Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ТАМАРА СТОЈАНОСКА: ТЕАТАРOT КАКО ПРОСТОР ЗА ЕМПАТИЈА И РЕВОЛТ

September 30, 2025 Filed Under: Ревија

Од „Кенди“ до „Хинкеман“ – како независниот театар „Златен Елец“ ѝ овозможува на Стојаноска да ги истражува социјалните теми, меѓучовечките односи и личните чувства преку сцената

НАГРАДА ОСВОЕНА ВО БУГАРИЈА Признание за млад усспешен режисер добиена во Русе

ЕЛЕНА АНГЕЛОВСКА

Разговаравме со младата режисерка Тамара Стојаноска, која своите први професионални чекори ги направи во театарот „Златен Елец“. Нејзината претстава „Кенди“ ја освои наградата „Љубиша Никодиновски – Биш“ за најдобра независна домашна продукција на МОТ, како и повеќе признанија на домашни и регионални фестивали. На минатогодишното издание на МОТ, „Златен Елец“ ја претстави својата нова продукција „Хинкеман“, а ние со Тамара разговараме за нејзините почетоци, за искуствата во независната сцена и за патот кон современиот театар.

Како започна Вашето патување со „Златен Елец“ и што значи за Вас овој театар?

– Уште додека бев студентка по режија имав шанса да бидам сведок како се создава едно ново независно здружение и да бидам член од самиот почеток. Моите први искуства во Театар „Златен Елец“ беа со режисерот Ѓорѓи Ризески, кој несебично ме зема за асистентка на повеќе негови проекти, а особено значајна е трилогијата „Дневникот на лудиот“, монодрами на Бобан Алексоски. Овој проект за мене е од огромно значење и мислам дека научив многу од процесите заедно со Бобан и Ѓорѓи и сите 53 изведби и гостувања.  Исто така, моите две дипломски претстави се изведуваа со поддршка на независната сцена и продолжија да живеат како претстави надвор од факултетот и тоа е од огромно значење за секој млад режисер. „Грета“ (по „Фауст“ на Гете и текст на Луц Хибнер) премиерно се играше на малата сцена во  Македонскиот народен театар, а потоа следеше „Разнесени“ од Сара Кејн, која ја поставивме на сцената на Железничката станица, во еден многу специфичен и руиниран простор. Денес, зад мене стојат шест претстави во соработка со „Златен Елец“. Независната сцена ми даде простор да се градам како режисерка и слободно да работам проекти што навистина ми се важни, со теми и форми кои ретко би имале можност да бидат поставени во институционален театар и за тоа сум многу благодарна.

Во Bашата претстава „Кенди“ ја обработувате темата на љубовта и зависноста, инспирирана од романот на Лук Дејвис, но и со дополнителни документарни материјали. Како дојдовте до овој проект и каква беше соработката со здружението „Хопс“?

– „Кенди“ е мојата трета претстава која се случи во 2022 година и ова беше проект кој во тој период долго го сонував и разработував уште од 2018/2019 година. Додека студирав, првпат го прочитав романот на Лук Дејвис (Candy: A Novel of Love and Addiction / Кенди – Роман за љубов и зависност“) и од тогаш имав силна желба да го поставам на сцена. Многу случајно сите околности се споија и ја реализирав претставата во продукција на Театар „Златен Елец“. Секако, освен романот, голема инспирација ми беше и истоимениот филм со Хит Леџер и Аби Корниш во режија на Нил Армфилд. Но, уште поважно ми беше тоа што сакав темата да ја поврзам со нашата локална реалност. Затоа инсистирав на соработка со здружението „Хопс – Опции за здрав живот“ Скопје. Бев убедена  дека треба да се приклучат во проектот, затоа што не сакав да прикажувам нешто толку чувствително и специфично на сцена без поддршка од професионален тим.

Соработката со „ХОПС“ ми овозможи да вклучам автентични документарни материјали, нивни истражувања и сведоштва. Сметам дека тоа само ја збогати приказната без романтизирање, туку со факти проверени од стручни лица. Во претставата има и многу импровизации, авторски материјали и актерска слобода, и тоа се испреплетува со документарните и книжевните извори. На тој начин „Кенди“ ја прикажува реалноста за користењето на дроги, а истовремено ја отвора темата за предрасудите и дискриминацијата со кои секојдневно се соочуваат корисниците на дроги и другите маргинилизирани групи во нашата држава.

Со тоа што ја добивте наградата „Биш“ на МОТ, за најдобра домашна независна продукција, добивте и можност да создадете нова претстава, со која беше отворено минатогодишното издание на фестивалот. Зошто токму „Хинкеман“ и како ја избравте актерската екипа?

