Сите се сеќаваме како Мартин Протоѓер, инаку шеф на кабинетот на Груевски наеднаш стана паралелен преговарач за името со Грција со Никола Димитров, па вториов потоа си даде отставка. Сега професорката од Правен факултет Каракамишева, без никаква допирна точка со преговори за ДИК, кои се партиски, треба да биде актуелен „фластер“ на првиот човек на ДПМНЕ, очевидно за сметка на Фамилијата
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Во една сцена од Шекспировата „Јулие Цезар“ Марк Антонио и неговиот пријател Октавиус прават список на луѓе на кои можат да се потпрат во преземањето на власта во Рим, после убиството на Цезар. Октавиус предлага некој негов пријател со оценка дека е верен човек, некој на кого можеш секогаш да се потпреш. Антонио му одговара „Таков е и мојот коњ!“.
Барањето на таков вид на верност е карактеристика само на една партија на нашата политичката сцена – ВМРО ДПМНЕ, каде вои итсуство на внатрешна демократија бројот на дисидентите не е голем а и кога се јавувал, по некои крупни расколи, таквите немале никакви шанси на „милост“ (функции) додека не се врателе назад. Како покајници тие имале едукативна функција и на нив се покажувало со прст и се истакнувале како доказ на „врвната милост“.
ЖИВ ПРИСЛУШКУВАЧ Индикативно е дека во практиката на оваа партија постои функцкија на „дишач во вратот“ за некого во кого се нема голема доверба или кој мора да биде под присмотра на некој кој е верен и кој нема креативна ролја, освен што е жив прислушкувач и кој може следениот да го гази по ногата под масата ако тој ја мине црвената линија.
Најпознат таков пример беше со ставањето на „фластер“ на преговарачот за името со Грција Никола Димитров (на 8 септември 2008 година) при неговите дипломатски сеанси со њујоршкиот адвокат Метју Нимиц,во ликот на шефот на кабинетот на Груевски – Мартин Протуѓер. Иницијацијата во високата меѓународна политика на младиот и апсолутно , ама „верен до гроб“ шеф на кабинетот на Груевски (!), кадровско дете на Срѓан Керим (!!), покажа дека неговата реална ефикасност е само да биде залепен за некого кој од некоја причина не може да биде тргнат од позицијата која ја има, ама затоа може да биде „покриен“ со сопствен човек и да се контролира или умртви на некоја позиција. Знаеме дека Димитров потоа си даде одставка и се повлече од политиката, се додека новата власт не го врати назад и тој е секако еден од клучните фактори на креирањето на Преспанскиот договор!
ПРОВЕРЕНА Од каде се појави професорката Каракамишева во преговорите околу кадровското екипирање на ДИК во Клубот на пратениците? Најнапред, да се сетиме, дека таа беше единствениот придружник на кандидатот за претседател Иванов на последните избори, во 2014 година. На бините обично тој стоеше сам а во некое ќоше од бината, седната на столче (личеше на троножец), со тетратка од мал формат во рацете, седеше токму Каракамишева. Формално таа беше како и сега советник, иако местото на советниците не мора да е видливо. Напротив, тие се во бекстејџот: та зарем ако на Иванов нешто му се лизне во говорите, што нему несомнено може да му се случи, таа ќе му го грабне микрофонот и ќе го каже „она вистинското“?!
Нејзината актуелна ролја во Клубот на пратениците главно речиси никој и не се обидува да ја објасни. Таа му доаѓа како природно опкружување во кое треба да настапат вмроовските функционери, иако русокосата облечена во еден вид на премногу тесни пантолани, на границата да се нарече дека е во хеланки, едноставно ги прескокна сите политичари од врвот на партијата на Мицковски. Ниту по функција, ниту по позиција а ниту по вокација Каракамишева не припаѓа на кругот на оние од каде би било логично да влезе во Клубот на меѓупартискиот муабет и договарање.
КОМУ ДА МУ СЕ ВЕРУВА Но, Фамилијата очевидно нема доверба во лидерот чиј работен кабинет е велат често полн со странски дипломати, кои веројатно му вршат притисок да биде разумен во овие судбоносни околности за Македонија, а и кога не постои доверба ниту во оние кои се во соседните канцеларии во Шампитата. Затоа е тука Каракамишева, уште повеќе што процесот не може да се снима и на тој начин да се контролира партискиот лидер. Згора, ако Мицковски се согласи на некое решение кое отстапува од плановите и пред се од потребите на Фамилијата, чеси посетители на Кривичниот суд, исплашени од можноста да се влезе во НАТО и да се пријде во пристапните преговори со ЕУ, бидејќи ним дури тогаш ќе им биде запечатена судбината, бараат Мицковски да игра по жица и бара по нив квалитетни разменски решенија. Каракамишева секако тука е сведок на обвинението кое би уследило ако Мицковски, како претходно и Иванов, не ја следат определената политика во разговорите со спротивниот политички табор.
Што би барала една правна советничка во ситуација кога се е јасно и кога околу идните решенија всушност веќе постојат определби и во самото ВМРО ДПМНЕ? Како што пишува во еден коментар деновиве во Дојче веле на македонски „изгледна апсурдно една работа што е веќе договорена – привремениот состав за ДИК – сега да се појавува како непреместлива пречка. Како што изгледа апсурдно ВМРО-ДПМНЕ да не се изјаснува за одржување референдум за името, иако тие најмногу ја пуштаа оваа плоча во последниве 25 години. Во таа апсурдност може да има некој систем – наводно амнестијата е нишката што треба да ги поврзе десетиците фракции во партијата кога нема една конципирана политика. Најсилното политичко оружје на ВМРО-ДПМНЕ во овој момент – пратеничката група, составена од прекалени парламентарци, е фрлена на маргините. Таа дејствува по инерција, повеќе да се каже дека има некаква морална должност да ги штити интересите на партијата, но во основа е оставена да чека на некаква конципирана стратегија од централата“. И да продолжиме со таа дилема – ако пратениците се оставени да глумат отпор кон сопствените претходни решенија, Дали можеби на Мицковски во еден миг ќе му се згади од сопствените апсурдни позиции, кога цел свет е против него, ќе му збурбати од позата на застапник на криминални досиеја па во еден миг ќе се согласи, дури, и покрај наредбата да издејствува „измени во Кривичниот законик“?!
НАСЛОВИ „Грција не сака решение за името“ (Максим), „Грција нема да сопре тука“ (Свест),, „Во октомври 2019 година Грција треба да одржи парламентарни избори“ (пост на Фејсбук), „Учете право од Грција и Романија“ (текст во Република, каде демек грчкиот Врховен суд со аболицијата, а сега и Уставниот суд на Романија со прогласувањето на неуставноста на нивното СЈО им дава лекција на нашите судии) се само дел од активностите на Каракмишева деновиве на страниците на медиумите кои покажуваат дека таа е најголемиот јаничар на рационалноста во науката и која ја поддржува неодржливоста на една политика, без усул. Некој кој може да се брука целосно и постојано и кога седи на столче на празна бина или им држи предавања по теорија на правото на полуписмените консуматори на бесплатен сладолед во шаторската населба во паркот спроти Собранието , едноставно се легитимира како послушник до крај. Згора и со титула.
На патот против правото и законитоста (значи имаме барање за промена на КЗ во Клубот на пратениците. нели, како замена за одржување на референдумот) таа го има вистинскиот политички драмамин. Нејзиниот желудник се’ издржува.