Глумат во сали борејќи се за термин со игроорни друштва, оркестри, пејачи и други уметници, поради немање греење, понекогаш користат помали сцени, а проектите за нови театарски згради чекаат одобрение за градба или се градат со години

ЖАНЕТА ТРАЈКОВСКА
Голем дел од театрите низ градовите надвор од Скопје се оставени да работат во рамките на центрите за култура, без свои театарски објекти, принудени да ги делат салите во кои настапуваат со културно-уметнички друштва, концерти, приредби и други манифестации. Театарските работници го вложуваат максимумот за театрите да останат живи и во вакви услови. Но, нивната продукција и театарскиот репертоар мора да ги приспособуваат врз основа на другите културни програми. Театарџиите со години сонуваат да бидат независни и да имаат свои театарски згради.
Кумановскиот театар функционира во рамките на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, а во него опстојуваат два театарски ансамбли – македонскиот и албански. Тие ги користат истите простории со Центарот, а за време на грејна сезона големата сала нема греење.
– Секако дека постојниот простор не е доволен. Како прво, тоа не е театарска зграда, а Центарот си има свои активности, концерти, фолклорни настапи, изложби. Сите се трудиме на некој начин да функционираме. Напорно е понекогаш, но немало инциденти. И премиерите ги реализираме поддржани до Министерството за култура и детска претстава правиме со сопствени средства. Најголем проблем е што нема затоплување во големата сала. Поради тоа, ние мораме да го одржуваме нашиот репертоар во една мала сала – вели Сашо Тодоровски, директор на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Надеж гледаат во реконструкцијата на театарската зграда, која започна во 2021 година, а според очекувањата ќе биде готова за две години.
– Имаме доста завршено од реконструкцијата на театарската зграда, три сали се готови, направени се нови гримиорни, предвидена е нова читалница, направени се нови светлосни и тон-кабини. Сега доаѓаат и другите фази, треба да се промени покривната конструкција, а потоа да се сместува термотехника, инсталации и на крај фините работи -солчиња, светла. Но, сето тоа зависи од финансиите – вели Тодоровски.
И Театарот во Струмица чека да добие своја театарска зграда. Опстојува при Центарот за култура „Антон Панов“. Уште не е изграден објектот за кој пред 11 години се стави камен-темелник, а треба да биде автентичен на старата театарска зграда која изгоре во 2001 година, а во која опстојуваше Театарот во времето на СФРЈ.

– Театарот во Струмица нема самостојна зграда повеќе од четириесет години. Уште од отворањето, Центарот за култура е домаќин на Театарот, односно од 1986 година до ден-денес. Центарот за култура има уште неколку сектори: музичко-сценски, ликовно-галериски и сите други можни настани се случуваат во овој објект, а имаме и кино-проекции. Тоа е малку посложено за менаџирање, но со добра организација и добар план, ги усогласивме сите термини. Кај нас секогаш е полно и со проби – вели Драган Маџиров, директор на Центарот за култура во Струмица, кој претходно 17 години беше уметнички директор на Театарот.
Големата сала во Центарот за култура ја имаат приспособено да биде и камерна, но директорот вели дека тоа е една сцена на која не може истовремено да се изведуваат два настани.
Во Прилеп од 2004 година театарот „Војдан Чернодрински“, кој функционираше како самостојна културна установа, Министерството за култура го спои со Центарот за култура „Марко Цепенков“. Но, опстојуваше со своја театарска сала. Таа сега е затворена, заедно со онаа на Центарот за култура зашто Дирекцијата за заштита и спасување при контроли во март годинава утврдила дека не се безбедни за масовни приредби. Има постоен проект за изградба на нова театарска зграда завршен од крајот на минатото лето, не на локацијата каде што е моментално Театарот, туку повторно во рамките на Центарот за култура, но уште нема добиено одобрение за градба.
Министерот за култура Зоран Љутков, по професија актер, при неодамнешната посета на Прилеп изјави дека имаат план како да ги отстранат недостатоците и прво да го отворат Центарот за култура, а потоа и Театарот во Прилеп. Но, градбата на нов театарски објект ќе мора да почека подобри инвестициски времиња.
– Некаде околу 60 милиони евра сме отворени во делот на капиталните инвестиции кои што треба да ги завршиме до крајот на мандатот. Затоа и проектите кои не се започнати ги ставивме во програмата 2024/34, проекти кои се веќе готови, изработена е проектната документација, како што е Театарот во Прилеп, но сѐ додека не се завршат поголемиот дел од сегашните капитални проекти, кон нови нема да можеме да пристапиме бидејќи реално тоа е буџетот со кој располагаме – рече Љутков.

Програмата на Министерството за култура за изградба на нови и реконструкција на постојните објекти на културата за 2025 година содржи 11 проектни активности. Пет од нив се однесуваат на инфраструктурни зафати врз театри надвор од Скопје. За изградба на Стариот театар во Струмица и на нов објект за театар и библиотека во Тетово се издвоени по 15 милиони денари, за реконструкција на Кумановскиот театар и објектот „Партизан“ при Народен театар Битола по 5 милиони денари и за санација на купола, олуци и партер на театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес еден милион денари. Вкупно изнесува 123.775.000 денари, од кои 41 милион денари ќе бидат искористени за реконструктивни зафати на театри од внатрешноста.(fakulteti.mk)