Смислата на пресудата на случајот „Титаник 2“ е да се потсетат заборавните и злонамерните во однос на судбината на СЈО а тоа е дека специјалните јавни обвинителки не можат да се голтнат од аждрите на претходниот режим. Потсети ли на ова вистина посетата на Рикер?
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Дали формулата по која одлуката на Врховен суд за поништување на иднината на СЈО, минус посетата на Рикер, ја дава како резултат потребата СЈО сепак да мора да опстои, дури и како резултат на проблематизирање на влезот на земјава во НАТО? Пресудите во предметот на СЈО „Титаник 2“ што ја одбележаа минатата недела, секако се многу значајни за борбата на ова обвинителство против некогашниот врв на државата кој на недозволен, криминален начин сакал да ја продолжи агонијата на земјава за сметка на олигархиските интереси на челниците на најмалку три партии – ВМРО ДПМНЕ, ДУИ и ДПА. Дали таква пресуда ќе постоеше ако неодамнешниот американски гостин Рикер не ги потсетеше домашните партиски лидери дека нашата асоцијација кон западните групации не е завршена, па ниту онаа врзана за членство во НАТО. Посетата на високиот функционер дојде во деновите кога односите СДСМ – ДУИ, меѓу другото и околу односот кон политичката и друга корупција „зовреа“.
НАРОД ШТО БРГУ ЗАБОРАВА Странците покажаа или го потсетија народот кој толку бргу заборава на улогата на Јанева и нејзините колеги и колешки и тоа во месеците во кои сите од политичката олигархија и ја местат јамката околу вратот на институцијата која стана синоним за лозунгот „нема правда, нема мир“, што, некако започна да им пречи на сите, особено во масовната епидемија на непотизмот и кај новата власт.
Обвинетите и осудените за изборни нерегуларности во случајот „Титаник 2“ – Сашо Мијалков, Бедредин Ибраими, Мендух Тачи, Сашо Срцев, Влатко Сајковски и Анета Стефановска се доказ дека СЈО е сепак живо и претставува предмет на проценки и пресметки меѓу политичките субјекти, ама како и да се земе е преголем костен за да може некој туку така да го стави во дупката на заборавот или ингноранцијата.
Случајот „Титаник“ е клучниот предмет кој одеше на тоа дека старата власт се одржуваше до кормилото на државата пред се со изборните марифетлуци. Таа опфаќа поранешни министри, судии, нотари… Односно трите делови на предметот јасно сигнализираат дека против изборите и гласањето и легитимитетот добиен со такви избори е она што според ова обвинителство од кривично-правен аспект претставува почеток на криминализација на целокупниот институционален систем, истакнаа на својата прва прес конференција по овој предмет од Специјалното јавно обвинителство кое сомничи поранешни министри, судии, нотари, членови на ДИК и други лица за кривични дела против изборите.
НАПАД НА СЕВКУПНИОТ ПОРЕДОК На едно генерално ниво изборните нерегуларности се втори по важност во нивната преокупација после прислушкувањето само по себе, каде е нападнат целокупниот уставен и правен поредок и особено најважните човекови права. Потоа, по користењето на прислушкувањето, доаѓаат предметите врзани за кривичните дела против изборите и гласањето и легитимитетот добиен со такви избори е она што според ова обвинителство од кривично -правен аспект, претставува почеток на криминализација на целокупниот институционален систем, рече на таа прес конференција, да се потсетиме, обвинителката Фатиме Фетаи.
„Во овој предмет после огромен број на предистражни дејствија, врз основа на огромен број на индиции и се разбира докази, произлезе основано сомнение дека одредена група на луѓе, искористувајќи го своето реално влијание и службена положба, а заради понатамошно опстојување на власт на партијата, и на локално и на државно ниво и особено заради нивни непосредни привилегии од практикување на власта, создале група, која имала за цел вршење на кривични дела против изборите и гласањето или во превод преку целокупното криминализирање на изборниот процес, освојување на власт“, додаде уште тогаш таа. Може ли овој говоро така лесно да се пренебрегне а уште и – забоправи? За тоа треба ли сега да потсетуваме?
„Имено, во 2012 година, осомничените кои имале својства на министер за внатрешни работи, министер за транспорт и врски и секретар на Владата на Р.Македонија, сите членови на извршен комитет на партија, заедно со други, засега непознати лица, искористувајќи го своето реално влијание и службена положба, а заради понатамошно опстојување на власта на партијата, и на локално и на државно ниво и особено заради нивни непосредни привилегии од практикување на власта, создале група, која имала за цел вршење на кривични дела против изборите и гласањето, а за кои кривични дела може да се изрече казна затвор од три години или потешка казна. На истата група по создавањето припадници станале другите осомничени лица, сведоци и други засега непознати лица, на начин што дел од осомничените и други засега за истрагата, непознати лица, заради победи на изборите на политичката партија, сочиниле план, да на противзаконит начин им овозможат на повеќе лица да користат избирачко право, кои дејствија според планот би се реализирале преку службените лица, вработени во Министерството за внатрешни работи на РМ и лица кои директно ќе врбуваат и носат лица од странство со реализација преку одделот за информатика и телекомуникации на МВР, потоа преку насилство и други противправни дејствија во текот на изборната кампања и самите изборни денови да влијаат на начинот како да се врши избирачкото право и да спречуваат вршење на избирачко право, во изборниот процес на лица со избирачко право да нудат, дават и ветуваат подарок или друга корист со намера да ги придобијат како да го вршат избирачкото право и да користат незаконски средства за финансирање на кампањата…“, беа исто така зборови на Фетаи.
КРИМИНАЛИЗИРАН ИЗБОРЕН ПРОЦЕС Фетаи подвлече дека се работи за целосна криминализација на изборниот процес, со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица кои по никој основ не смеат да бидат таму.
„Имено, некои лица се фотографирани во еден град, а лична карта добиле во друг град, односно во општина Центар, се разбира и во избирачкиот список се таму, и гласале, потоа определени се 15.000 нови матични броеви, тука да не стане забуна, не се работи за новороденчиња, изготвени се 35.000 лични карти кои не се подигнати од барателите, и никој не знае зошто стојат во МВР, имаме и 60.000 нови македонски државјани, а што се однесува до дијаспората и улогата на конзуларните претставништва, за неа ќе се отвори посебен предмет, што би рекол почитуваниот г-дин Прибе. Меѓутоа, ова не е единствениот начин на кој се влијаено врз изборниот процес. Применувани се и други методи како насилства, поткупи, злоупотреба на државни капацитети за партиски цели, злоупотреба на медиумите, злоупотреба на јавните фондови и незаконско финансирање на изборната кампања. Сите овие дејствија како што наведов законодавецот ги третирал како кривични дела против изборите и гласањето и за сите постои основано сомнение дека се сторени од конкретни лица“, рече Фетаи.
ЈАНКУЛОВСКА ВПРЕГНА СЕ ШТО МОЖЕШЕ Како што истакна Фетаи, министерот за внатрешни работи ја впрегнал целокупната, и човечка и техничка инфраструктура за да го состави избирачкиот список по волја на интересите на партијата од која доаѓа.
Избирачкиот список да не стане забуна, по закон го води ДИК, потсети таа, меѓутоа податоците во истиот, речиси во 90 отсто се податоци кои потекнуваат од службите во МВР. Се разбира дека тука се вклучило и Министерството за правда, преку матичните одделенија, меѓутоа кај нив дејствијата се уште се во фаза на основи на сомнение. Конкретно, кога се јавила потребата за нови сигурни гласачи. Министерот за внатрешни работи ангажирал голем дел од капацитетите и подредените ги погазиле сите закони, правилници, упатства за работа за постигнување на таа цел. Одеднаш системот на МВР почнал да работи во обратна насока, прво фотографирање за лични карти и со тоа влегување во системот на лични карти, па системот на информатика си ја завршил работата и со тоа имаме нови гласачи во избирачкиот список, а отпосле живеалиште за тие лица. После вметнувањето во системот на МВР за лични карти, а со тоа и во избирачкиот список, апсолутно е небитно што на дел потоа им изготвиле лични карти, на дел не, а некои си носеле на гласање и си гласале и со патни исправи, на кои живеалиштето им е на друго место, но бидејќи во избирачкиот список се запишани со новото живеалиште, изборните органи им дозволувале да гласаат“, изјави обвинителката.
Фетаи и додаде дека дополнителен товар имале полициските службеници и командирите на полициските станици како да покријат живеалиште на тие лица, кои „ниту живееле, ниту живеат, ниту има можност да живеат на тие адреси“.
„Голема улога во целиот процес имале и одредени нотари, кои заверувале договори за закуп без никаков правен основ. Сепак, има многу од полициските службеници и управните служби и кои одбиле да ги реализираат овие незаконити дејствија, затоа и добиваме силна верба во можностите на оваа држава“, рече Фетаи, додавајќи дека „на крај огромен дел од финансиската поддршка за сето ова е обезбедена преку незаконити и непријавени извори“.
ВОДВИЉ МАЈСТОРКА Фетаи потсети дека во тек и процесот „Титаник 3“ со кој од страна на ова обвинителство е отворена истрага и против членови на општинската изборна комисија во Чаир, затоа што постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Изборна измама, со оглед дека во записниците од извршеното гласање за градоначалник на општина Чаир во 2013 година извршиле преправање на резултатите и против едно лице од комисијата исто така е поднесен предлог за определување на мерка притвор поради опасност од влијание врз сведоците и соучесниците. Исто така отворена е истрага и против пет судии на Управниот суд во Скопје и четири членови на Државна изборна комисија од 2013 година за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од КЗ“, подвлече обвинителката.
Видовме како заврши Титаник 2 а Титаник 3 е се уште во истражна постапка. Се работи за судењето за изборни нерегуларности во кој се обвинети Ејуп Аљими и Исмет Гури од ДУИ кое продолжи на 24 јануари, кога судечкиот совет требаше да се произнесе по предлогот на СЈО за читање на исказ од сведок даден пред јавен обвинител во истражна постапка.
Последниот, неделен состанок меѓу Заев и Мицковски го допрел и прашањето на Законот за СЈО а лидерот на ВМРО ДПМНЕ рече дека текстот го добиле во четврток и немале време да го разгледаат, ама индикативно е дека во неделата еден од членовите на врвот на неговата партија – Илија Димовски покажа поинаков став по ова прашање и подготвен е да го прифати. Мицковски побарал смена на трите главни обвинителки а Заев смета дека тие ќе и служат на правдата до крајот на нивниот мандат.
Ефектот на посетата на Рикер се чини се уште не е појавена во полна светлина. Особено откако пак се јавија со водвиљ комбинации од групата на „осумината одметници“ од ВМРО и од албанската опозиција, плус ДПА. Тие се чини традиционално се задолжени за драмски акценти. Само Тачи, сега од лични причини е новиот драмски писател.