Не можеме да имаме толкав државен апарат кој не само што е голем туку е и нестручен и затоа е неефикасен. Веќе не ѐ производ на општата партизација што ја имавме сите овие децении, туку сега имаме и партизација на партиите каде се сѐ сведува на лидерот и неговото опкружување како дворска елита која има сопствени интереси

ВОЈО МАНЕВСКИ
Светот се менува пред нашите очи, а кој ќе биде резултатот ќе се покаже како и многу пати во историјата, после одреден рок. Секој систем пропаѓа најмногу поради сопствените противречности вградени во него.
Либерализмот имаше една структура, а пост- либерализмот почна да станува негација на основата. Што би рекле моите сограѓани, „на празен стомак торта не оди ,треба прво лепче да се касне“.
Популизмот како резултат на изманипулираното мнозинство доведува до авторитарни режими кои не се ништо друго освен создавање на нови елити кои не ја потврдиле својата вредност низ природната селекција и конкуренција. Сега очекуваме големите проблеми кои се пред нас да ги решаваат не полуписмените, тие сега се „интелектуална“ елита, туку пол-усмените кои не успеваат да формулирааат свој став, зошто го немаат, а треба да го кажат на јасен начин туѓиот, со половина од мислите постојано вклучени кон додворување на лидерите или оние кои ги довеле до состојба да објаснуваат или бранат нешто кое не го разбираат. Ете затоа често се дури и невкусни дебатите во медиумите на партиските преставници.
Но тоа ѐ што си го зслужуваме како граѓани . Никако да го поставиме заедничкиот интерес како основа на личниот . Онаа нашата „ мој Стојанче да си дојде“ ќе не доведе до состојба во која никој нема да се врати а цел свет ќе ни биде крив за нашите заблуди.
Чекаме владата да ги покачи минималните плати, да исплати за млеко, за ориз, за струја. Се муртиме и само чекаме нови избори за да пак ги потврдиме соствените заблуди за семоќноста на државата и оние што мислиме дака сме ги избрале, а всушност сме се повеле од сопствените очекувања дека некој ќе ни ги решава проблемите.

Не се само политичарите криви, еднаш напишав зошто, ако три децении погрешни избори правиме тогаш има вина и кај нас како граѓани на Македонија.
Ќе растат ли цените и до Велигден и после празниците? Ќе растат се додека има купувачи и монополи на пазарот.
Законитоста на пазарот е таква. Се борат компаниите за подобра положба на пазарот и по можност да се на неговиот врв од каде ке ги управуваат понудата и побарувачката. Од секогаш така било и ќе биде. Тоа не е само пазарно правило туку дел од карактеристиката на човекот. Како поединец е така, ама како дел од социјалната заедница мора да почитува правила кои ја држат неа како ентитет. Инаку улиците на помалите градови ќе ни личат на геронтолошки центри, а болниците полни. Училишта нема да ни требат зошто деца ќе има се помалку.
Кој треба да ги постави тие правила и да бара да се почитуваат? Па зошто ни е тогаш државата како систем ако не работи за опстанокот на нејзината содржина. Апарат за владеење ќе се најде, ама проблемот е каков е тој.
Многу работи нѝ недостасуваат ама сега веќе ни она што мислевме дека го имаме е веќе дефицитарно. Немаме време почитувани сограѓани. Светот бргу ги менува приоритетите и мораме да се сообразиме со новите правила. Не можеме да одлагаме со реформите зошто без да се реформираме ќе се најдеме со двете нозе во еден чевел.
Прво е дека не можеме да трошиме толку колку што мислиме, зошто не заработуваме толку. Јавните финансии мора да се сообразат со можноста на населението. Не можеме да имаме толкав државен апарат кој не само што е голем туку е и нестручен и затоа е неефикасен. Веќе не ѐ производ на општата партизација што ја имавме сите овие децении, туку сега имаме и партизација на партиите каде се сѐ сведува на лидерот и неговото опкружување како дворска елита која има сопствени интереси.
Затоа се кочат реформите во јавните финансии, во правосудството, во воспоставување на фер односи на пазарот каде квалитетот и понудата ќе се одлучувачки. И лидерите се во еден чевел зошто постепено се затвораат во својот круг на соработници и касно осознаваат дека тие не биле нивен избор туку вртелешката на интереси ги довела до нивниот видокруг. Затоа и имаме монополи во секој сектор на функционирањето. Самите партии станаа монополи на политичкиот простор стеснувајки го изборот на граѓаните на неколку политички групации. Без јасни идеолошки определби кои денес се само флоскули во декларираните програми, системот ги поништува разликите меѓу партиите. По извесно време на власт сите функционирааат скоро исто и по некои правила за кои и не биле бирани од мнозинството. А од кого биле предложени?
(илустрациите се на Глобус)