Ристо Поповски
Морална одговорност е причина за оставката на градоначалникот на сибирскиот град Кемерово каде што неодамна пожар во трговски центар однесе над 60 животи. Антологискa е, поради екстремните критериуми за морал и одговорност, оставката на министерот за сообраќај на Јапонија. Тој по судир на возови со поголем број загинати поднесе оставка и изврши ритуално самоубиство – харикири.
Моралот, одговорноста, интегритетот, а особено вистината, по правило, имаат малку допирни точки со власта и политиката. Сепак, во светот тие се причина за оставки на функционери. Оставките од морални причини се екстремна појава во Македонија каде што граѓаните, сѐ уште, толерираат политичари без морал, образ и интегритет. Луцидната дијагноза на Дејан Дуковски дека – сѐ што во светот е правило, во Македонија е исклучок – по којзнае кој пат, се покажа како точна.
Најнов „исклучок“ се книгата со политикантска порнографија, примитивен шовинизам, а пред сѐ, скандалозното подбивање со моралот, бегање од вина и одговорност. Антологиска е изјавата на талентираниот директор дека има морална одговорност, ама не и вина, дека не ни помислува на оставка поради скандалозните соджини на книгата што ја печатеше Агенцијата за млади и спорт со која раководи. Обидот на талентот, со правење разлика меѓу моралот, одговорноста и вината, да одбегне оставка, е на исто рамниште со скандалозната содржина на книгата поезија.
Многукратно поскандалозен „исклучок“ направија премиерот Заев и талентираните членови на неговата партија и влада кои милозливо го толерираат заинатеното одбивање на младиот директорот на младите да поднесе оставка. Правејќи се недоветни го прифатија итроманското објаснување дека моралната одговорност не е причина за оставка. Со тоа станаа соучесници на талентираната иновативност наопаку да се поставуваат критериуми, да се изопачуваат темелните вредности на моралот, етиката, вистината и интегритетот на носителите на јавна функција.
Кадровската политика и изборот на функционери од самиот почеток се најслабата точка на владата на Заев. Дека нема критериуми покажа и избрзано изнудената оставка од поранешниот директор на МНТ Драган Спасов – Дац. Го избркаа од функција како шугав пес, иако пиеше за свои пари, надвор од работно време, возеше свој автомобил. Не трошеше државни пари за политикантска порнографија и шовинизам како она талентираното галениче на Заев, на неговата партија и владата.
Хроничните промашувања во кадровската политика сега се надградени со итромански обид народот да се заглупува. Напразното убедување дека бегањето од оставка е оправдано, иако се трошени народни пари за порнографско шовинистички памфлет, дополнително ја уриваат видливо намалената доверба на граѓаните во владата на Заев и во неговата партија. Илустрација за тоа е вистински настан на кејот крај Вардар, зад зградата на владата. Двајца возрасни гласно и темперамнентно дебатираат, при што едениот извикува – Ова е образ, не е тенеќија! Не рече не сум како овие тенеќеџии во владата, ама тоа лесно се подразбира, особено сега.
Поради низата кадровски промашувања граѓаните со резерва и недоверба гледаат и на другите одлуки и планови на владата. Виновен за тоа не е само Заев, иако тој е лидер и премиер. Иста, ако не и поголема, вина имаат климоглави послушници во партијата, а особено тенеќеџиите од функционери кои седат во владата и нејзините институции.
Заслепени од функциите, залепени за фотелјите тие сега молчат, толерираат, се поистоветуваат со надобудни таленти кои признаваат морална одговорност, ама не и оставка. Доколку така продолжат, а нема назнаки дека ќе биде поинаку, овие талентирани тенеќеџии се на сигурен пат да останат и без фотелјите кои им се поважни од моралот, образот, интегритетот. Ако нешто од тоа воопшто останало.