ЛИЛЈАНА МАЗОВА
„Еднаш свет изградив“ е нова претстава (21 март 2018) во Театарот за деца и младинци – Скопје, наменета за повозрасната публика, односно Младинската сцена. Целта и е да отвори важни прашања кои се поставуваат пред младиот човек, и воопшто човекот – донесени некогаш а се актуелизираат како неизбежни, сурови и со многу прашалници многу подоцна.
Текстот е работен според мотиви на романот „Сидарта“ на Херман Хесе. Се работи за семејна (општа) приказна која длабоко продира во односите на татковците и синовите (родителот и детето), во односите кои, сакале или не, се повторуваат низ живеењето и фазите во животот во кои се индивидуалните (познати) одлуки, последиците и повторувањата на истите. Автор на драмската сценска приказна е гостинот Јане Спасиќ кој е и режисер на претставата.
Целата претстава е истражувачки процес во кој актерите се соочуваат и ги одигруваат ожните елементи на прикажување на настаните кои ги покажуваат фазите на живеењето кои, да повторам, познато е дека се повторуваат. Во играта се петмина актери и едно дете: Драган Довлев, Ненад Митевски, Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Бојан Кирковски и зачудувачки ним рамноправниот во истражувачкиот процес девет (9) годишниот Михаил Стојановски.
Асистент на режија е Горјан Аревски, сценографијата е на Мери Батакоја, костимите на Бранкица Јордановска, композитор на музиката е Дарија Андовска, а дизајнот на светлото е на Звездан Миљковиќ.
Релацијата татковци и синови низ истражувачка преобразба и годините/возрастите кои се менуваат, ја прикажуваат таткото Драган Довлев, синот Ненад Митевски и малиот Михаил Стојановски. Значи, сопствената слика и сликата на синот како дете и возрасен ја формира сликата за важни универзални вредности во семејството. Сè е сопствен или самостоен избор. Тој е еднаш направен, а последиците се многу подоцна. Кругот во кој тие избори се повторуваат, поставувајќи го прашањето за неговата исправност/смисла и колку и каква е секоја животна фаза е, всушност, целата на сценската приказна и игра.
Во претставата и низ текстот, режијата и играта, не се бараат одговори. Тие, едноставно, не се можни. Само се значаен показател за секој, особено младиот човек кому му е и наменета претставата.
Драган Довлев, таткото, е највозрасниот во меѓусебните релации – осамен сенилен човек кого и кога режисерот го „враќа“ во годините кога донесувал одлуки, по многу години се среќава со синот со кој се отуѓиле, не се виделе со години, не прашале еден за друг. Синот го игра Ненад Митевски кој го има за двојник (може и негов син) малиот Михаел Стојановски.
Во релациите и одлуките од некогаш кои и не се менуваат туку само се преиспитуваат, битно влијаат и ликовите што ги играат Наташа Петровиќ, Симона Спировска и Бојан Кирковски. Секоја нивна појава е битен елемент во истражувачкиот процес кој од сите бара кохерентност во дооформувањето на приказната. За сите во неа таа не е едноставна. Напротив, поставува/бара игра која ги дообјаснува или повеќе нагласува одлуките од некогаш, состојбите кои се истражуваат и се во денешен контекст. Тројцата ја доградуваат атмосферата на мачнина, можеби и на каење, а најважно на размислување. Во секој случај во прилог на прашањата кои си ги поставува младиот човек, но и оној кој некогаш бил млад. Таквата поставеност и игра нема одговори, има само состојба.
Во атмосферата н играта во семејната приказна ги следиме животните фази, состојбите и настани кои имаат последици. Заедно го насочуваат вниманите на гледачот на значењето и последиците од изборот на животните постапки.
Акцент во играта на актерите режисерот посветува и на состојбата прашањето дали децата со евентуалните самостојни избори можат да влијаат со свој избор или секогаш се во тркалото или сенката на родителите.
Од овие универзални вредности расте и играта на Драган Довлев како таткото. Тој трансформациите и дилемите, тагата, заборавеноста и одлуките од некогаш, ги варира од сцена во сцена, од ситуација во ситуација. Секогаш навидум спокојно, но и многу точно. Целосно ја кулминира состојбата на немоќност да се дојде до некој конечен одговор.
Заедно со играта на одмерениот, умислен, задоволен или зачуден Ненад Митевски како синот, и со малиот одлично вклопен во приказната Михаил Стојановски: Со другите тројца актери, крајот за нив и за гледачот е отворен. Битно е да се откриваат, слој по слој, семејните односи. Оние кои ги има и во „Сидарта“ на Херман Хесе и на ново/стар начин што е главен адут за претставата „Еднаш свет изградив“ и последиците од тој „изграден свет“.
Тој изграден свет претставата го разоткрива/насочува низ размисла. Се разбира бара и концентрација и зрелост од гледачот, пред сè младиот човек. Каква што и е и намената – над 15. годишна возраст.