Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

СTРАЗБУР ГИ СПОРИ СМЕНИТЕ И „ИНТЕРПЕЛАЦИИТЕ“ ВО СУДСТВОТО (1)

January 13, 2026 Filed Under: Фељтон

Ниската доверба на јавноста во судството, според Советот на Европа, е резултат на мешањето на власта и на бизнисот во нивната работа. Во тој контекст е споменат и случајот со разрешувањето на републичкиот јавен обвинител Коцевски

СТРАЗБУР Сериозни констатации за состојбите на релација извршна власт – трета власт

СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА

Парламентарното собрание на Советот на Европа објави мониторинг извештај за Македонија во кој предлага да се прекине редовното следење на состојбите во нашата држава, но по некоја година да се провери напредокот во неколку клучни области за кои Стразбур има многу забелешки – од изборните закони, состојбите во правосудството, состојбите со корупцијата, правата на малцинските групи и состојбата во затворите во земјата – што ја оценува како многу лоша.

По укинувањето на мониторингот за Бугарија, што беше дочекан со чудење кај нас поради многуте неисполнети пресуди на Судот за човекови права и внатрешните состојби во таа држава, Стразбур очигледно ѝ погледна низ прсти и на Македонија, бидејќи извештајот дава катастрофален приказ на состојбите во правосудството, влошувања место подобрувања и најави за нови реформи и закони – кои никако не се остваруваат.

Притоа, известувачите ја споменуваат и трагедијата во Кочани која според нив открила „многу недостатоци во противпожарната безбедност на ноќниот клуб, во кој речиси немало никакви мерки за противпожарна безбедност и немало соодветни излези во случај на пожар“.

„Ноќниот клуб официјално имал лиценца за сместување на 250 лица, додека на денот на трагедијата бил преполн со над 1.500 луѓе. Тешките прекршувања на безбедноста, наводно, биле познати и толерирани поради корупција и поткуп во институциите одговорни за спроведување на законот, што покажува системски проблеми во регулаторниот надзор. Истрагата што  започна по трагедијата откри дека лиценцата на ноќниот клуб била нелегално издадена од Министерството за економија. Покрај тоа, според некои извештаи, на пожарникарите и медицинскиот персонал им требало подолго време отколку што е потребно за да пристигнат на местото на трагедијата. Ова покренува сериозни прашања за ефикасноста и подготвеноста за итни случаи на државните институции“, оценуваат известувачите на Стразбур.

Отакако посочуваат дека Македонија паднала дополнително на индексот на корупцијата минатата година, тие нагласуваат и еден куриозитетен факт – дека сега обвинетата и сменета претседателка на ДКСК додека била на функцијата не покренала „ниту еден случај“ за испитување на корупција, како дополнение на претходната констатација дека членовите на ова тело биле критикувани како наклонети на власта и дека не покажале проактивност.

Академијата за судии во вегетација

Друга шокантна констатација која ја покажува намерната ерозија на судството во Македонија е дека од 2020 година Академијата за судии и за јавни обвинители не примила нови кадри, иако има застрашувачки недостиг на судии и обвинители на сите нивоа во судството, а неколку градови немаат јавни обвинители.

„Тековниот процес на прием во Академијата за судии и обвинители, кој започна пред повеќе од две години со цел регрутирање на 130 практиканти, сè уште е во мирување од нејасни причини. За време на нашата посета на Скопје, ни беше кажано дека последното регрутирање за оваа академија се случило во 2020 година. Друг предизвик е доцнењето во одржувањето на изборите за повисоките судови. Овој проблем го засега дури и Врховниот суд, каде што се пополнети само 14 од 26 позиции“, стои во извештајот.

Покрај недостатокот на финансии и човечки ресурси, се забележува и недоволна меѓуинституционална координација и соработка, па се наведува примерот со Советот за следење на спроведувањето на Стратегијата за за развој на правосудниот сектор (2024-2028) , формиран во мај 2024 година, кој воопшто не се состанал во 2024 година, во 2025 година бил реструктуиран и се состанал за првпат дури  на 10 септември истата година.

Нагласувајќи најпрво дека во земјата лани само 28% од општата популација и 26% од компаниите сметале дека нивото на независност на судовите и судиите  е „прилично или многу добро“, Стразбур смета дека тоа е резултат на „мешањето и притисокот од владата и политичарите, како и мешањето или притисокот од економските или други специфични интереси“.

„Некои иницијативи преземени од владата за борба против корупцијата беа директно насочени кон судството (и, особено, Судскиот совет), што во некои случаи покрена сериозни загрижености во врска со почитувањето на независноста на судството и принципот на поделба на власта. Судиите и обвинителите се исто така предмет на зголемен притисок од јавни кампањи за оцрнување во медиумите и на интернет“, оценуваат известувачите на Стразбур.

Како илустрација и повод за политичка поларизација притоа го наведуваат судењето на четворицата поранешни функционери од ВМРО-ДМПНЕ за организирање насилен напад врз парламентот на 27 април 2017 година, кои беа ослободени повикувајќи се на Законот за  амнестија од 2018 година. Се набројуваат и контроверзните промени во неговото претседателство и состав на Судскиот совет, па до последниот потег – гласањето во парламентот со кое не беше одобрен извештајот на Судскиот совет за 2023 година и кое обезбеди правна основа за започнување дебата за нивно разрешување.

Незаконски интерпелации

„Последователно, владата предложи да се распуштат Судскиот совет и Советот на обвинители, а во март 2025 година, парламентот гласаше за ‘интерпелации’ против петте членови на Судскиот совет кои не се магистрати и кои беа избрани од парламентот. Причините наведени за интерпелациите беа нестручното извршување на должностите, што дополнително го еродираше веќе ниското ниво на јавна доверба во судството. Иако овие предлози не даваат законска основа за разрешување на членови на Судскиот совет, тие ефикасно претставуваат политички предлози за недоверба, што ризикува да ја поткопа легитимноста и независноста на членовите на Судскиот совет“, стои во извештајот на Парламентарното собрание, па се додава:

Во јуни 2025 година, Венецијанската комисија издаде мислење за нацрт-законот за Судскиот совет(на барање на министерот за правда) и даде голем број препораки, вклучително и отстранување на министерот за правда од Судскиот совет и разјаснување на постапката за избор на неговите членови од страна на парламентот, обезбедување дека изборот се базира на заслуги и разјаснување на основите за разрешување на неговите членови, претседателот и заменик-претседателот. „Владата, стои во извештајот,  сè уште работи на овој нацрт-закон“.

Како „уште еден загрижувачки пример“ се споменува и постапката за разрешување на главниот обвинител Љупчо Коцевски, бидејќи се покажале „недостатоците во правилата за разрешување и ризикот од политизација“.  Наспроти тоа, според Стразбур, корупцијата во јавниот сектор останува сериозен проблем, а нејзината перцепција меѓу експертите, граѓаните и бизнисите останува висока.

„Таа не се однесува само на високи функционери во политичката сфера, туку и на други сектори, а особено на јавното здравство, јавните набавки и затворите“, стои во извештајот.

Како пример, притоа, се наведува случајот со Државна лотарија во кој се обвинети осум поранешни високи функционери, вклучувајќи  и поранешен вицепремиер, како и случајот со поранешниот раководител на владината Служба за општи и заеднички работи, Пеце Мирчески, кој беше уапсен под обвинение за корупција по четири основи: примање мито, фалсификување службени документи, проневера и небрежност при работа.

И во овој извештај, како што се очекуваше, се нагласува контроверзната измена на Кривичниот законик од претходната влада (со премолчена поддршка од ВМРО-ДПМНЕ)  која според Стразбур довела до прекинување на голем број случаи против поранешни и сегашни владини функционери, бидејќи казните биле отстранети или намалени, а рокот за застарување истекол.

„Ова, исто така, доведе до зголемување на правната несигурност и неказнивоста. Нема официјална статистика за влијанието на овој амандман врз случаите на корупција, но сепак, за време на нашата посета на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, ни беше кажано дека по промените во Кривичниот законик во врска со делото ‘злоупотреба на службена должност’, во 2023 година, 11 обвиненија биле повлечени, 5 преквалификувани, а во 10 случаи постапките биле прекинати поради застарување. Податоците за 2024 година сè уште се прибираат“, стои во оценката.

(Текстот е објавен во nezavisen.mk a заради должината ќе го објавиме во три продолженија)

 

Filed Under: Фељтон

НА ВМРО ДПМНЕ НЕ МУ СЕ ДОПАЃА ПРЖИНСКИОТ МОДЕЛ ЗА ИЗБОРИ СО ТЕХНИЧКА ВЛАДА
ЕВРОПСКИ СТНДАРДИ И МАНЕВРИТЕ НА МИЦКОСКИ
СТИВЕН МИЛЕР И НЕГОВАТА ДОКТРИНА НА АГРЕСИЈА
ЏУЛИЈА РОБЕРТС: НЕ САКАМ ДА ГО МИНУВАМ ВРЕМЕТО ВО СТРАВ И ВОЗНЕМИРЕНИОСТ
СTРАЗБУР ГИ СПОРИ СМЕНИТЕ И „ИНТЕРПЕЛАЦИИТЕ“ ВО СУДСТВОТО (1)

Најново

  • НА ВМРО ДПМНЕ НЕ МУ СЕ ДОПАЃА ПРЖИНСКИОТ МОДЕЛ ЗА ИЗБОРИ СО ТЕХНИЧКА ВЛАДА
  • ЕВРОПСКИ СТНДАРДИ И МАНЕВРИТЕ НА МИЦКОСКИ
  • СТИВЕН МИЛЕР И НЕГОВАТА ДОКТРИНА НА АГРЕСИЈА

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet