Ристо Поповски
Претседателот Ѓорѓе Иванов стана најголем, најупорен и најзадрт бранител на јазикот, на македонштината, на државата, и заинатено одбива да го потпише Законот за употреба на јазиците. Несмасно и на погрешен начин, вообичаен за него, сака да се промовира како најголем бранител на јазикот, а повеќе личи на разгалено детуле, кое со плачки се обидува да го истера своето по секоја цена.
Знае Иванов дека крши Устав. Мисли дека му се може да се однесува како шериф во некоја занемена и заостаната провинција. Уверен дека никој ништо не му може, дека ќе помине неказнето, талентираниот ше(ри)ф си надградува (не)успеси. Најголем од нив беше масовната аболиција на група во која имаше осомничени за криминал и грабеж.
Поголем и поталентиран противник на Законот за употреба на јазици од Иванов е поранешниот лидер на дпмнето Никола Груевски. Излезе од сенка на почесната фотелја, ги симна боксерските ракавици, се обиде со голи тупаници да се пресмета со Џафери, да го сопре донесувањето на Законот. Насилничкото однесување покажа колку за Груевски е важна блокадата на Законот за јазици, како можност за злонамерно посегање во меѓунационалните односи.
Почесниот претседател на дпмнето на начин кој не може да служи на чест, всушност, се брани самиот. Повеќе е самобранител пред обвиненијата на СЈО, отколку што е бранител на јазикот и државата. Потврда за тоа е нереализираниот коалиционен договор со ДУИ во кој има согласност за донесување закон за јазикот. Основите се исти како и на Законот што во Собранието е усвоен во тензична атмосфера и легитимност што се оспорува.
Свесно прекршувајќи го Уставот, Иванов јасно потврдува дека не е претседател на сите граѓани во Македонија. Не е тоа само голо инаетење со Социјалдемократите и со ДУИ кои не го признаваат неговиот избор за претседател. Нетрпеливоста е взамена. Одбивајќи да го потпише Законот за употреба на јазиците, Иванов грубо и самоволно ги крши правата на Албанците, забранува да зборуваат на мајчин јазик.
Иванов со „херојски“ и „возвишени“ кршења на Уставот останува претседател само на мала група граѓани, негови истомисленици, кои повремено протестираат на улиците, не толку против Законот, туку против Албанците. Оваа одбрана група таленти на Иванов, наедно, протестира и против преговорите за разликите околу името.
Пораките што ги упатуваат мавтајќи со знамиња со сонцето од Вергина се од некои минати времиња назадни, ретроградни. Никој не им кажал или не сакаат да знаат дека името одамна е „продадено“ и дека тоа го сториле нивните идоли. Инаетењето на Греувски и неговата антиквизација беа и голем срам за Македонија и ја доведоа државата во подредена положба, во ќорсокак од кој не може да излезе без да прифати наметнат компромис за името.
Талентираните приврзеници Иванов, припадници на малата група која го признава и велича како претседател, сами се сведуваат на ретроградни бранители на минатото. Деновиве стигнаа до таму со „жив штит“ да го бранат споменикот на Александар Велики во центарот на Скопје?!
Тешко може да се најде разумен одговор на прашањето што бранат бранителите и објаснување за постапките на ретробранителите. Разумни објаснувања нема и не може да има за водачите на ретробранителите на Иванов и Груевски. Кршењето на Уставот и манипулација со меѓунационалните односи се залудени обиди да се брани и одбрани минатото, државата да се врати назад. Македонскиот јазик не се брани, не може да се одбрани со забрани за албанскиот јазик.