Економијата се движи во позитивна насока, а со успешно придвижување кон НАТО и кон ЕУ може да се очекува забрзување на економскиот раст. Ова меѓу другото го наведува министерот за финансии Драган Тевдовски во интервју за МИА, во кое говори и за новите кредитни линии од ЕИБ и ЕБОР од 130 милиони евра за мали и средни претпријатија.
Неделава потпишавте договор со Европската инвестициска банка (ЕИБ) за 100 милиони евтини кредити за мали и средни претпријатија. Кога и како компаниите ќе можат да аплицираат за овие средства?
Оваа недела потпишавме договор со Европската инвестициска банка за 100 милиони евра за дополнителна ликвидност на мали и средни претпријатија што ќе можат да се користат од средината на октомври. Тие ќе треба да аплицираат кај деловните банки. За нас е важно што се обезбедува пристап до дополнителен капитал или евтини кредити за малите и средни претпријатија кои се основа, р’бетот на економијата. Важно е да се каже дека тие ќе можат да прават и рефинансирање на постојни кредити, односно, ако веќе вложиле во опрема или други инвестиции ќе можат да ги заменат тие со поевтини кредити.
Најавивте 130 милиони евра средства евтини кредити за малите и средни претпријатија. Кога ќе добијат малите и средни претпријатија пристап до евтините кредити од ЕБОР?
Покрај постојните 100 милиони евра има дополнителна можност за малите и средни претпријатија во износ од околу 30 милиони евра или заедно севкупно 130 милиони евра. Средствата се обезбедени преку Европската банка за обнова и развој. Веќе 10 милиони евра од нив се активни, односно се пласираат преку Охридска банка и значи веќе претпријатијата можат да аплицираат. За нас како Министерство е важен интересот од страна на претпријатијата за двата инструмента. Наредната недела се предвидува и потпишување на договор за кредит за патот од Крива Паланка до граница со Бугарија во износ од 10 милиони евра плус ќе има 2,7 милиони евра грант од Инструментот за Западен Балкан. Со тоа покрај експресниот пат Ранковце-Крива Паланка, комуникацијата со нашиот источен сосед ќе биде сериозно подобрена.
Во второто тримесечје од годинава статистиката забележа раздвижување на економијата. Проекцијата на Владата за раст годинава е 3,2 поценти. Очекувате ли да се остари оваа проекција и кои се перспективите за понатаму, односно следната година?
Макроекономските показатели се движат во одлична насока. На пример, индустријата од почетокот на годината има раст поголем од пет отсто и тоа со забрзување во последните месеци некаде меѓу осум или 12 отсто. Потоа извозот во првата половина од годината е многу силен и тој е повисок за 14 отсто во однос на минатата година. Влезот на странските инвестиции е 325 милиони евра или двојно поголем од просекот на претходните три години, односно за половина година имаме двојно поголемо остварување од изминатите цели години, што значи дека веќе започнува посериозен прилив на капитал. Важно е дека невработеноста се намалува и во последниот квартал таа се намали за 0,5 процентни поени, односно од 21,6 отсто на 21,1 отсто. Исто така еден од нашите главни приоритети се платите. Тие растат, од почетокот на годината во просек тие се пораснати за 5,6 отсто. Наплатата на даноците е одлична. Сево ова укажува на тоа дека македонската економија се движи во позитивна насока. Тоа што е најважно е успешното придвижување кон НАТО и кон ЕУ. Евроатланските интеграции ќе обезбедат можности за повисок раст од оној кој е проектиран за оваа година. Може да се очекува забрзување на економскиот раст.
Економските придобивки од ЕУ се поврзуваат со европските фондови што ќе станат расположливи и големиот европски пазар. Какви економски ефекти очекувате од НАТО, со оглед дека станува збор за воен сојуз?
Од ЕУ сигурно дека имаме огромни придобивки бидејќи практично имаме грантови и европските даночни обврзници ни помагаат да изградиме нешто што е потребно како автопатишта и друга инфраструктура, пречистителни станици и слично. Приближувањето до ЕУ, секако, значи и ставање ред, подобра регулатива, достигнувања стандарди во сите области. За НАТО нема дилема дека е најмоќниот воен сојуз и дека тоа е практично гарант за безбедност и за инвеститорите. Секој инвеститор кога планира каде да инвестира тој размислува прво таму каде што е безбедно, а НАТО е гарант за безбедност. Од тие причини во земјите од регионот кои што влегоа во НАТО пред нас значи имаа многукратни позитивни ефекти на економијата. Првиот канал се секако странските инвестиции. Странските инвестиции ако ги погледнеме во Црна Гора пред и после влезот во НАТО двојно се зголемени. Слична е ситуацијата и во Албанија и во Бугарија, каде се повеќе од двојно зголемени странските инвестиции, некаде дури од девет проценти од БДП на 19,6 проценти од БДП. Исто така ако се гледаат бруто инвестициите во земјите што станаа дел од НАТО во 2004 година има сериозно зголемеување некаде од 25 проценти на 31 процент од БДП.
Сево ова ги придвижи економиите. На пример во Бугарија пет години пред и по влезот во НАТО е двојно зголемен растот и економското толкување за тоа е логично. Ова се ефекти кои што би требало и во Македонија да ги очекуваме. Исто така, создавањето на конкуренција меѓу фирмите ќе прави и фирмите да се обидуваат да привлекуваат подобри вработени, да даваат повисоки плати, а сето тоа ќе го подобрува животниот стандард.
Месецов се зголемуваат платите на здравствените работници и на просветните работници во основно и средно образование. Има ли доволно средства во Буџетот за сите овие зголемувања?
Апсолутно. Буџетот е подготвен и најважно е изгласан од Собранието со предвидени зголемувања на платите во Армијата, кои веќе се реализираат, а исто така, и во градинките, во училиштата и во здравството почнувајќи со септемвриската плата што ќе биде исплатена во октомври. Тие средства се обезбедени и ќе бидат исплатени од страна на Буџетеот.
Клучно за нас е дека ние сметаме оти овие два столба на државата, како образованието и здравството, мора да се јакнат и да се подобруваат. Секако можеби овие зголемувања на платите не се доволни за важноста на работата што ја ностат, но имајќи ги предвид можностите на буџетот ние секогаш ќе даваме приоритет на тоа што значи столб на општеството, а секако тоа е без дилема образованието и здравството.