МАЈА АНАСТАСОВА СТОЈАНОВСКА
Би било наивно да се верува дека досегашните вршители на гувернерската функција, меѓу кои имаше и двајца со политичка кариера, не биле подложни на притисоци од извршната власт. Дури паметиме и случај, кога Љубе Трпески за малку ќе заглавеше во затвор, затоа што направил потег по налог на премиерот Љубчо Георгиевски, со кој се погодиле во иста „смена“
Гувернерот, кој и да е, не е ничиј должник. Ниту на предлагачот, ниту на тие што ќе го изгласаат. Наспроти тоа, должен е достојно да ја претставува НБРМ. Должен е да ги почитува и спроведува законите и прописите на таа институција. Должен е да работи за Република Македонија и за нејзините граѓани.
Народната банка на Република Македонија (НБРМ) можеби првпат ќе биде предводена од жена. Дали Анита Ангеловска-Бежоска, актуелен вицегувернер, ќе ја добие потребната парламентарна поддршка, ќе се знае наскоро. Изборот на гувернер, кој се покажа како поле на кое уште еднаш одекна разногласието во државниот оркестар, се чини, се враќа на правилниот колосек.
Според првичните реакции, овој предлог на претседателот Ѓорѓе Иванов е прифатлив за добар дел од мнозинството. Сепак, мора да се има предвид и молкот на ДУИ. Исто како и претходно манифестираната партиска амбиција, по пат на коалициски договор да се добие таа фотелја.
Всушност, пред само десетина дена изгледаше дека не е можно да се постигне договор меѓу предлагачот – претседателот на државата и претставниците на законодавниот дом, кои треба да го изгласаат предлогот. Притоа, се наметна впечатокот дека припадноста на кандидатите е пред нивната стручност. И дека во практика, загарантираната самостојност на НБРМ (според чл. 60 од Уставот од 1991 година – емисиона банка, самостојна и одговорна за стабилноста на домашната валута, водењето на монетарната политика и општата ликвидност за плаќањето во земјата и странство), е во рамки што ги одредуваат оние кои го предлагаат и бираат гувернерот.
Сѐ на сѐ, спорна беше опцијата Димитар Богов да добие уште еден седумгодишен мандат. Освен тоа, ДУИ настапи со своја понуда: Фатмир Бесими за гувернер. Очекувано, по прашината што се крена, Богов се повлече. Иванов сега типува на Ангеловска-Бежоска, со образложение дека „доаѓа од редот на професионалците и раководните структури на Народната банка“, а со тоа решение „би се продолжил континуитетот на позитивното работење и успешното водење на монетарната политика на Република Македонија“.
Законот ја дистанцира НБРМ од политиката.
Собранието на РМ го именува гувернерот, но по предлог на претседателот на државата (Закон за НБРМ – чл. 49 ст.2). За да се зачува, пак, самостојноста на Централната банка и да се неутрализираат политичките апетити, како своевидна брана е предвиден седумгодишниот мандат на гувернерот. Заедно со одредбите за негово отповикување, за што се неопходни опипливи докази дека сторил кривично дело, работел несовесно и неодговорно, или ја изгубил деловната способност (Закон за НБРМ – чл. 53). Или, владејачките гарнитури не можат по своја волја да разрешуваат и именуваат (не)подобни првенци на НБРМ.
Гувернерот, исто како и неговите заменици и членовите на Советот на НБРМ, мора да се држат настрана од влијанието на владата или на други политички фактори (Закон за НБРМ – чл. 50 ст. 3 и 4). Но, би било наивно да се верува дека досегашните вршители на гувернерската функција, меѓу кои имаше и двајца со политичка кариера, не биле подложни на притисоци од извршната власт. Дури паметиме и случај, кога Љубе Трпески за малку ќе заглавеше во затвор, затоа што направил потег по налог на премиерот Љубчо Георгиевски, со кој се погодиле во иста „смена“.
Како и да е, на сите може да им се најде по некоја дамка: ТАТ, Експорт-импорт банка, Македонска банка, прогледување низ прсти и премолчување на одделни владини одлуки и потези, кои имале директно влијаније врз економските текови и врз општото ниво на задолженост на државата…
Исполнета мисија: стабилен денар, ниска инфлација
Сепак, неспорно е дека Народната банка, под раководство на Борко Станоевски, Љубе Трпески, Петар Гошев и Димитар Богов, со години наназад успешно ја исполнува својата мисија. Денарот има цврсти позиции. Инфлацијата е едноцифрена (во светот е општоприфатено дека стапката треба да е толку ниска, што економските агенти нема да ја земат предвид при носењето деловни одлуки). Кај цените нема драстични придвижувања. Банкарскиот сектор е сигурен. Девизните резерви од минималните 19 милиони долари (со кои се стартуваше при монетарното осамостојување во 1992 година), годинава, во првото тромесечје се на ниво од 2,577.1 милиони евра. Со други зборови, централната банка успеа да ја одржува стабилноста и во нестабилни, турболентни времиња, во услови на вооружен конфликт и на големи политички кризи. Што, пак, е најголемиот показател за делотворноста на мерките кои се преземаат во рамки на монетарната политика.
Токму поради непопустливоста во водењето на политиките, на адреса на НБРМ повремено се упатуваат забелешки. Пред сѐ, за закотвеноста на денарот (што не им е во прилог на извозниците), кој заедно со минималната инфлација, како што се нагласува(ло), се одржуваат на нереални основи. Секако, основите се посочуваат во кревката економија. Меѓутоа, сите гувернери на ова имале сличен одговор: Стабилност на денарот и ниската инфлација не се неодржливи. Нашите анализи го велат спротивното. Нема нерамнотежи ниту во екстерниот, ниту во банкарскиот, ниту во јавниот сектор. Индикаторите за конкурентноста покажуваат дека конкурентноста на македонската економија не е влошена поради стабилниот курс.
Рамноправен партнер на власта
Исто така, од нивна страна постојано се потенцира(ла) и важноста на контролата врз монетарната, фискалната, како и политиката на плати, но и во поглед на девизниот курс на денарот, кои се основните можни генератори на евентуални проинфлаторни движења. Односно, добрата координација на тие економски политики и контролирањето на нивните движења, ја неутрализира опасноста од откачување на инфлаторната спирала.
Всушност, може да се каже дека доследноста во спроведувањето на монетарната политика го олеснува животот на македонските граѓани. Не би сакале ни да замислиме што сѐ би се случувало, доколку хроничната беспарица и сиромаштијата дополнително би биле обременети со ценовни шокови. Освен тоа, имаше и периоди кога во услови на речиси општа економска замреност, се чинеше дека функционираат само мерките на НБРМ.
Поради сето тоа, непримерно е на било каков начин да се омаловажува работата на досегашните гувернери, но и да се поигрува со имињата на кандидатите за таа функција. Секако, потезите на гувернерите, досегашни и идни, биле и ќе бидат под лупата на јавноста. Меѓутоа, изборот на личност за предводник на централната банка не смее да се претвори во сеир-претстава, небаре тоа место на партиите и на владејачките гарнитури им е дел од дедовото наследство. Гувернерот, пак, кој и да биде, не е ничиј должник или заложник. Ниту на предлагачот, ниту на тие што ќе го изгласаат.
Наспроти тоа, должен е достојно да ја претставува НБРМ. Должен е да ги почитува и спроведува законите и прописите на таа институција. Должен е да работи за Република Македонија и за нејзините граѓани. Како рамноправен партнер на властите. НЕ како партиски послушник!