БЕСА АРИФИ
Да се доведе челникот на таа институција во врска со наводите за некакво лукративно и грозоморно рекетерство на некои хохштаплери кои наеднаш станаа најпознати општествени ликови е тежок вид на бласфемија кон единствената институција која уживаше длабоко општо восхитување од сите
Приказната за Ана Болејн, една од сопругите на англискиот крал Хенри VIII има трагичен крај. Таа е типичен пример на краткотрајна слава, на личност која за кратко време успева да дојде до врвот на моќта, да стане кралица на рамо со еден од највлијателните англиски кралеви, да роди ќерка која засекогаш ќе биде запаметена во англиската историја како Елизабета I – жената што ја водеше Англија во тоа што историјата го познава како златно доба, и сепак на крај да биде осудена, засрамена и обезглавена со смртна казна. Се кажува дека дента кога Ана Болејн се појавила пред суд за да одговара пред тешките обвиненија, англиските лордови не станале да ја поздрават. Притоа таа забележала: „Тажен е тој ден кога благородниците нема да станат пред нивната кралица.“ на што претседателот на Домот на лордовите одговорил „Уште потажен е тој ден кога истата таа кралица е обвинета за прељуба и инцест“.
Иако Ана Болејн се бунела дека „обвинета“ не значи и „осудена“, сепак на крај тој судски процес завршил трагично за неа.
Во едно општество жедно за правда, каде со години напред слоганот „Нема правда, нема мир“ ги обедини сите во една заедничка борба, еден заеднички идеал дека навистина еден ден може да живееме во држава каде криминалот се казнува и одговорноста не зависи од политичките функции и самата помисла дека има индиции дека специјалниот обвинител – чија што слика се истакнуваше во долгите и масовни протести за правда, е можеби поврзан со мрежа на организиран криминал и рекетерство, е рамно на страхотното обвинение за прељуба и инцест на Ана Болејн.
Се работи за челникот на институцијата која беше единствената надеж дека правдата е можна во оваа држава, институцијата која беше формирана за да гони тежок организиран криминал и корупција, институцијата која беше пример како треба да функционира едно јавно обвинителство во врема кога редовното обвинителство беше сосема парализирано. Да се доведе челникот на таа институција во врска со наводите за некакво лукративно и грозоморно рекетерство на некои хохштаплери кои наеднаш станаа најпознати општествени ликови е тежок вид на бласфемија кон единствената институција која уживаше длабоко општо восхитување од сите.
Во такви тешки и тажни моменти, кога лицето кое треба да биде главниот лик на борба за правда јавно се сомничи дека јадела од плодовите на забранетото дрво важно е да се направат две клучни дистинкции:
Прво и основно, доколку се зборува за било каква кривична одговорност треба да се запамти дека таа е индивидуална. Во кривичното право секој одговара за своите дела и не постои колективна одговорност за сторено кривично дело. Затоа е важно да се разликува можната индивидуална одговорност на обвинителот кој се сомничи и евентуално на неговите помагачи од одговорноста на СЈО како институција. Апсурдно е да се каже дека целата институција би била виновна доколку овие индиции и наводи се докажат како точни. Уште поапсурдно е да се размножи со нула досегашниот труд на ова институција и трудот на сите обвинители, истражители и други работници кои единствено сами знаат низ што се поминале и колку време и енергија им било потребно да ги изнесат пред лицето на правдата сите тие случаи во кои напроно работеа со години. Треба да разбереме еднаш засекогаш што значи институционално поведеније. Како што никогаш не си дозволивме да кажеме дека заради неколку корумпирани судии треба сите судови да ги затвориме, така недозволиво е дури да се помисли дека заради можна одговорност на еден специјален обвинител, па дури да биде тоа и главниот обвинител, треба да се затвори целото СЈО и целокупната нејзина досегашна работа да се прогласи за ништовна. Не слушнав дека после разрешувањето на Зврлевски целата дотогашна работа на ЈОРМ беше прогласена за ништовна. Тоа е така бидејќи институциите постојат, а луѓето се менуваат. Нив може да ги водат способни или помалку способни, корумпирани или некорумпирани луѓе, меѓутоа, институциите, а посебно тие што треба да гонат висок криминал, и се секогаш потребни на општеството.
Втората работа која треба да се појасни е дека фактот што некој од СЈО можеби направил еклатантни, тешки, и неопростливи намерни или ненамерни грешки и пропусти во работењето не ги прави сите досегашни обвинети во сличаите пред тоа обвинителство жртви на некаква неправда. Фактот што сведокот-жртва ги пријавил осомничените во истрагата „Рекет“ во ЈООКК не ја исклучува одговорноста на тој сведок-жртва во случаите каде тој се појавува како осомничен во СЈО, ниту пак ја исклучува одговорноста на сите други осомничени, обвинети и осудени за тешки кривични дела од кои некои се во притвор, други во затвор, а трети во бегство. Тоа што го слушнавме во бомбите не може да се отслуша, ниту, пак, црното да стане бело со еден статус на сведок-жртва.
Во такви ситуации на голем прсврт, кога овците стануваат волци, а волците овци преку ноќ, најважно од се е да има транспарентна, целокупна и сеопфатна истрага. Никој не смее да биде заштитен и секој треба да одговара и за најмалата индиција за било каква врска со организиран криминал.
Од тоа како органите на прогон и правосудство ќе го третираат овој комплексен случај и колку сериозно ќе се спуштат во суштинска истрага на сите инволвирани, без разлика на тоа колку општествено и политички болна ќе биде таа истрага, ќе можеме да заклучиме дали како општество навистина сме способни да постигнеме какви било стандарди на владеење на правото или пак, ќе продолжиме да живееме во некаква привидна реалност со закони кои никогаш не важат за никого, а особено не за најсилните.