Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

СTРАЗБУР: ИЗБОРНИ РЕФОРМИ БЕЗ ДИЈАЛОГ (3)

January 27, 2026 Filed Under: Фељтон

Беше објавено дека министерот за правда ќе предложи широка, опсежна и длабинска ревизија на целиот Изборен законик, но од Астразбур забележуваат дека тоа е самио уште една најава за која со години се зборува, а не се случува

ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ Стразбур жали за недостатокот на напредок во системот за санкционирање предвиден во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси

СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА

Стразбур остро забележува и на манирот изборните реформи да се прават во последен момент, ненавремено, набрзина и без дијалог.

„Загрижувачко е што Изборниот законик беше изменет непосредно пред последните избори преку забрзан процес и без јавни консултации, спротивно на меѓународните стандарди, и покрај претходните критики на ОДИХР за претходните слични практики.  Изборното законодавство треба сеопфатно да се разгледа за да се решат недоследностите навремено, инклузивно и транспарентно, преку инклузивни консултации“, оценува Стразбур.

Притоа се наведува дека за време на нивната посета известувачите биле информирани дека владата подготвува нов изборен закон и планира да ги реформира правилата што се однесуваат на гласањето на дијаспората, односно да воведе една изборна единица и практично да овозможи да го надмине изборниот праг, да го укине ограничувањето од три места и евентуално да се дозволи гласање по пошта.

„Беше објавено дека министерот за правда ќе предложи широка, опсежна и длабинска ревизија на целиот Изборен законик, во согласност со препораките и забелешките на ОДИХР“, стои во извештајот –  за уште една најава за која со години се зборува, а не се случува.

Стразбур најде и одредени постигнувања поради што препорача да се укине редовниот пост-мониторинг на Македонија. Притоа се споменува дека 14 од 19 препораки на ГРЕКО за справување со корупцијата кај пратениците, судиите и обвинителите се спроведени „задоволително или се обработени на задоволителен начин, четири препораки се делумно спроведени и една препорака (во врска со отстранување на министерот за правда од Судскиот совет) не е спроведена“.

Во однос на членовите на парламентот, ГРЕКО забележал напредок во поедноставувањето на Етичкиот кодекс за пратениците и во развојот на програма за обука за негово спроведување и други мерки за подигање на свеста. Сепак, Стразбур жали за недостатокот на напредок во системот за санкционирање предвиден во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Она што е интересно исто така е дека во извештајот се споменува спорот со Бугарија во рамките на заштитата на малцинствата. Притоа се потсетува дека „Советодавниот комитет за Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства (ACFC) ја пофалил земјата за значаен напредок во правната заштита на правата на лицата кои припаѓаат на националните малцинства, особеново областа на антидискриминацијата и употребата на албанскиот јазик…  иако практичната имплементација на законодавството и политиките за националните малцинства сè уште треба да се подобрат“.

„За време на нашата посета на Скопје, разговаравме главно за состојбата на албанското и бугарското малцинство. Во однос на првото, беа изразени загрижености за можните последици од пресудата на Уставниот суд со која се укинува механизмот ‘Балансер’, со што се доведува во прашање Охридскиот рамковен договор. На крајот на јуни 2025 година, владата финализираше нов Закон за фер и соодветна застапеност, кој предвидува дека составот на јавните институции треба да го одразува етничкиот состав на населението. Според властите ‘Балансерот’ повеќе не ги исполнува целите, бидејќи процентот во формулата не ги одразува податоците од пописот за резидентното население. Паралелните процедури за вработување дизајнирани да го зголемат вработувањето на малцинствата во јавниот сектор, во пракса, можат да ги поткопаат принципите на заслуги, ефективност и фер застапеност и да влијаат на независноста на институциите при изборот на вработени за да ги задоволат нивните потреби во согласност со барањата за правична застапеност. Друго прашање на несогласување е примената на Законот за употреба на службените јазици од 2019 година, во кој се наведува дека албанскиот јазик е втор службен јазик, а прашањето за неговата уставност сè уште не е решено од Уставниот суд“’, стои во извештајот.

Потоа се споменуваат Бугарите:

„Ситуацијата на бугарското малцинство, кое не е официјално признаено во Уставот и
законодавството, влијае на преговорите на државата Северна Македонија за нејзино пристапување кон ЕУ. Официјално има околу 3.500 етнички Бугари. Според извештајот на ЕКРИ од 2023 година, тие понекогаш се жртви на говор на омраза, се етикетираат како ‘фашисти’ и се физички напаѓани. Извештајот на ЕКРИ се однесува на палеж врз Бугарскиот културен центар ‘Иван Михајлов’ во Битолa на 4 јуни 2022 година и нападот врз секретарот на Бугарскиот културен клуб ‘Цар Борис III’ во Охрид на 19 јануари 2023 година. На 2 ноември 2022 година, парламентот го измени Законот за фондации и здруженија со цел да се поништи законската регистрација на етничките бугарски организации, што покрена неколку правни прашања, вклучително и прашањето за ретроактивна примена на новите одредби. Иако ЕКРИ е свесна за контроверзиите околу употребата на имињата на Иван Михајлов и цар Борис III, препорача ‘властите да продолжат да заземаат силен јавен став осудувајќи ги сите форми на насилство врз лицата кои се самоидентификуваат како етнички Бугари или нивните организации, како и да обезбедат властите на локално ниво да го сторат истото. Исто така, во согласност со судската пракса на Европскиот суд за човекови права, властите треба да се воздржат од откажување на регистрацијата или распуштање на здруженија на лица кои се самоидентификуваат како Бугари во Северна Македонија, доколку тие не поттикнуваат, промовираат, шират или оправдуваат насилство, омраза или дискриминација“, стои во извештајот.

Иако Стразбур нема ништо со процесот на евроинтеграција, во извештајот се изразува жалење  што измените со кои Бугарите ќе се внесат во уставот и ќе и се отвори пат на Македонија за ЕУ, сѐ уште не се реализирани. Притоа се пренесува ставот на властите и други парламентарни групи што се на иста линија дека „таквиот амандман може да се усвои само под услов да стапи во сила откако Северна Македонија ќе се приклучи на Европската унија“.

Она што е интересно е дека Стразбур, наспроти Брисел, смета дека  пристапувањето на земјата во Европската унија сè уште се одложува поради спор не само околу амандманите туку  „околу историјата, јазикот и културата“.

Во извештајот стои и барањето да се отворат архивите на тајните служби во Македонија, по барање на поранешната комесарка за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, која испратила писма до премиерите на земјите-членки на Советот на Европа во регионот и препорачала конкретни чекори што треба да се преземат за справување со нивното насилно минато и порешително движење кон социјална кохезија, правда и помирување. Во своето писмо до премиерот на Северна Македонија, иако признава дека конфликтот во оваа земја е од многу помал обем отколку во некои од другите земји во регионот, таа сепак ги поканила властите да преземат конкретни чекори за подобрување на почитувањето на правата на жртвите, справување со минатите поплаки и социјалната кохезија (како што е укинување на автентичното толкување од 2012 година на Законот за амнестија од 2002 година; истражување на досиејата што беа префрлени од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија на домашните судови; и реформирање на образовниот
систем).

Околу заштитата на животната средина стои дека три града во земјата – Скопје, Битола и Тетово – редовно ги надминуваат безбедните нивоа на загадувачки честички присутни во воздухот и се рангирани меѓу 10-те најзагадени градови во Европа, а понекогаш и во светот.

„Според Европската агенција за животна средина, секоја година околу 3.600 луѓе во земјата умираат предвреме поради загадување на воздухот… Иако ја признава силната правна и политичка рамка на Северна Македонија и меѓународните обврски, вклучително и уставното признавање на правото на здрава животна средина, лошата имплементација негативно влијае врз здравјето и човековите права“, стои во забелешката, со препорака судовите да добијат овластување да решаваат прекршувања на човековите права во животната средина и да се поддржат бранителите на човековите права во животната средина, вклучително и преку пристап до финансирање и заштитни мерки против SLAPPs.

 

Filed Under: Фељтон

БАЛКАНОТ  И ОДБОРОТ ЗА МИР“ НА ТРАМП: КОЈ Е ПОКАНЕТ, КОЈ ПРИФАТИ, КОЈ ОДБИ
ФИЛИПЧЕ: ЗА ДА ГО ПОБЕДИМЕ ОВА ЗЛО НАДВОР, ТРЕБА ДА БИДЕМЕ ЧЕЛИЧНИ ОДВНАТРЕ
СТРУМИЧАНКАТА ТИНА РУСЕВА Е ПРВА ВО ЕВРОПА – „ТHE VOICE OF EUROPE 2025“ ДОБИ НОВА ЅВЕЗДА
СTРАЗБУР: ИЗБОРНИ РЕФОРМИ БЕЗ ДИЈАЛОГ (3)
ТОКСИЧНАТА ПОЛИТИКА: КОЛКУ ЧИНИ ГРЕНЛАНД?

Најново

  • БАЛКАНОТ И ОДБОРОТ ЗА МИР“ НА ТРАМП: КОЈ Е ПОКАНЕТ, КОЈ ПРИФАТИ, КОЈ ОДБИ
  • ФИЛИПЧЕ: ЗА ДА ГО ПОБЕДИМЕ ОВА ЗЛО НАДВОР, ТРЕБА ДА БИДЕМЕ ЧЕЛИЧНИ ОДВНАТРЕ
  • СТРУМИЧАНКАТА ТИНА РУСЕВА Е ПРВА ВО ЕВРОПА – „ТHE VOICE OF EUROPE 2025“ ДОБИ НОВА ЅВЕЗДА

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet