Барем земјите од континентот остануваат цврсто решени да ја бранат земјата која е под агресија

„Сега се договоривме дека Обединетото Кралство, заедно со Франција и можеби уште една или две други (земји), ќе соработуваат со Украина на план за запирање на борбите, а потоа ќе разговараме за тој план со Соединетите држави“, изјави викендов британскиот премиер за Би-би-си.
Велика Британија и Франција ќе работат на свој мировен план за Украина, изјави денеска британскиот премиер Кир Стармер, непосредно пред состанокот на дел од европските лидери на кој ќе се обидат да најдат одговор по скандалозниот состанок во Белата куќа во петокот меѓу Доналд Трамп и Володимир Зеленски.
Стармер во изјава за Би-би-си денеска рече дека тој и францускиот претседател Емануел Макрон се согласиле да започнат преговори одделно од оние меѓу САД и Русија, по серијата интензивни разговори вчера вечерта.
„Сега се договоривме дека Обединетото Кралство, заедно со Франција и можеби уште една или две други (земји), ќе соработуваат со Украина на план за запирање на борбите, а потоа ќе разговараме за тој план со Соединетите држави. Велика Британија и Франција се најнапред во размислувањето за ова, и затоа претседателот Макрон и јас ќе работиме на овој план, за кој потоа ќе разговараме со САД“, вели британскиот премиер за националниот сервис.
Според него, станува збор за чекор во вистинска насока, од кој никој не е исклучен, во контекст на придонесот што може да го даде.
„Но, ние треба да се придвижиме кон побрз, поагилен начин на одење напред, и мислам дека тоа е коалиција на подготвени држави““, додава тој.
Стармер вчерашниот ден, како што се наведува, го поминал во интензивен дипломатски ангажман по состанокот на Зеленски во Вашингтон, за време на кој украинскиот претседател беше осудуван во живо пред камерите од Трамп и неговиот потпретседател Џеј-Ди Венс.

Премиерот на Велика Британија вчера го пречена Зеленски во Даунинг стрит, искажувајќи голема солидарност со Украина.
Украинскиот претседател во Лондон се сретна со британскиот крал Чарлс Трети, додека Стармер беше домаќин на европските лидери на Самитот за одбрана во Лондон, на кој присуствуваа и Канада и Турција. Во меѓувреме, британската министерка за финансии, Рејчел Ривс потпиша договор за заем од 2,3 милијарди фунти за Украина, кој треба да му овозможи на Киев да купи повеќе оружје. Заемот ќе биде вратен со користење на профитот генериран од руските суверени средства кои се под санкции.
Ривс, исто така, рече дека ќе ја промени намената на националниот фонд од 27,8 милијарди фунти за да може дел од тие средства да се трошат за одбрана, како и за инфраструктурни проекти.
Инаку, за разлика од неколку други европски лидери, Стармер досега одбиваше да го критикува Трамп за неговите постапки во петокот, став што тој го бранеше во неделата.
„Се чувствував непријатно – никој не сака да го види тоа. Но важно е како да се реагира на тоа. Постојат голем број различни правци по кои луѓето би можеле да одат. Една од нив е да се засили реториката за тоа колку сите сме огорчени или не. Другата е да го направам она што го направив, а тоа е, да ги засукам ракавите, да го земам телефонот, да разговарам со претседателот Трамп, да разговарам со претседателот Зеленски, потоа да го поканам претседателот Зеленски на опсежен состанок вчера…И потоа понатаму, да им го подигнете телефонот на претседателот Макрон и претседателот Трамп, бидејќи мојата реакција беше дека треба да го премостиме ова“, изјави Стармер.
Во однос на најавениот француско-британски план, тој вели дека тој може да вклучи уште еден или двајца други пратнери, кои тој ги опиша како „коалиција на подготвените“.
Тој рече дека разговорите ќе вклучуваат дискусии за тоа каде ќе се повлече границата меѓу Украина и Русија, но признава дека секој план на крајот ќе се потпира на американската воена соработка, нешто што Трамп сè уште не се согласил да го обезбеди.
„Тоа значи линија која е договорена во условите на договорот, а потоа таа линија се брани. Ние (тој и Трамп) долго разговаравме за ова во четвртокот, бидејќи не можете да имате договор кој потоа ќе се распадне“, вели британскиот премиер.

Стармер изјави дека е подготвен да ги ангажира британските трупи во спроведувањето на мирот во Украона по каков било евентуален мировен договор, но, според него, тоа нема да биде возможно од безбедносен аспект, доколку не добијат комуникациска, логистичка и воздушна поддршка од САД.
Што се однесува до претседателот на Русија, Стармер вели оти не му верува, особено во контекст дека ќе се држи до условите на каков било договор за мир во Украина. Од друга страна британскиот премиер изјави дека им верува и на Зеленски и на Трамп, и покрај колебливата поддршка на САД за Украина, што произлезе од состанокот во петокот во Белата куќа.
Во меѓувреме, лидерката на британските конзервативци, коис е во опозиција, Кеми Баденох, денеска изјави дека била шокираа од тензиите на средбата меѓу Трамп и Зеленски, кој, како што рече, бил понижуван пред камерите.
„Го гледав и не можев да верувам што се случува. Беше понижуван. Мислам дека не треба да водиме вакви тешки разговори пред камери и мора да запомниме дека претседателот Зеленски е херој“, изјави Баденоџ во телевизиско гостување, пренесува „Гардијан“.
Разговорот се претвори во расправија за природата на американската поддршка за Украина, но и за тоа дали Зеленски покажал доволно благодарност за помошта од САД. Трамп и Венс наизменично му префрлаа на Зеленски оти не е доволно благодарен и го обвинија оти ризикува да започне Трета светска војна
Во тензична атмосфера помина средбата меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски, претседателот на САД, Доналд Трамп и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс во Овалната соба во Белата куќа.
Разговорот се претвори во расправија за природата на американската поддршка за Украина, но и за тоа дали Зеленски покажал доволно благодарност за помошта од САД. Трамп и Венс наизменично му префрлаа на Зеленски оти не е доволно благодарен и го обвинија оти ризикува да започне Трета светска војна.
Трамп го обвини украинскиот претседател дека покажал непочитување кон САД – земјата што ја поддржала Украина многу повеќе отколку, како што рече, што многу луѓе велеле дека треба.
„Со сета почит сум за вашата земја“, рече Зеленски.
На ова се вмеша потпретедателот Венс:
„Дали кажавте ‘благодарам’ еднаш цела оваа средба?“
„Многу пати“, рече Зеленски.
„Не, дали во целата оваа средба кажавте ‘благодарам’? Отидовте во Пенсилванија и водевте кампања за опозицијата во октомври. Кажете неколку зборови на благодарност за САД и претседателот кој се обидува да ја спаси вашата земја“, му возврати американскиот потпретседател.
Трамп се надоврза оти Украина е во голема неволја.
Во дел од разговорот Зеленски изјави дека САД на крајот ќе ги почувствуваат последиците од војната.
На ова, видно исфрустриран, Трамп му возврати:
„Не кажувајте ни што ќе чувствуваме. Вие не сте во позиција да диктирате што ќе чувствуваме. Ќе се чувствуваме многу добро и многу силни.“
Трамп рече дека е време конфликтот да заврши, а оти Русија е подготвена за тоа.
Коментирајќи ги зборовите на Зеленски дека сè уште не е подготвен да стави крај на вооружениот конфликт, Трамп го потсети дека Украина останува без војници. Рече оти „шефот на режимот во Киев“ си поигрува со животите на милиони луѓе и ризикува да започне Трета светска војна.