– Во тој период од животот имав неколку желби, текстови кои сум сакала да ги работам во одреден момент. „Хинкеман“ ми беше многу голема креативна желба. Со наградата на МОТ добив непланирана шанса да започнам нов проект и почувствував дека е вистинско време да исфилтрирам одредени чувства преку оваа драма. Делото е издадено во 1923 година, а Толер го пишувал во затвор по Првата светска војна. Она што најмногу ме фасцинираше е колку лесно можеше да се адаптира во денешен контекст – ништо суштинско не е сменето од тогаш до денес: предрасудите, односите меѓу луѓето, недостигот од емпатија.

За овој проект, за мене од голема важност беше да го имам вистинскиот актер за главната улога, ликот на Јуџин Хинкеман кој го игра Бобан Алексоски.

Неговата енергија на сцена, чувствителност и емпатија беа клучни за оваа улога, не секој актер може искрено да се впушти во толку тешка и емотивна приказна и да го преживува овој лик на толку искрен начин. Тој беше единствениот на кој му верував за да ги каже сите тие силни реплики на Толер, бидејќи го знам цело негово искуство со ликови како Аксентие Иванов и Војцек и крајностите до кои може да оди како актер.

„КЕНДИ“ Претстава која ја обработува темата на љубовта и зависноста

Можете ли да ја претставите целата екипа?

– За овој проект барав енергични, слободни актери со многу специфична енергија. Нашата претстава е поставена од гледна точка на една трупа или еден вид на freak-show и сметав дека за тоа ми требаат актери кои ја носат својата енергија до некоја кулминација на сцена и се слободни за импровизација. Од премиерата до денес екипата се видоизмени и прошири. Денес, Грета Хинкеман ја играат Талија Настова и Надица Петрова, Пол Гросхан е Ане Блажовски, Импресарио –  Дритон Вејсели и  Филип Христовски, Леонида Гулевска ја игра Франце, а Бранко Михајлоски игра две улоги – Макс Кнач и кловнот Роберто Еластико. За ликот на Франце, можам да издвојам дека е многу специфичен израз кој произлегува од самата актерка која комплетно ја сфати мојата идеја и од многу малку информации од самиот автор создаде лик клучен за целата приказна.

Оваа претстава не говори само за хендикеп, туку и за војна, за меѓучовечки односи… Како ја гледате нејзината актуелност денес?

– Јас го препознавам светот денес во делата на Ернст Толер, особено во „Хинкеман“ Сѐуште живееме во систем полн со насилство и предрасуди и сѐуште слушаме за војни и нови напади. Дали нешто се менува во човечката душа низ историјата? Во „Хинкеман“ се отвораат многу важни социјални и анти-воени теми кои мислам дека се многу актуелни во тој поглед. Кога обработувам вакви теми најважно ми е публиката да излезе од претставата со чувство дека емпатијата е неопходна во еден ваков свет.

Како изгледаше процесот на работа и што за вас значеше учеството на МОТ?

– „Хинкеман“ за мене беше интензивен и креативен процес. Во процесот на работа бевме фокусирани на Хинкеман и идеите што ги носи самиот лик, но исто така многу работевме на колективната игра – многу вежби, игри, задачи за актерите, разговори за т.н sideshows или freak shows, Толер, експресионизам, како и бројни импровизации. Во исто време, често користевме елементи од циркусот, споделував листи со филмови, слушавме The Doors и работевме со музика во живо, која силно влијаеше врз ритамот и енергијата на претставата. Ова ми беше и прв процес во кој работев со алтернации, поради зафатеност на актерите, како и прва претстава со поголема актерска екипа, предизвикувачки на логистичко ниво, особено за една независна продукција. Премиерата на МОТ за нас беше големо признание и поттик. Тоа беше можност да ја претставиме нашата работа во контекст на фестивал кој со децении негува храбри и автентични театарски јазици. Многу од претставите што ме инспирирале мене, сум ги гледала на МОТ. За мене лично, тоа значеше уверување дека независната сцена има што да каже и дека нашиот труд и истражување се препознаени.

БОБАН АЛЕКСОСКИ Овој актер го игра главниот лик во претставата „Хинкеман“

Имаше ли некои интервенции во претставата и како тие влијаеја на финалниот резултат?

