Ристо Поповски
Нескриените и недипломатски закани што по дипломатски пат до Скопје ги упати Москва, покрај сѐ друго, отвораат и нова димензија за настаните на 27. април во Собранието. Особено, откако, според обвинението, првиот знак за почеток, дошол од Виена каде што тој ден беше поранешниот премиер Никаола Груевски.
Изјавата на Груевски дека против него нема докази, инаку ќе беше во Шутка, ниту делумно не може да ги отстрани сомнежите за „командната“ вмешаност во априлскиот„крвав четврток“ во Собранието кои се присутни уште од првиот ден. Не само поради подбуцнувачкото повикување на народот на улица, туку, пред сѐ, затоа што ништо важно во партијата не можеше да се случи без негова дозвола или знаење.
Руската Мечка во турбулентните времиња на промени, здушно и решително, ги поддржуваше своите послушни мечиња во Македонија. Залудни и задоцнети беа обидите на Москва со пораки, кои беа и директно мешање, да ги спаси мечињата – Груевски и неговата тајфа таленти од конечното и неизбежно губење на власта. Русија сега можеби ненадејно, но не и неочекувано, се враќа во Македонија со неприкриени закани. Како да сака да го надомести загубеното, да „помогне“, државата да се врати назад.
Пораките на Русија и протерувањето на нејзиниот дипломат од Скопје, беа повод за брза реакција на претседателот Иванов. Како едно од најдисциплираните мечиња тој веднаш го отвори срцето, ги искажа симпатиите кон Москва. Посредно покажа дека почнувајќи со одбивањето да му го врачи мандатот на Заев и со други потези, настојува да ја блокира новата коалиција на власт, дека донкихотовски сака државата и народот да ги врати назад, да ги сопре евроатлантските интеграции.
Протерувањето на рускиот дипломат од Скопје беше избрзан чекор, непотребно брцање со прст во окото на Мечката. Добрата страна е што испровоцирана од овој потег, Москва реагираше налутено и пред време ги покажа вистинските намери за враќање во Македонија со чекори непримерени за, горе долу, коректните односи што ги имаше со Скопје.
Забрзаното доближување на Македонија кон членство во НАТО е „црвената шамија“ што ги предизвика заканувачките реакции на Русија, иако само со тоа не можат, до крај, да се објаснат нејзините налутени пораки. Русија на запад речиси исцело граничи со држави членки на НАТО, а слично е и на Балканот, каде што повеќето држави се членки на Алијансата.
Русија, сѐ уште, има сигурно упориште само во Србија, а балканските држави кои не се во НАТО речиси исцело се свртени кон членство во Алијансата. Нема многу простор за доминантно влијание какво што сака Москва. Налутените закани кои, не случајно, се испратени после повторниот избор на Путин, всушност, се порака дека неговата Голема Русија се обидува да се врати назад, во минатото.
Руската Мечка со овие пораки отвора простор за мешетарење на Балканот, а заканите упатени кон Македонија треба да ги охрабрат Груевски, Иванов и другите руски мечиња на акција. Тоа е повик до нив и до сите талентирани мечиња да се сплотат против коалицијата на чело со социјалдемократите, да ја вратат државата назад во подобро минато.
Заканите кон малата Македонија, која е колку еден кварт во повеќе од десетмилионската Москва, не се вистинскиот начин Русија да се врати назад, да биде голема велесила која го контролира светот. Колку што Македонија може да биде легитимна цел на Руски напади, толку послушните руски мечиња можат да се вратат на власт. Нив ги прегазило времето и, колку и да копнеат, не можат државата да ја вратат назад.