Таа има долг стаж во Врховниот суд и деновиве ги победи противкандидатите за позицијата претседател на оваа институција. Во Судот работела на предмети во Одделот за граѓански дела, Специјализираниот совет по жалби против одлуки на Управен суд и Оддел за судска практика
Врховната судијка со 12-годишен стаж ги „победи“ своите противкандидати Лидија Неделкова и Џемаил Саити, кои, иако се поекспонирани во јавноста, имаат малку покус стаж во највисокиот суд
Врховниот суд доби нова претседателка. Судскиот совет на денешната седница, со 12 од вкупно 13 гласа, ја избра на функцијата Беса Адеми, која е врховна судијка нешто помалку од 12 години.
Амбиции за местото претседател на Врховниот суд имаа уште двајца нејзини колеги. Судијката Лидија Неделкова, која претходно беше претседателка на овој суд, како и судијата Џемаил Саити, кој од 2012 година е врховен судија, а воедно е и претседател на Здружението на судии.
Адеми доаѓа на местото на в.д. претседателот Фаик Арслани, кој беше назначен по разрешувањето на Јово Вангеловски.
Која е Беса Адеми?
Таа стана врховна судијка во јули 2009 година, а области на кои работи, како што е наведено на официјалната веб-страница на судот, се: Оддел за граѓански дела, Специјализиран совет по жалби против одлуки на Управен суд и Оддел за судска практика.
Судијката е родум од Скопје, има 57 години, а кариерата ја започнала во 1990 година како приправник волонтер во тогашниот Окружен суд во Скопје. Во меѓувреме, во 1993 положила правосуден испит, а една година подоцна станала и стручен соработник во судот.
Од 1999 до 2004 година таа го напушта судот и работи како заменик-јавен правобранител во Република Македонија. Од оваа позиција, Адеми се сели во Апелацискиот суд во Скопје, каде што работи како судијка по предмети во граѓанскиот оддел, а пет години подоцна следува и нејзиниот избор за врховна судијка.
Ова не е првпат Адеми да конкурира за позицијата. Таа беше кандидатка и кога во 2017 година Судскиот совет за претседател на Врховниот суд го избра Јово Вангеловски. Лани, пак, судијката беше на чело на Советот за жалби кој правосилно го разреши Вангеловски.
Тој беше разрешен поради несовесно вршење на функцијата, како еден од судиите кои го „ослободија“ бизнисменот Сеад Кочан од притвор и му овозможија да се брани од слобода, во момент кога тој беше во бегство. Првостепената одлука за разрешување ја донесе Судскиот совет на седница одржана на 10 септември 2019 година, а Вангеловски потоа имаше прво на жалба до Советот за жалба во Врховниот суд, кое право и го искористи. Тој Совет за жалби беше формиран на 3 јануари 2020, а во неговиот состав, покрај Адеми како претседателка, беа и: Африм Фидани – судија известител, Цветанка Периќ, Мирјана Радевска-Стефкова и Стојанче Рибарев.
Од тројцата кандидати што конкурираа за претседател на Врховниот суд, според јавно достапните биографии, може да се забележи дека Адеми има најдолг стаж како врховна судијка (од 2009).
Лидија Неделкова првпат била избрана за врховна судијка во март 2012 година, а во декември истата година беше избрана и за претседателка. Претходно, во 2009 г. таа беше избрана и за претседателка на Основниот суд Скопје 1 (сега Основен кривичен суд – Скопје).
Нејзината биографија открива дека кариерата ја почнува во 1986 година, кога се вработила како приправник, а потоа како стручен соработник во тогашниот Окружен суд Скопје, каде што сѐ до 1996 година работи во Кривичниот оддел и Кривичниот совет на тој суд. Во 1996 е избрана за судијка во Основниот суд Скопје 2 во Кривичниот оддел, а од 2007 согласно тогашниот нов Закон за судови таа работи како судијка за Основниот суд Скопје 1.
Од 2007 година таа е и едукатор во Академијата за судии и јавни обвинители.
Во јавноста нејзиното име деновиве се споменуваше откако Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека ја отфрлила нејзината кривична пријава против тројца членови на Судскиот совет. Таа ги товареше за злоупотреба на службената положба и овластување бидејќи, според неа, ја искористиле положбата за да влијаат на постапката што се води против неа по поднесена претставка од сега веќе разрешениот судија Јово Вангеловски.
Неделкова се јавува како оштетена и во судската постапка што се води против Вангеловски за злоупотреба на службената положба и овластување односно дека како претседател на Врховен не ѝ исплатил додаток на плата на Неделкова.
Другиот кандидат за претседател на Врховен, Џемаил Саити, исто како и Неделкова, е избран за врховен судија во 2012 година. Претходно, нешто повеќе од една година беше судија во Вишиот управен суд во Скопје.
Во неговата биографија е наведено дека работниот ангажман го започнал во 1992 година како новинар во МРТ – Радио Скопје. Тоа го работел една година, а од 1996 до крајот на 1999 е адвокат. Во декември 1999 бил избран за министер за локална самоуправа, која функција ја извршувал до мај 2001. Од 2002 до 2006 е член на ДИК, а од 2001 до 2004 е и заменик-претседател на Државната пописна комисија. Исто така, член на Државната пописна комисија е и за време на пропаднатиот попис во 2011. Паралелно, пишува во неговата биографија од 2005 до 2011 година, односно пред да стане судија, тој повторно работи како адвокат, а и медијатор. (360 степени – опремата е на Глобус)