ЉУБИША СТАНКОВИЌ
Се чини дека е дојдено време кога наместо да се бара одговорност за одлуките што тие ги изрекле, судиите заминуваат во заслужена пензија
Поводот за денешната колумна го најдов во информацијата што пред десетина дена ја лиферуваше Апелацискиот суд, а којашто се однесува на преиначена судска одлука.
Имено, скопскиот Апелациски суд обзнани дека за еден предмет, во кој се постапувало по жалба, има преиначување на одлуката што била донесена во прв степен. За волја на вистината, носење одлука која во исто време носи и правосилност не е работа која ме остави рамнодушен, бидејќи ретки се ти ситуации кога повисокиот суд ќе седне да решава и – ќе пресече! Станува збор за пресуда за настаните од 27 април, минатата година. Апелација ја менува одлуката за деветтемина осудени на условни казни и им изрекува нова пресуда. На седуммина обвинети им се изрекува казна затвор во траење од една година, еден е осуден на година и половина, а еден на осум месеци затвор.
Да утнеш пресуда за еден, за двајца или ајде нека се и тројца, ама да утнеш за девет обвинети е моментот кој ја разбранува мојата љубопитност. Сакав да разберам кој е судијата што изрекол условни казни за насилници од 27. април.
„Истрагата“ покажа дека пресудата ја изрекол судечки совет со кој претседавала судијката Милка Ангелова – Васевска. Зошто судијката донела таква одлука никогаш нема да разбереме, бидејќи таа од минатиот октомври е во пензија!
Сипатични ми се судиите од судот кој самите си го нарекоа „Сваровски“! Секогаш кога ќе донесат некоја „опасна“ одлука заминуваат во пензија.
Верувам дека многумина ќе се сетат на судијката Славјанка Јанкоска која со едно решение и еден потпис на решението укина четириесетина предмети на скопското Јавно обвинителство во кои како индиции за докази беа приложени таканаречените бомби на Заев.
Познато е дека судот, во едно подолго време, ги користи нелеганите снимки, откако претходно беше укинато решението на судијката Јанкоска, а која, нормално, после ова си замина во заслужена пензија.
Во пензија замина и судијата Јован Лазаревски. Додуша тој во пензија замина по неколкумесечно боледување. Сведоци велат дека здравјето на судијата му се нарушило една вечер кога на распит во Кривичниот суд беа повикувани сите поранешни државни функционери. Судијата, со решение, изрекол и притвор, но тогаш една личност ќе му го искине решението и ќе го натера судијата да донесе ново, во кое нема ни „П“ од притвор. За овој настан веќе никој и не говори. Луѓето се и денеска на слобода, а судијата прво во амбулатно возило, а потоа, се разбира и во заслужена пензија.
Едно време беше правило: Колку „полоша“ пресуда, толку поголема можност да се напредува во кариерата. Сега и тоа го нема!
Да сме нормална земја за се што беше наведено ќе имавме некакви постапки, но ние сме за повисоки пензии.
(Правоссудство.мк)