Судењето против новинарот Драган Павловиќ Латас и јутјуберот Стефан Лазаров, обвинети за кривичното дело ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, се одложи за 19 јуни

Ова е второ одложување на судењето откако на 27 март одбраната на Латас бараше увид во списите на предметот, а неговата единствена адвокатка во случајот дента била зафатена со рочиште во предмет од организиран криминал на кое се сослушувале сведоци
Судењето против новинарот Драган Павловиќ Латас и јутјуберот Стефан Лазаров, обвинети за кривичното дело ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, се одложи за 19 јуни откако одбраната побара да им се достават во целост доказите со кои располага обвинителството со цел да можат да ја комплетираат одбраната.
Првообвинетиот Латас посочи дека сака транскрипт на содржината од цедињата кои се докази во предметната постапка на што претставниците од обвинителството рекоа дека обвинетите имале доволно простор да ги побараат сите потребни докази од нив, но дека немаат ништо против нивното барање.
Латас побара да се приложи целата емисија која е предмет на обвинение со цел да не биде извадена од контекст.
„Целата емисија може да даде заклучок, а не само изваден контекст од една минута и тоа коментиран како своја лична проценка, како смеа“,
рече Латас.
Судијката која го води случајот, Дијана Груевска Илиевска, рече дека одбраната имала доволно време да ги побара сите докази кои им се потребни, но за да не се повреди правото на одбрана, рочиштето ќе биде одложено.
Ова е второ одложување на судењето откако на 27 март одбраната на Латас бараше увид во списите на предметот, а неговата единствена адвокатка во случајот дента била зафатена со рочиште во предмет од организиран криминал на кое се сослушувале сведоци.
Обвинението против двајцата следуваше по гостувањето на Латас во поткастот на Лазаров во кој тој раскажуваше за сексуално искуството со девојка во своите тинејџерски години, што предизвика бура реакции во јавноста поради стимулирање насилство и родова дискриминација.
„Двајцата обвинети преку компјутерски систем, ширеле расистичка и ксенофобична репрезентација на идеја која промовира насилство спрема жени, со што предизвикале реакции и чувство на згрозеност и вознемиреност во јавноста. Првиот обвинет, гостувајќи во интервју објавено на 14 февруари како поткаст на јутјуб-канал на вториот обвинет, јавно промовирал чин на полово насилство, евоцирајќи спомени од неговото наводно минато, без да изнесе морална осуда или каење, со тоа свесно промовирајќи го таквото насилничко однесување. Вториот обвинет, иако бил свесен за влијанието што го има содржината што ја емитува особено меѓу младата популација, сепак, не го спречил или прекинал соговорникот, туку дополнително го наведувал со коментари и потпрашања да го прераскажува спорниот настан“,
рекоа од ОЈО Скопје на 21 февруари кога го поднесоа обвинението.
Со поднесувањето на обвинението обвинителството бараше, а судот прифати одземање на пасошот на Латас, а двајцата добија забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело, односно забрана за јавен настап со кој се промовира ширење расистички и ксенофобичен материјал.