Ристо Поповски
Европската комисија (ЕК) оценките за позитивните движења во Македонија изминатиот период ги базира и врз оценката дека е надмината политичката криза, најтешка по онаа во 2001. година. Споредбата на прв поглед се чини претерана, но ако се препрочита можат и да се најдат допирни точки. Охридскиот договор беше пресвртница и означи крај на крвопролевања кои Македонија ја водеа кон небиднина, неизвесност и хаос. Изборот на претседател на Собранието на 27. април беше пресвртница, бидејќи по низа опструкции и блокади, се конституираше новата власт и Македонија се доби можност да излезе од оковите на партизирана, заробена држава.
Организираниот упад во Собранието и насилието беа последен, очајнички и крајно опасен обид поранешната партиско – државна врхушка да се врати и да продожи со десетгодишното самоволие и тоталитарно владеење. Нејзино орудие беа изманипулирани граѓани и злоупотребени послушни партиски војници кои со брутално насилие и закани со убиства, се пресметуваа со политичките противници, се обидуваа да ги спречат легитимно да ја преземат власта.
Најагресивните и најактивните учесници на насилството во Собранието Јавното обвинителство ги обвини за терористичко загрозување на уставниот поредок и повеќето од нив се во притвор. Партиската врхушка која единствено ќе имаше полза од враќањето на старото и задржување на привилегиите се прогласува за невина и се дистанцира од насилието во парламентот.
Кукавички врхушката бега од одговорност напуштајќи ги приврзениците во кои се колнеше и кои на нејзин повик и поттик на грубо, го прекршија законот. Талентите од поранешната врхушка самобендисано тврдат дека нема докази за нивно учество и вмешаност во насилничкиот упад и обидот со државен удар да се спречи конституирањето на новата власт. Божем некој им верува. Божем на граѓаните, кои не им веруваа и кога со години беа под притисок и закани, сега им требаат докази.
Годишнината на обидот за државен удар и на насилството во Собранието уште еднаш потврди дека новото раководство на дпмнето не може да се ослободи од наследството и влијанието на талентите од поранешната врхушка. Продолжуваат манипулациите, свртувањето на вниманието и криењето на вистината. Вербално го осудува насилството, за потоа вината на настаните во Собранието да го префрли врз актуелната власт, жртвите на насилството да ги прогласи за виновни.
Новото раководство на дпмнето одбива да се соочи со реалноста дека 27. април беше пресвртница, дека Македонија означи крај на долгодишната сложена политичка криза. Поистоветувањето со поранешната врхушка по својата суштина е обид Македонија да се врати назад, во времето на партизирана и приватизирана тоталитарна држава. Дали е на иста линија и претседателот на државата кој не најде за потребно да се огласи по повод годишнината на 27. април, може само да се претпоставува. Молчењето не секогаш е злато, особено ако е многу гласно.
Успеаа ли Македонија и нејзините граѓани за една година барем да почнаат да излегуваат од срамниот и понижувачки статус на самоволието на заробена, партизирана и приватизирана држава? Еднозначен одговор на ова прашање нема, не само затоа што е кратко времето за издржана оценка. Некои потези на новата власт, почнувајќи од изборот на кадри врз основа на партиска припадност и послушност, а не поради стручност, покажа дека не успева да ги надмине хроничните болести и наследства на партизирана држава.
Неславната годишнина од насилничкиот упад во Собранието и обидот за државен удар не е повод за триумф и славење за новата власт. Повеќе од сѐ, таа е сериозна опомена за новите власти дека треба да бидат поинакви од претходните, кои ја партизираа и приватзираа државата и ја воведоа во криза. Годишнината е и потсетување дека ветија живот за сите, кое почнаа да го забораваат.