Впечатокот што го остава е силен. И тој тоа го знае. Мислам, свесен е за тоа. Таквиот пристап, пак, му дава на тоа што го зборува полноќа, смисла и мелодика, тежина и трага што можат да произлезат само од мисловниот напор и од сосредоточеноста врз смислата, врз идејата, врз меритумот на нештата за кои се произнесува
БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Никола Димитров е коктел од воздржаност и категоричност, од деликатност и страст, од контрола и шарм. Со тенко резне арогантност на врвот. На моменти делува згрчено, како човек на стара забарска столица, но не од страв. Тоа е само детал во совршено дотераната појавноста. Во која назалноста на гласот додава некоја чудна рељефност. Со својата култура и карактер и со високиот респект кон функцијата што ја врши, се става себе си во рамка што однапред ја подготвил и цврсто ја држи од внатре. Само тој прави мала пауза меѓу мислата и зборовите. Напорот да ја формулира мислата му претходи на тоа што ќе го каже. Тоа не е пауза што ја прават несигурните и неподготвените, обратно таа е дел од менталниот ритуал со кој се обидува да допре до проблемот, да ја разработи темата, тоа е дел од потрагата по најдобрите формулации, на можните решенија, на потребата да биде ослободен од притисокот на ефтините ефеткти и на лесното, брзо и празно зборување. Впечатокот што го остава е силен. И тој тоа го знае. Мислам, свесен е за тоа. Таквиот пристап, пак, му дава на тоа што го зборува полноќа, смисла и мелодика, тежина и трага што можат да произлезат само од мисловниот напор и од сосредоточеноста врз смислата, врз идејата, врз меритумот на нештата за кои се произнесува. Се разбира заедно со супериорното владење на надворешната политика, поткрепено со добра информираност и поткованост и во низа други области. Историјата, на пример. Луѓето тоа го препознаваат како тајна во која не сите можат да проникнат. Повеќето други политичари или не мислат или мислат на позата и на непосредната дразба, односно на тесниот фрекфентен опсег од кој секое излегување го доживуваат како несакан излет во просторот на паниката или на чистокрвното лупетање. Колку повеќе се трудат да глумат сигурност и знаење толку се повеќе празни и дури, би рекол, неподносливи за луѓето што во овие агресии на примитивноста, успеаја да останат колку толку океј. Тој убиствен ритам на ништото се шири на јавната сцена како тешка болест на целото општество. Во една прилика го критикував дека се труди на особено важен начин да третира и теми на кои според моето мислење и недостасуваше одредена доза на релаксираност и испумпување од вишокот на значења, но доследноста со која се држи до својот стил и комплицираностите за кои јас не сум имал доволно информации, потоа ми сугерираа дека можеби јас сум бил прелефтерен.
Заедно со европските манири на високата допломатска школа, секогаш финиот и добро дефиниран аутлук, го прави посебен, далеку над стандардите на македонската политика. Преспа е, се разбира, флагшип на неговата надворешнополитичка фабрика. Во тој капитален документ свои заслуги има меѓународната заедница, премиерите Заев и Џипрас дадоа клучен личен белег, неговиот колега Коѕиас одигра важна улога, но тие аспекти на нештата не ја намалуваат важноста на Димитрив туку ја нагласуваат неговата способност да работи и да остварува резултати во компликувани и противречни ситуации и теми кои бараат и колективниот напор. Добра основа за една фантастична кариера.