По дипломирањето на УГД, на катедрата по англиски јазик, кратко живеев во Англија, по што се вратив и ја завршив Филмската академија во Штип во класата на професорот Антонио Митриќески, кој предаваше режија. Многу научив од моите драги професори таму
По деби-наградата на Филмскиот фестивал во Амстердам, младата режисерка Тања Симоновска неодамна повторно беше наградена за нејзиниот краткометражен филм „Новиот почеток“ (The New Beginning). Тања, која веќе една и пол година живее во Амстердам, овој пат беше наградена на Фестивалот за најдобри кратки филмови организиран од најголемата онлајн филмска база IMDB.
– Филмот е направен во 2019 година и всушност тоа беше мојот дипломски филм. Јас сум режисер, продуцент и сценарист на филмот и за него намерно не поднесов во Филмскиот фонд, бидејќи, сакав да биде независен, а не да навлезам во административни процедури кои ќе траат предолго. Имав среќа да работам со Дејан Димески на камера, додека монтажата ја работеше Владимир Митревски-Ѓуле и, секако, мојот стар добар другар Андреј Ристески – вели Тања.
Пред да се пресели во Холандија, Тања сезонски живеела на островот Раб во Хрватска. Таа вели дека заминувањето од Македонија секогаш ѝ било во план, понесена од желбата да запознава нови култури и средини.
– Отсекогаш сакав да се иселам. Не се пронаоѓав во Македонија. Поголем град и микс на култури од цел свет е тоа што ме водеше кон подобар живот и, се разбира, кон подобри можности за работа. Кај нас, за жал, знаеме како е, врски, партии… – додава таа.
Ова не ѝ е деби издание на Тања, која претходно направи среднометражен филм, односно музички документарец. Станува збор за документарен филм посветен за културниот центар во Штип – Дом на млади. Се раскажува за неговите почетоци и работата во текот на годините, од раните 80-ти до денес. Застапеноста и ширењето на андерграунд културното движење и историја, за повеќето уметници од Македонија и од светот кои настапувале во него.
– Мојот прв филм се вика „Дом на млади – Штип“, кој го направив во надворешна соработка со ЕСРА, каде што мојот пријател, режисерот Гоце Цветановски ми помогна и ми дозволи да земам тим од студенти и опрема – додава Тања.
Таа инаку е дипломец по англиски јазик и книжевност со шпански на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Нејзината љубов кон филмот постои откако знае за себе, а при посета на еден филмски фестивал уште како средношколка, сфатила дека би сакала еден ден да се занимава со режија.
– По дипломирањето на УГД, на катедрата по англиски јазик, кратко живеев во Англија, по што се вратив и ја завршив Филмската академија во Штип во класата на професорот Антонио Митриќески, кој предаваше режија. Многу научив од моите драги професори таму. Кратко ни предаваше камера Димо Попов, а подолго време Роберт Јанкуловски, кој секогаш ме бодреше. Тоа е еден прекрасен професор и човек, така што сакам да нагласам дека од него премногу научив – се присетува Тања.
Тања е дел од првата генерација на Филмската академија во Штип. Академијата тогаш била спој од неколку институции како ФАМУ, ЕСРА и ФДУ. Инаку, покрај филмот, таа постојано црта, и тоа графика, исклучиво црно-бела техника. Еден период била толку добра, што професорите ги праќале нејзините цртежи во други земји. Сепак, не се насочила целосно кон таа уметност за да ја усоврши, туку останала доследна на разгатнувањето на филмската мистерија.
Јас имам долга врска со филмот. Како мала одев на часови по глума во драмското студио кај режисерот Симе Гаврилов во Штип. Во меѓувреме, воодушевена од посетата на еден филмски фестивал, сфатив дека режијата е мојата најголема љубов и дека со тоа сакам да се занимавам. Сакам да снимам авантури кои веќе, за жал, сѐ поретко се прават, како во стилот на „Индијана Џонс“, кој отсекогаш ми беше омилен филм. За жанр досега најмногу сум работела трилер/драма, а следно што ми е во план е исто така трилер со елементи на акција – додава Тања, како најава за нејзиното следно филмско издание.
(fakulteti.mk)