Ристо Поповски
Ишкање на мувата од капата е итроштина на неталентирани измамници. Штом стигнала до народна умотворина стара е од памтивека. Современа варијанта на ишкањето е замена на тези и итроманска пропагандна во медиуми и социјални мрежи. Измамниците и старите и новите имаат иста цел – да го свртат вниманието од сопствената вина. Кажувајќи невистини да ја скријат вистината. Како и да се нарече и ишкањето муви и замената на тези се извртување на вистината.
Центрите за комуникација на дпмнето беа прочуени по криење и искривоколкчување на вистината. Почесниот претседател на дпмнето Никола Груевски доследно и чесно продолжува по „светлите“ патеки на арогантната пропаганда на талентите од центрите за комуникации. Обидувајќи се да ги скрие вистините за дел од своите маани и дела, тој ги обвини владата и Зоран Заев дека намерно го одложувале пуштањето на автопатот Демир Капија – Смоквица за да се фалат пред народот дека тие го изградиле.
Тешко може да се поверува дека новите власти навистина намерно го одлагале отворањето на оваа за граѓаните и државата важна сообраќајница. Факт е дека владата на Заев во прво време тешко се снаоѓаше во власта и со обврските и дека сѐ уште не ги надминале тие слабости, но и дека изградбата доцнеше речиси две години од рокот што го постави дпмнето.
Груевски тврди дека владата на Заев нема изградено ниту еден километар од овој автопат. Никој паметен ниту оспорува, ниту може да ја негира вистината дека владата на Груевски ја градела оваа делница на автопат. Владата на Заев наследи три автопати заедно со хаосот и криминалот поврзан со нивната изградба. Делницата Кичево – Охрид веќе е предмет на судски процес, а за Демир Капија – Смоквица се водат три истраги: во Грција, во Македонија како и од страна на Европската канцеларија за борба против измами со европски фондови (ОЛАФ).
Автопатот Демир Капија – Смоквица го следат сомнежи уште пред да почне изградбата. Фаворизирана беше грчката фирма „Актор“, иако понудата на италијанската фирма „Тото“ била поповлна за 8 милиони евра. Приближно толку чини еден километар од овој автопат, а истиот наместо да биде покриен со асфалт завршил во нечии џебови.
Аферата со извлекување од банките на големи износи готовина во евра који се префрлувана во Грција, излезе на виделина во текот на градбата. Додека дпмнето беше на власт овој предмет собираше прав во Јавното обвинителство. Истрага отвори Специјалното јавно обвинителство (СЈО) кое, освен извлекување на готовина, веројатно ќе ги анализира и вкупните трошоци. Просечната цена на километар од автопатот Демир Капија – Смоквица изнесува околу 9,6 милиони евра. Просекот на километар автопат во соседна Србија е околу 3 милиони евра.
Груевски со талентираната замена на тези се обидуваше да манипулира со граѓаните кои не се со кусо паметење. Свежи се сеќавањата за сомнежите и за изборот на изведувач и за извлекување готовина. Излегува на виделина вистината која Груевски сака да ја скрие ишкајќи муви и обвинувајќи дека Заев му ги краде заслугите. Тешко дека ќе се најде некој кој што сака да си присвои заслуги за проект поврзан со сомненија за криминал.
Груевски има уште многу муви за ишкање и заедно со новиот лидер Христијан Мицковски, кој го поддржува, се обидуваат да продолжат со излитената дпмнеовска традиција на извртување и криење на вистината. Залудно се обидуваат да ишкаат роеви муви, до го растераат муварникот што со години се насобрал околу поранешната врхушка на дпмнето. Времињат се поинакви, на старите ленти веќе не се лепат муви. Спрејот за муви и разноразни други гадиники сега е во рацете на обвинителствата и судовите пред кои вистината тешко може да се крие и извртува.