Мијалков избегал од задниот дел на куќата, и движејќи се пешки се сокрил во објект на Водно. Имало оддалечување од домот пред кој стоела поливијата со доставување на судско решение, бараниот бил еден вид на „капаџик-побегуља“ ама можеби му се пиело кафе кај соседот? Проценка со која сите инволвирани се самоослободуваат од хипотетичката вина
Нема место за јавнообвинителска одлука за Сашо Мијалков, бидејќи не е утврдено постоење на кривично дело што се гони по службена должност во предистражната постапка отворена по повод недостапноста на обвинетиот Мијалков при обид да му се врачи решение за куќен притвор, соопшти Јавното Обвинителство (ЈО). Пред донесување на одлуката биле сослушани Заев, Јовески, Рускоска, Маричиќ, Спасовски и други.
Според ЈО, биле преземени поголем број на истражни дејствија и утврдено е дека постојат мали шанси некој да му соопштил на Мијалков дека ќе му биде доставено такво решение.
Во предистражната постапка за недостапноста на поранешниот директор на УБК и член на ВМРО ДПМНЕ за да му биде врачено решението за куќен притвор одреден за пред пресудата за „Таргет-Тврдина“, Обвинителството сослушало повеќе луѓе, провериле повеќе мобилни телефони и констатирале слабости во меѓу институционалната и интерната комуникација на надлежните институции.
Од Обвинителството предмалку информираа дека никој нема да понесе кривична одговорност за неодамнешното бегство на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, бидејќи предистражната постапка утврдила дека никој од институциите не му дошепнал дека за него се бара притвор.
Сепак, се наведува дека од моментот кога полицијата притигнала пред неговиот дом за да му го врачи решението, па се до нивниот влез во домот, поминале 45 минути, поради што Мијалков имал доволно време да излезе од задниот влез, и пешки да избега.
„Јавниот обвинител утврди дека географската поставеност на теренот на улицата каде се наоѓа домот на обвинетиот, доведена во корелација со просторот кој бил обезбедуван од службите на МВР, како и времето на обезбедување од моментот на обидот за доставување на судското решение до времето на проверка на домот од службените лица, овозможувала тој незабележано да излезе од својот дом.
Имено, беа прегледани видео записите од камерите поставени во домот на обвинетиот, камерите од околните објекти, хотели, јавни претпријатија, камерите од Сејф Сити за движење на возилата кои беа предмет на интерес. Притоа не е забележан обвинетиот како се одалечува од својот дом. Сепак, од доказите обезбедени во предистражната постапка како теорија на случај се наметна само теоријата дека С.М. се оддалечил од својот дом во моментот кога полициските службеници се доближиле до неговиот дом и побарале да му врачат решение.
Ова меѓу другото, произлегува и од околноста, дека телефонот кој обвинетиот го користел се гаси во истиот момент кога полицијата доаѓа пред неговиот дом. Од тој момент кога полицијата дошла пред домот на обвинетиот, до моментот кога службените лица го пребарале домот, поминале најмалку 45 минути, во кое време имал доволно голема временска рамка да се оддалечи од својот дом, а местоположбата на неговиот дом овозможувала тоа да биде направено незабележано преку задниот излез, движејќи се пеш во реон кој не е обезбеден со безбедносни камери и лоцирајќи се во некој од околните објекти, велат од Обвинителството.
Неговиот дом е лоциран на Водно, па поради тоа и сомневањата се дека се засолнил во некој од околните објекти.
Веќе трет месец пак Мијалков е на безбедно, односно во истражниот затвор „Шутка“. Тој поднесе гаранција од 10,8 милиони евра со кои бара да се брани од слобода. Кривичниот суд не му ја прифати гаранцијата, а сега за неа ќе одлучува Апелациониот суд.
Сепак, факт е дека во последно време судиите некако се прилично наклонети кон ослободување од притвор дури и без гаранции (случај Рашковски).