ЉУБИША СТАНКОВИЌ
Однесувањето на Сашо Мијалков, но и односот на вработените кон него, само се потврда дека ништо не се сменило во скопскиот кривичен суд, односно дека тој си беше и си останал „Сваровски“
Мали се шансите скопскиот кривичен суд да се трансформира и да биде тоа што е и да почне да го работи тоа за што и постои! Залудни се заложбите на новиот претседател, Иван Џoлев, да поправа и да „крпи“, кога судот му е зрел за комплетна демонтажа!
А дека и Џолев нешто не го почитуваат неговите вработени потврда е Сашо Мијалков. Нему, некој му дозволи да се паркира пред судот цел ден, за тој, пак, по кој знае кој пат, да си замине преку влезот од гаражата на судот.
Кој му дозволи на Мијалков да паркира пред судот и кој го спроведе преку влез кој е забранет за користење за сите кои не се вработени во скопска „единица“? Иван Џолев има во и околу судот камери, а има и судска полиција. Таа е е задолжена за безбедноста на судот. Да, се работи за истите судски полицајци кои, ако треба, и по десет пати ќе ги претресуваат новинарите, ќе им ги превртуваат џебовите, ќе им ги вадат ремените од панталоните и по 100 пати ќе ги легитимираат и запишуваат.
Но, Сашо Мијалков е нешто друго. Тој не е должен да приложува лична карта кога влегува, оти, нели, сите го знаат, а може да си замине и од службениот влез, се разбира, доколку некоја од него избрана судијка не го задржи на кафе. Додуша малку се сменети работите во поглед на судските предмети. Сега веќе не се изнесуваат предмети надвор од судот и затоа и Мијалков мора да доаѓа до судот, а таму сигурно „се тепаат“ кој прв ќе се поздрави со него, кој прв ќе му пружи рака, а потоа следи извинување што го деранжираат. Да не се лажеме: човекот таму има од него ракоположени и нему вазални, но и „ме зезаш“ романтично-љубовни…..И затоа ми е многу веројатно дека кога тој влегува во кривичниот суд човекот каки да има чувство дека си влегува дома? Впрочем, на Мијалков сега му се може сѐ! Може да бара да биде ослободен од кривичен прогон, да се повика на аболицијата дадена ( па повлечена) од Иванов, иако кога го аболираа јавно кажа дека не му треба аболиција.
Примерот со Сашо Мијалков само потврдува дека Иван Џолев, но Обвинителство, не си ја завршиле „домашната работа“. Јавноста очекуваше многу повеќе. Од Џолев се очекуваше да отстранува, да суспендира и да поднесува барања за разрешување на сите „Сваровски“ судии, но и да иницира кривични постапки и само така да го спаси она малку углед што остана од тој суд! Од него се очекуваше да следи што се пишуваат и говорат некои судии кои му беа најголемои поданици на режимот и кои свесно ја опструираа работата на судот!
Но, ете и утре е ден! И со новиот ден никој нема да се понадева дека нешто ќе се смени во судот „сваровски“: Повторно Сашо Мијалков ќе влегува и излегува од каде сака и како сака, а новинарите повторно ќе си минуваат низ детектор-вратите, ќе си се идентификуваат, ќе ги запишуваат во еведниции и ќе им се одзимаат и средствата за работа!
И така….До избор на некои нови судии „Сваровски“!