Ристо Поповски
Срамота! За ова ли ги гласавме! Со вакви извици протестираа деновиве жителите на една од периферните, тивки и заспани улички во Охрид. Некои беа резигнирани, разочарани, некои бучни, револтирани и со соответни глаголи ги спомнуваа женските членови на потесните семејства на оние неименувани, за кои гласале.
Шест или седум пати последниве неколку месеци доаѓаат полицајци кои од нив бараат да не ги паркираат автомобилите. Ги запишуваат регистрациите, се закануваат со казни. Жителите нема каде да ги паркираат колите, а тие никому не пречат. Низ тивката, заспана улица, долга одвај два километри речиси нема сообраќај, се движат главно локалните жители, а и тие ретко. Ниту има некаков дуќан.
Најголема причина за оправданиот револт е што никаде на оваа улица нема знак дека пракирањето е забрането. Врз која основа полицијата се заканува со санкции само таа знае, а можеби и нѐ. Зачестеното доаѓање на полицијата жителите го објаснуваат со изживување на еден од нивните соседи, влијателен во партијата која сега е на власт и кој им се одмаздува од причини кои само нему му се познати.
Улицата е мала, сите се знаат меѓу себе и жители со сигурност можат да посочат кој од соседите ги заплашува со полиција. Соседот кој успева шест или седум пати да повика полиција во неважна, периферна улица, веројатно се мисли многу силен, иако тоа е примитвна злоупотреба на влијание. Не е тоа ниту приватизација и партизација на полицијата. „Влијателниот“ сосед е класичен пример на паланечки примитивизам, простачка злоупотреба на партијата, на власта и на полицијата.
Вториот пример е од културната сфера, на републичко рамниште, но пак се сведува на паланечка партизација. Основачот и долгогодишен директор на Комедија Јелена Жугиќ, по смената на власта беше прогласена за „персона нон грата“ во овој театар. Примитивната, паланечка партизација отиде до таму што се обидувала да и забрани влез во матичната куќа, во театарот кој го основала!? Причина за изопштувањето, за отворената нетрпеливост беше активноста на Жугиќ која како членка на дпмнето знаеше и да претера со своите изјави. Остана запаметена по заканата со гумени куршуми, и по неколку други екстремни изјави.
Нејзината партиска припадност и активност, колку и да е за некого неприфатлива, не може да биде повод за ригорозни санкции, пред сѐ, во театар, во институција која претендира да биде културна. Особено затоа што таа ја основа Комедија и за само неколку години направи влијателен театар, кој граѓаните го сакаа и го почитуваа, каде што претставите се играа пред полн салон. Ако Жугиќ не ја направеше Комедија првоборците на примитивната паланечка партизација, кои нетрпеливо ја изопштуваа, не ќе можеа да се доберат до раководни места во „нејзиниот“ театар.
Примери на паланечката примитивна партизација има речиси на секој чекор, а злоуотребите на партијата не се поврзани само за социјалдемократите. Тие се белег на секоја власт. Уште се свежи сеќавањата на партиски реваншизам, закани и рекет на власта на дпмнето. Според сведочење на еден угледен угостител, заколнат во идеите на вистинското ВМРО, секогаш повеќе проблеми и притисоци имал од власта на дпмнето, отколку од она на социјалдемократите.
Простачката, паланечка партизација, злоупотребата на власта остана и веројатно уште долго ќе бидат неодминлив белег на примитивните балкански простори. Социјалдемократите доаѓајќи на власт прокламираа – живот за сите! Со паланечка партизација и кадровски промашувања, не само што не може да се обезбеди остварување на изборниот слоган/ветување, туку не ќе може на подолго да се обезбеди и владеење на социјалдемократите.