Години наназад го славиме танцот истакнувајќи ја неговата моќ да го изрази сето она што е длабоко потиснато во нас – неговата трансформативна сила и духовно значење – се отвори 21. издание на овој фестивал

ЕЛЕНА АНГЕЛОВСКА
Завесата на дваесет и првото издание на Танц Фест – Скопје официјално се крена на 29 април, Меѓународниот ден на танцот, во Македонскиот народен театар. Отворањето започна со краток перформанс на Универзитетската танцова компанија „УЦСБ“ од Санта Барбара, Калифорнија, читање на македонската порака по повод денот на танцот и премиера на „Идентитети – будење“, третото и последно дело од трилогијата „Будење“ на кореографката Рисима Рисимкин.
Години наназад го славиме танцот истакнувајќи ја неговата моќ да го изрази сето она што е длабоко потиснато во нас – неговата трансформативна сила и духовно значење. Танц Фест е местото каде што телото зборува, каде што му се дава глас и видливост на танцот како уметност. Годинава, пораката од Македонскиот центар на Интернационалниот театарски институт при УНЕСКО ја испраќа кореографката и танчерка Адријана Давчевска Ровчанин:
„Танцот е активизам, тој ни дава можност да се соочиме со себе, да ја истражиме и раскажеме својата лична приказна, а потоа да ја споделиме таа посветеност со другите. Танцот ни подарува бескомпромисно чувство на слобода. А што е подобро од слободата? Танцот има моќ да ги обликува сложените животни цели и да инспирира промена.“
Оваа порака беше проследена со едноминутен молк во чест на трагично загинатите лица во Кочани, како симболичен чин на почит и солидарност.
МЕНАДА ЗА ЅВЕЗДА ОД ПАРИСКАТА ОПЕРА Во текот на изминатите 21 година, Танц Фест донесе бројни светски компании кои на сцената во Скопје ги претставија актуелните меѓународни танцови тенденции. Тие зборуваа за новите танцови надежи кои ги запознаа тука, а и светските медиуми известуваа за фестивалот и за наградата „Менада“ – признание за врвни достигнувања во областа на танцот. Меѓу добитниците се и значајни македонски дејци, но и интернационални имиња како Владимир Васиљевич (Бољшој театар), Ханс ван Манен (Холандија), Милко Шпаремблек (Хрватска) и Дидие Дешан (Франција).
Годинава, добитник на „Менадата“ е ѕвездата на Париската опера, Роксан Стојанов – девојчето што ја играше Ѕвонка во претставата „Петар Пан“ на детското балетско студио „Ту-Ту“, под менторство на нејзината прва учителка Ирена Лозинска. Од тие почетоци до врвната сцена на операта „Бастиља“ во Париз, Стојанов освои бројни признанија. Но, како што самата рече при доделувањето, оваа Менада има особено значење за неа:
„Имам две националности, две култури. Иако француски ми е прв јазик, на македонски прво научив да пишувам на кирилица. Иако последниве години живеам во Франција, Македонија е мојата душа. Танцот е универзален јазик и не познава граници. Ова признание ме прави бескрајно среќна и емотивна. Благодарам на Танц Фест, на Рисима Рисимкин. Се надевам дека еден ден ќе можам да ѝ возвратам на Македонија – со настап на македонска сцена.“

35 ГОДИНИ СОВРЕМЕНА ТАНЦОВА СЦЕНА Овогодинешниот Танц Фест има и симболично значење: одбележува 35 години современа танцова сцена во Македонија. Овие години се исполнети со бројни соработки, претстави, полни сали и креативна енергија. Посебен аплауз доби и споменот за неодамна починатиот композитор и продуцент Тоше Поп-Симонов, кој остави длабок белег со музика создадена за современи танцови претстави.
Новиот уметнички директор Матеја Мијановиќ го води фестивалот кон визија која ја спојува уметноста на танцот со технологијата. Репертоарот, поддржан од Министерството за култура, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Францускиот институт, Италија и други партнери, вклучува интерактивна поставка во Чифте амам, како и бројни интернационални настапи.
Претставата „Идентитети – Будење“ на Рисимкин ја обедини танцовата сила на домашната сцена, како завршен дел од нејзината трилогија „Идентитети“. Таа се занимава со луѓето, карактерите, идентитетите… Музиката ја потпишува Тони Китановски, костимите се на Благој Мицевски, а сценографијата на Матеја Мијановиќ.
Оваа танцова претстава е потврда дека во нашата земја имаме жива, витална и полнокрвана сцена која што е спремна за реализација на нови подрачја. „Идентитети – Будење“ е третиот дел од трилогијата „Идентитети“ на кореографката Рисимкин, која што е воедно завршница по претставите под наслов „Идентитети“ од 2019 и „Идентитети – историја на еден растегнат сон“ од 2020. Со оваа претстава беше одбележан и 45 – годишниот јубилеј на уметничката кариера и творештво на Рисима Рисимкин.

Фестивалот го прогласи за отворен амбасадорот на Франција во Македонија, Кристоф Ле Риголер:
„Чест ми е вечерва да го отворам ова 21. издание на фестивалот. Честитки за континуитетот и за креативната енергија.“
Завршниот настан на Танц Фест – Скопје 2025 ќе биде на 13 мај, со интерактивната кореографска претстава MySelves на француската компанија Кеј-данс (K-Dance), пионери во спојувањето на современ танц и дигитална уметност.