Ристо Поповски
Историјата на новинарството и новинарите кои деновиве, главно со самокритика, критика и незадоволство, го одбележаа својот светскиот ден, започнува во првите години на 17. век. Новинарството во Македонија започнува со формирањето на современата држава во 1944. година. Дополнителен меѓник за македонското новинарство е референдумот во 1991. година и осамостојување на државата.
Македонското, во споредба со новинарството во светот со искуство и знаење од речиси пет века, сѐ уште е во пелени бидејќи власта, без оглед во чии раце е, не му дава да порасне и самостојно да прооди. Секоја епоха и политички систем има свој тип на новинарство. Транзицијата како преодна форма, како систем без систем, создава сопствен недефиниран систем на новинарство. Македонија која со децении е заглавена во преоден безизлез на специфичен начин го надгради системот на транзициското новинарство. Особено последнава деценија кога власта упорно и со многу успех се бореше за првото место на дното на светската ранг листа на слободата на медиумите и за малку не успеа да го освои.
Надградбата на транзициското новинарство за време на владеењето на талентите од дпмнето беше катастрофална за Македонија во која до темел беше урнисана слободата на медиумите. Новинарите, со мали исклучоци, беа сведени на послушници, слуги и платеници на тоталитарната власт која продуцираше само тотални, вечни вистини. Транзициското новинарство на дпмнето остави катастрофални последици во сите области од медиумскиот простор и уште долго ќе се чувствуваат. Укинати беа весниците кои осилената врхушка на дпмне ги сметаше за непријатели, згаснаа печатени гласила кои беа финансирани и под контрола на врхушката на оваа партија која после изборниот пораз ги остави на цедило. Тиражите на весниците кои сѐ уште се печатат, главно на мускули, се трагично ниски.
Последиците на дпмнеовското тразициско новинарство се највидливи и најтешки во електронските маедиуми. „Куртонските“ телавизии, ударните тупаници на врхушката на дпмнето почнаа да ја „вртат“ уредувачката политика, да се доближуваат до новата партија на власт. Тешко тоа може да се нарече враќање кон нормалноста на професионалното новинарство. Повеќе е белег и последица на долгогодишни притисоци врз медиумите и новинарите на кои ќе им треба многу време да излезат од транзициско новинарство.
Полтронската поддршка на власта, исто како и постојаното опозиционерско негирање на сѐ, ни од далеку не се новинарство. Далеку е тоа од вистината кон која треба да се стремат професионалните новинари и медиуми. Последица е тоа на дпмнеовската транзиција која новинарство го остави речиси без вистински новинари. Главни во медиумите беа послушни незнајковци дресирани да мислат само со туѓа глава. Секој можеше да стане и стана новинар или сопственик на медиум. Потврда за тоа е и тоталниот хаос и беззаконие со сајтовите на интернет.
Последиците од дпмнеовското транзициско новинарство Македонија уште долго ќе ги чуствува. Дотолку повеќе што и на социјалдемократите, како и на секоја друга власт, им годи медиумите позитивно и афирмативно да пишуваат за нив, што ги прави некритични, ги оддалечува од реалноста. По заминувањето на талентите од дпмнето од власт, нема грубо и директно посегање во медиумскиот простор, но видливо е и дека новата влада има благонаклон однос кон некои од медиумите.
Новиот Закон за медиуми, повеќе формално отколку суштински, отвора простор за слободата на медиумите и професинално новинарство. Доколку владата на социјалдемократите навистина сака вистинско ослободување на медиумите и новинарството, треба да создаде услови за јакнење на нивната економска сила и ослободување на зависност од финансиска поддршка од буџетот или од странски донации. Доколку брзо не се сменат работите, ќе си продолжи дпмнеовското транзициско новинарство кое се градеше и надградуваше врз економската зависност на медиумите и новинарите.