Веста за создавањето огранок на движењето, односно партијата „Ветевендосје“ (Самоопределување), на чие чело е косовскиот премиер Албин Курти, и во Северна Македонија, деновиве одекна низ медиумите, и предизвика различни реакции
„Ветевендосје“ на 24 декември се приклучи кон Европската лига за промени, која се состои од трите партии од опозицискиот блок – Движењето Беса, Алтернатива и Демократското движење ( „огнените“ што се отцепија од ДУИ), која ја отвори коалициската канцеларија на плоштадот „Скендербег“ во скопската Чаршија.
Според најавите, „Ветевендосје“ планираат да учествуваат на следните парламентарни избори, што исто така предизвика реакции од дел од политичките и други чинители во земјава.
ЦИВИЛ МЕДИА во ноември направи ексклузивно и сеопфатно интервју со Ветон Сурои, публицист, писател, поранешен пратеник во косовското Собрание и советник на владата на Република Косово за дијалогот помеѓу Косово и Србија.
Една од темите на кои одговараше Сурои во вториот дел од интервјуто, кој го направи колегата Абдурахмани, беше токму во контекст на создавањето огранок на „Ветевендосје“ во Северна Македонија.
„Не влегувам во протагонизми. Мислам дека тоа е граница која лидер на Албанија не треба да ја премине. Граница која лидер на Косово не треба да ја премине. Албанија беше во право кога се жалеше на присуството на премиерот Курти на последните албански избори за формирање на движење „Ветвендосје“ во Албанија. Ова едноставно не е добар рецепт за добрососедски односи“, беше директен Ветон Сурои.
Тој се осврна и на историската позадина на овој политички концепт.
„Во 1990 и 1991 година во поранешна Југославија, кога бев дел од консултативниот совет на политичките партии на Косово, и консултативниот совет на политичките партии од поранешна Југославија. Тогаш донесовме одлука политичките партии на Косово да не отвораат ограноци и по под-ограноци во Македонија, во Јужна Србија во Црна Гора, значи надвор од Косово“, изјави Сурои за ЦИВИЛ МЕДИА.
Според него, тој модел се применувал и на ниво на тогашна поранешна Југославија, што водело и кон кохезија на албанските политички партии, а не компетитивност меѓу нив.
„А овој модел се применуваше и на ниво на тогашна поранешна Југославија, и на тој начин ја зачувавме кохезијата на албанските политички партии бидејќи немаше натпреварување, затоа што тогаш констатиравме дека нај лошото нешто што можеме да им го направиме на политичките движења надвор од Косово, е ако нашата конкуренција се реплицира во тие делови, ако се создадат ограноци и под-ограноци“, се сеќава Сурои.
Сепак, соговорникот на ЦИВИЛ МЕДИА смета дека најздрав начин за одржување на односите меѓу Албанците во земјите каде што живеат е со почитување и не мешање во работите на Албанците во другите земји.
„Ова се сметаше за негативно во случајот на хрватските политички партии и нивните партиски дистрибутери во Босна и Херцеговина, српските политички партии и нивните дистрибутери во Босна и Херцеговина. Овој рецепт функционираше и мислам дека овој рецепт треба да продолжи да функционира, дека најздрав начин за одржување на односите меѓу Албанците во земјите каде што живеат е со почитување и не мешање во работите на Албанците во другите земји“, смета Сурои.
(civilmedia.mk)