Аналитичарите пресметаа дека за „чување на нафтените полиња“ на Трамп ќе му требаат повеќе американски војници отколку што на Блискиот исток ги имаше кога стана претседател!
ИВАНА ЈАНКОВИЌ
Иако гласно го најави заминувањето на трупите, Трамп очигледно сега ќе мора да распореди значително поголеми сили, а некои трупи дури ќе се вратат во истите бази што ги напуштија пред неколку дена – во источниот регион Деир Ел Зор, дом на една третина од сириските резерви на нафта.
Во бран на задоволство од успешната кампања што го уби Абу Бакр ал-Багдади, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека најавеното повлекување на војската ќе биде нешто поразлично од тоа што го вети. Се разбира, станува збор за нафта, полиња што треба да се „заштитат“ или, како што Трамп живописно го објасни со зборовите – „ајде да влеземе таму и да го дистрибуираме богатството“.
Оние кои се надеваа дека ова навистина може да биде крај на американскиот ангажман и дека војниците би можеле да ја дочекаат Новата година дома, брзо пресметаа дека за оваа акција ќе бидат потребни повеќе војници отколку што имаше кога Трамп стапи на функцијата претседател и вети дека ќе стави крај на „вечната војна“ и ќе ги повлече американските сили.
Иако сè уште нема официјални информации, изјавите што кажуваат што ќе биде потребно, вклучително и тенкови, укажуваат на тоа дека ќе биде потребна дополнителна армија, можеби двојно повеќе отколку што има сега. Со таа бројка, нагло се зголемува бројот на војници со најавените 200, што требаше да остане на сириско тло, на скоро 2.000, што навистина може да се најдат на нафтените полиња.
Од политичките противници на Трамп, преку аналитичари до правници и експерти – сите се согласуваат дека оваа идеја е неетичка, најверојатно незаконска, но секако скандалозна, како што многумина ја перцепираат. За да биде комплетен апсурдот, некои ќе се вратат во истите бази што ги напуштиле претходниот ден – во источната област Деир ел Зор, каде се наоѓаат најважните наоѓалишта на нафта. Не е случајно што тука започна војната, бидејќи тука се наоѓаат третина од сириските резерви на нафта.
Бунтовниците успеаја да ја задржат областа, поточно, за таа никогаш да не падна во рацете на силите на Башар ал Асад, иако бунтовничките групи се менуваа, се распаѓаа и повторно се создаваа. Со поддршка од САД, директна и индиректна, со нафтата цело време се тргуваше.
Исламската држава наруши сè кога ги презеде полињата во 2014 година и продолжи со тргување на црниот пазар. Проценките покажуваат дека ИД со тоа собрала околу 40 милиони долари месечно. Кога биле уништени џихадистите, силите на Асад сè уште немале пристап до нафтените полиња.
Сепак, војната го стори своето, како што проценува ММФ, од поранешните 385.000 барели на ден, пред да започне конфликтот во 2011 година, до едвај 40.000 сега, но тоа не е сè. Деир ел Зор е важен на многу начини. Важен е затоа што е добар изговор да останете во Сирија и што би можело да значи ова освен да има реакција на Москва.
Русија веќе предупреди дека учеството на САД во трговијата со нафта е нелегално и дека нивното присуство на сириска територија е нелегално, на што Вашингтон одговори дека ќе ги брани нафтените полиња и нема да дозволи Асад или руските сили да им пристапат.
Дали Пентагон шпекулира дека користењето на нафта е причина Трамп да се согласи да се откаже од повлекувањето, или нафтата е амо изговор да не се откаже од позицијата во Сирија, сеедно, со овој потег се донесоа нови немири, од Москва, Техеран, Истанбул и Дамаск до Вашингтон. Нема крај на сириската приказна; во војна или мир таа останува место каде се кршат копја не само за нафтата, туку и за нешто малку поопасно, за моќта и влијанието врз целиот регион.