– Во претставата има многу интервенции особено во драматуршки поглед и самата структура на приказната. Си дадовме за слобода да работиме и со авторски материјали, особено во ликот на Импресарио и неговата улога во раскажувањето на приказната и целокупната слика на претставата. Секако, има и многу актерски интервенции и импровизации кои за мене се клучни и работата со актерите ми е најважниот дел од процесот. Ваквите интервенции според мене само ја збогатија нашата претстава и ни овозможија креативен процес.

Каква е иднината на овие претстави? Ќе се играат ли на сцената на МКЦ и надвор од градот?

– Со Театар „Златен Елец“ секогаш се трудиме да ги одржуваме во живот претставите што ги работиме, преку гостувања, фестивали и изведби надвор од Скопје. Не можам да се откажам од одредена претстава после премиера и да ја заборавам. Доколку имам актери кои што сакаат да играат и поддршка од Театар „Златен Елец“  нема причини зошто една претстава не би се играла. Сепак, секоја претстава си има различна иднина и не секогаш можеме да контролираме кога една претстава ќе се изигра за последен пат. Театарот е еден краток момент кој никогаш не може да се повтори и да се врати назад, луѓето се менуваат и моментите завршуваат. „Хинкеман“ досега се има изиграно седум пати и ова е проект кој само што го почна својот пат и се надевам на уште многу изведби и долг живот.

Во оваа 2025 година имавте неколку реализирани проекти, гостувања во Македонија и  во странство, како и активно лето во повеќе градови. Можете ли да ни раскажете накратко за овие проекти и што Ви значеше работата на нив?

– 2025 година ја започнав со работа на претставата „Чиста куќа“ од Сара Рул во Народен Театар „Војдан Чернодрински“ Прилеп, мојата прва претстава во државен театар и многу ми е драго што ми се случи дома во Прилеп. Потоа бев дел од Конкурсот за млад театарски режисер „Слави Шкаров“ 2025 во Русе, Бугарија и наградата за најдобар млад режисер таму ми донесе шанса да работам во Драмскиот театар во Русе следната година. Ми се случи една неочекувана шанса која ме охрабри и ми даде надеж во професијата. Со претставата „Добри луѓе“ штотуку ја завршивме летната турнеја со седум изведби низ Македонија и на фестивалот „Позориште без граница“ во Тузла, БИХ. „Хинкеман“ се изигра на Sarajevo Theatre Showcase и во Драмски театар Скопје за денови на независна продукција. Во моментот сум во нов процес за претставата „Сина Сенка“ по текстот на Брајан Рејнолдс. Овој проект е директна соработка со авторот и за мене е едно сосема ново театарско искуство.

Filed Under: Ревија

ЗОШТО ЕВРОПА НЕ ГИ ПОДДРЖУВА СТУДЕНТИТЕ И ШТО БИ ДОНЕЛ ПРИМЕРОТ ЗА МАКЕДОНИЈА ОД ПРЕД ЕДНА ДЕЦЕНИЈА?
OБЈАВЕНИ ЦРВЕНИТЕ ЛИНИИ ЗА СДСМ СЕ ЈАЗИКОТ, ИДЕНТИТЕТОПТ, ИСТОРИЈАТА И КУЛТУРНИТЕ ОСОБЕНОСТИ
ТАМАРА СТОЈАНОСКА: ТЕАТАРOT КАКО ПРОСТОР ЗА ЕМПАТИЈА И РЕВОЛТ
ПEНЗИОНИРАЊЕ ШТО ПОДОЦНА: ДАЛИ ПРОДОЛЖЕНИОТ РАБОТЕН ВЕК Е ОДГОВОР НА КРИЗАТА?
ПУТИНОВ ПОКЕР, РУСКИ РУЛЕТ (146) КРЕМЉ ГИ ЗГОЛЕМУВА ДАНОЦИТЕ, МУ ТРЕБААТ ПАРИ ЗА ВОЈНАТА

Најново

  • ЗОШТО ЕВРОПА НЕ ГИ ПОДДРЖУВА СТУДЕНТИТЕ И ШТО БИ ДОНЕЛ ПРИМЕРОТ ЗА МАКЕДОНИЈА ОД ПРЕД ЕДНА ДЕЦЕНИЈА?
  • OБЈАВЕНИ ЦРВЕНИТЕ ЛИНИИ ЗА СДСМ СЕ ЈАЗИКОТ, ИДЕНТИТЕТОПТ, ИСТОРИЈАТА И КУЛТУРНИТЕ ОСОБЕНОСТИ
  • ТАМАРА СТОЈАНОСКА: ТЕАТАРOT КАКО ПРОСТОР ЗА ЕМПАТИЈА И РЕВОЛТ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet