондот на 4 мај 2023 побарано е од Лекарската комора да направи проверка и да се произнесе за лиценцата на доктор Виктор Тренчев (како специјалист по општа хирургија и новата лиценца како супспецијалист) издадена од Лекарската комора, да провери дали е валидна лиценцата за работа на доктор Снежана Тренчева и дали истата е обновена, и зошто има лиценци со ист број за двајцата лекари. Лекарската комора достави одговор дека доктор Виктор Тренчев има валидна лиценца по пластична и реконструктивна хирургија, а лицето Снежана Тренчева не е евидентирана во Регистарот на издадени, продолжени, обновени и одземени лиценци за работа.
Поради сето ова се појави сомнеж дека ПЗУ „Кала Медикал“ употребила фалсификувани исправи (уверение за положен стручен испит и лиценца за работа од ЛК) и врз основа на нив склучила анекс на договор со Фондот. ФЗОМ има поднесено кривична пријава на 9 јуни 2023 година до ОЈО Скопје и на самата пријава е констатирана висината на штетата која му е нанесена на Фондот – објаснуваат од ФЗОМ за „Слободен печат“.
Кривична пријава против Тренчева поднело и МВР.
Обвинителството во Скопје уште води предистрага за Тренчева, иако во Медицинскиот факултет во Скопје постои нотаризирана изјава која таа самата ја дала – дека нема завршено Медицински факултет. Таа ни рече дека изјавата ја дала под притисок, пред година и три месеци зашто „ѝ се заканувале од факултетот дека ќе ја гони полицијата, се плашела за семејството и за својата безбедност“. Тренчева вели дека на Медицинскиот факултет во Скопје ѝ сугерирале како да се „вади“ за овој скандал за незавршениот факултет, а за доделената специјализација – да каже дека завршила факултет во Албанија за да не настрадаат и други. Од Медицинскиот факултет во Скопје категорично го негираат ова.
– Ми рекоа да кажам дека не сум знаела оти треба да имам завршено Медицински факултет за да запишам специјализација, или да кажам дека сум дипломирала во Албанија. Не можев да давам такви лажни изјави па на крај отидов на нотар кој ме праша дали при здрава свест ја давам изјавата. На нотар дадов изјава дека немам завршено Медицински факултет. И таквата нотаризирана изјава ја доставив на Медицинскиот факултет пред година и три месеци, само за да ми го остават семејството на мир – ни рече Тренчева.
Обвинителството не се брза со предметот. Тој повеќе од една година е во предистрага.
– Во конкретниот предмет се споени две кривични пријави, едната од Фондот за здравствено осигурување и една од Министерството за внатрешни работи. Со пријавите се опфатени две физички лица кои се пријавени за фалсификување исправи, едно физичко лице за несовесно работење во службата како и правното лице – медицинска ординација. Во постапката надлежниот јавен обвинител презема дејствија во предистражна постапка, во рамките на која целосно ќе испита дали се сторени наведените кривични дела или друго дело кое се гони по службена должност.
Во таа насока, прибавена е дел од документацијата и извршени се распити на лица, меѓу кои и дел од пријавените. Еден дел од документацијата уште се прибавува, а закажан е распит и на претставници на Фондот за здравствено осигурување како оштетен во конкретниот случај по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука – велат од Основното јавно обвинителство Скопје, кое повеќе од една година ги има кривичните пријави на своја адреса.
Медицинскиот факултет вели – има положено пет испити, а завршила специјализација!
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје испрати детални одговори на прашањата на „Слободен печат“. Во нив пишува:
На Универзитетот ,,Св.Кирил и Методиј” во Скопје – Медицински факултет – Скопје, нема дипломирано студент со име Снежана (моминско Соколоска) Тренчева. Согласно податоците од студентското досие на лицето Снежана Соколоска од Прилеп број 14484 на Медицинскоиот факултет во Скопје, таа се запишала во академската 2002/2003 година и во него има пријави само за положени 5 (пет) испити. Лицето Снежана Соколоска се запишала на Медицинскиот факултет во Скопје во учебната 2002/2003 година и не го завршила, велат од Медицинскиот факултет во Скопје.
Оттаму додаваат дека кога од Лекарската Комора добиле допис дека Тренчева нема лиценца, на ден 14.06.2023 година до Министерството за внатрешни работи на РСМ, Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал/Сектор за криминалистичка истрага, Медицинскиот факултет поднел пријава за можно кривично дело. До крајот на месец август 2023 година, Факултетот на барање од МВР во неколку наврати ја испраќаше бараната документација.
До овој момент Факултетот нема информација за исходот на постапката.
Во досието кое го води Одделението за специјалзиации и супспецијалзиации на факултетот на лицето Снежана Соколоска има: молба; фотокопија од лиценца за работа со регистарски број 0092439 издадена на ден 28.09.2007 година; фотокопија од М-1/М-2 и М-3 обрасци и од договор за вработување со работодавачот ПЗУ Др. Митка Тренчева од Скопје; Решение за одобрување на специјалзиација бр.07-02-3483 од 02.12.2009 год. и Договор за меѓусебните права и обврски на специјалзиантите по семејна медицина и Медицинскиот факултет во Скопје за специјалзиантот Соколоска Снежана бр. 07-02-3483 од 07.12.2009 година; договор за финансирање на првата година на специјализација по семејна медицина склучен помеѓу министерството за здравство на РМ – Проектна единица за координација, Медицинскиот факултет при УКИМ во Скопје и д-р Снежана Соколоска специјализант по семејна медицина број 0702-234 од 27.1.2020 година; уплатници за извршени уплати на средствата за специјализација; молба за полагање на специјалистички испит бр.0903-695/1 од 05.02.2013 година; решение за одобрување на полагање на специјалистички испит број 0903-695/1 од 05.02.2013 година; Записник за положен специјалистички испит по семејна медицина на ден 05.03.2013 година и пополнета специјализантска книшка на име Снежана Соколоска.
Овој одговор ни го сподели Медицинскиот факултет во Скопје. Снежана истакна дека во ПЗУ „Д-р Митка Тренчева“ работела како администратор.
Ова е втор случај од овој калибар што „Слободен печат“ го открива годинава
Во Македонија нема доволно доктори, ама има и повеќе од доволно „чудни институционални замижувања“. Најочигледните опасни беззаконија го цедат Фондот додека од устите на политичарите течат благоречиви флоскули за „здравјето на граѓаните како најголем приоритет“ и контрола над работењето на здравствените установи. Во меѓувреме праксата покажува дека има лица кои директно специјализираат медицина пред да дипломираат. Фондот ги плаќа за да бидат фантом доктори или пак уште пострашно – за да лекуваат пациенти. Системот дозволува!
Од Фондот тврдат дека после случајот Тренчева направиле промени. При прием и комплетирање на документација за склучување на нов договор или анекс договор за работа со Фондот од страна на приватна здравствена установа, за докторот сега бараат да им се достави лиценца заверена на нотар. Се водат преговори со Лекарската, Стоматолошката и Фармацевтската комора да се има електронски увид на сите лиценци и тоа кога се издадени и кога треба да се обноват, за Фондот да има увид во податоците во моментот на склучувањето на договорот.
Ова е втор случај од сличен калибар кој „Слободен печат“ го открива годинава. Како што претходно објавивме откако ја обезбедивме севкупната документација, без лиценца од Лекарската комора во Болницата Гевгелија била вработена докторка, која на државно „специјализирала“ анестезија и реанимација, без да има завршено Медицински факултет.